Речиси 80 години, американскиот долар беше валута на светот. Немаше место на планетава каде би ви одбиле долари. Американската валута не беше универзална само затоа што се користеше во меѓународните трансакции и размени туку и затоа што се сметаше за долгорочно безбедно место за вредноста. Тоа беше добро за луѓето во Америка. Поради тоа што имаше многу долари во циркулација надвор од САД, позајмувањето пари внатре во САД беше вештачки евтино. Така средната класа можеше да си купи куќи, така американските влади можеа да прават астрономски долгови без сериозни последици.
Почнавме да се секираме пред една година, кога Русите влегоа во Украина. Таква војна сама по себе е сериозно пореметување но ситуацијата ја влоши западната реакција на таа војна. Оние што носат политички одлуки во САД полудеа. Бајден и Сенатот се решија не само да ја рушат руската власт и да работат на промена на режимот туку во воздух да го дигнат целиот глобален економски поредок кој толку долго ни одговараше.
Заканата за нас не се само оние милијарди долари што му ги праќаме на Зеленски. Тоа е крајно неодговорно но тоа нема да ѝ стави крај на Америка. Вистинската закана беа оние санкции без преседан кои Бајден ги наметна. Тие санкции требаше да ѝ наштетат на Русија но и лани ни беше јасно дека повеќе ќе ни наштетат нам.
Секој што ја доведуваше во прашање ваквата политика беше оцрнет како предавник и пион на Путин. Пленевме јахти, го затворивме Епл стор во Москва, нè убедуваа дека тоа се важни победи.
Човек се прашува дали тие навистина веруваа во тоа. Ако веруваа, тогаш се поглупави отколку што изгледаат. Санкциите никогаш немаше да функционираат како што беше ветено зашто, за разлика од САД, Русија нема финансиска економија. Руските олигарси не станале богати со кредитни акробации туку со продажба на реална стока која им е потребна на луѓето: нафта, гас, железо, ѓубрива, јаглен, жито... По некои параметри, руската економија е економија со најмногу ресурси на светот.
Една година подоцна, рубљата во однос на доларот стои исто како и пред почетокот на војната. Значи, не и наштетивме на Русија како што планиравме, си наштетивме себе си.
Од Дејли Колер:
„Клучна одлика на светската резервна валута е нејзината аполитичност која сега Бајден ја гуши. Откако двете партии ја уништија стабилноста на доларот со инфлација, администрацијата на Бајден почна да мавта со него како оружје. Пораката до странците е јасна: да се фаќа џаде дур се може. САД ги замрзнаа доларските резерви на руската централна банка. Да биде јасно: тоа не се американски пари, тоа се долари кои ги поседува руската централна банка и рускиот народ. Потегот требаше да го сруши рускиот банкарски систем. Не испадна така. Наместо тоа, само се обелодени спремноста на Бајденовата администрација да стави шепа на трилиони долари кои странци легално ги поседуваат. Опасен преседан“.
Што се случи следно? Паметни странци почнаа да го напуштаат американскиот долар. Затоа што тој веќе не е доверлив и сигурен чувар на вредноста. Одеднаш тој стана политичко оружје. Што ако ја критикувате миграционата политика? Што ако ја критикувате трансџендер идеологијата? САД може да ве оценат како неморален и да ви го конфискуваат тоа што го имате. Затоа што веќе го имаат сторено тоа, со Русија.
И така доларот стана сè помалку привлечен за остатокот од светот. Де-доларизацијата започна со неверојатна брзина, речиси без никаков медиумски интерес. Русија тргува во своја и кинеска валута, Бразил и Кина тргуваат во свои валути, Пакистан исто а долго време беше американски сојузник, Индија и Малезија исто, дури и една Франција која ја имаме ослободено, користи јуани за трговијата со течен гас.
Ова се случува со брзина која никој не можеше да ја предвиди. А се чини дека никој во Вашингтон не сфаќа што се случува. Ако сакаш да го утепаш доларот, почни да го користиш како политичко оружје или да печатиш пари без мерка. Тоа е економија за шесто одделение.
Ама Бајден не може да се секира за тоа. Минатата недела тој најави 9,5 милијарди долари за „јакнење на демократии по светот“. Во меѓувреме, масовно се празнат нашите стратешки петро-резерви а златните резерви не ни се полни со генерации.
Како ова се поправа? За почеток, со итно запирање на војната во Украина, што можеме да го направиме. Наместо тоа, ние се буткаме кон директен конфликт со нуклеарна Русија.
Поразување на Русите во Украина не е нашата најважна задача. Таа е многу, многу подолу од заштитата на вредноста на доларот. Ако нашите неодговорни лидери продолжат вака, сè повеќе држави во светот ќе го напуштаат доларот.
И што ќе се случи потоа?
Сите тие долари од надвор ќе ни дојдат дома а нивната вредност уште повеќе ќе се ничкоса. Тоа ќе води кон сиромаштија во цела Америка, проследено со политички и културолошки земјотреси кои следат по економскиот колапс.
Катастрофа. Сме го виделе тоа и порано. Ги паметите оние слики од Вајмарска Германија во раните 20-ти? Куп пари недоволни за едно кафе, деца си играат со безвредни дојчмарк банкноти. Таа влада колабираше заради хипер-инфлација па настанаа комунистички побуни во цела Германија за сето тоа да заврши со доаѓање на нацистите.
Но, малкумина се сеќаваат што доведе до економскиот колапс кој го фрли цел свет во оган? Зошто германската влада ја уништи сопствената валута? Просто. Заради една бесцелна војна. Да, бесцелна војна го направи тоа.
Ние то го правевме со децении, во Виетнам, Ирак, Авганистан.... И успевавме да се извлечеме секој пат затоа што ја поседувавме светската резервна валута. Овојпат тоа може да биде многу, многу поинаку. Војна со Русија ќе биде последната војна која ние ќе можеме да си ја приуштиме.
п.с. Она што на малкумина Американци им е гајле (пошто имаат поголемо гајле по дома) е кога доларот ќе колабира и на Америка ќе ѝ искрснат еден куп проблеми, сите оние банана-држави кои таа ги одржува во живот, ќе се претворат во Сајгон и Кабул. Дури тогаш ќе биде весело овде.