Кога Рамуш Харадинај на почетокот на годината со сопругата замина на зимско патување во Франција, тој не можеше ни да замисли како тоа случајно патување ќе влијае на иднината на неговата политичка кариера. Замина како втора виолина на опозициската коалиција која се спротивставуваше на широката владина коалиција на чело со Демократската партија на Косово (ПДК), за по само неколку месеци минати како затвореник по потерница на Интерпол да се најде на место мандатар на коалиција предводена од истата таа партија, а само уште неколку месеци подоцна да доживее Вучиќ од Белград да му "прати благослов" за формирање на нова косовска влада.
Државите членки на Интерпол, најголемата полициска организација на светот, во најмала рака се разнолики. Она што ги поврзува е рамноправност, барем што се однесува на распишување на Црвени потерници. Значи, еднакво се третираат потерници, да речеме, и од Иран и од Канада. Во случај пред граничната полиција на некоја земја да се појави т.нр. „црвена тревога“ во моментот кога се скенира нечиј пасош, не е важно (кога би генерализирале) дали налогот е поднесен од страна на фундаменталистичка исламска република или од либерална западна демократија. Во двата случаи, полицаецот, кој не мора да има длабоко разбирање за политичките околности и случувања вон неговата земја, мора да ја приведе таа личност во очекување на понатамошни правни чекори. Иако статутот на Интерпол нагласува дека организацијата не може да се меша во „активности од политички, воен, верски или расен карактер“ - што не секогаш е така - оние што го применуваат „уставот“ на Интерпол сигурно не можеа да претпостават како пост-кризниот политички русвај на Балканот вешто ќе манипулира со потребата за меѓународна соработка во прогонот на криминал од висок профил.
За Харадинај ова не е прв пат да биде приведен на некој аеродром - истата потерница во јуни 2015 го оневозможи преку Словенија да лета за Германија. Ниту пак тој е единствен косовски политичар за кој има активна српска потерница - поранешниот премиер и министер за надворешни работи, актуелниот претседател Хашим Тачи, ја доживеа истата судбина кога во 2003 патуваше преку Будимпешта. Она што во случајот со Харадинај се смета за специфично е фактот дека неговото задржување во Франција и споровозната француска судска бирократија започнаа механизам кој на крај доведе до чудна симбиоза на интересите на Белград и Приштина, иако целите им се дијаметрално спротивставени.
When in doubt, играј на „шиптарска“ карта
Апсењето на Харадинај за Вучиќ - кој често беше мета на критики од страна на политичките актери и националистичките гласови во Србија заради тоа што преговара и и' „попушта“ на Приштина во дијалогот во Брисел - дојде како „кец на десетка“. Не само што се работеше за косовски политичар кој е уапсен „благодарејќи“ на српска потерница, туку тоа беше поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и поранешен обвинет од хашкиот трибунал. Харадинај на Вучиќ му даде совршен повод за изживување и докажување, бидејќи се работеше за личност за која се претпоставува - и по низа ослободителни пресуди од Хаг - дека учествуваше во воените злосторства за време на судирот во Косово, како и за личност која тогаш се уште не беше еден од главните политички актери во Приштина, па можеше да одигра на националистичка карта, а да не го загрози својот углед на реформатор и прогресивец пред „меѓународната заедница“ и Европската унија. „А што да бараме,“ одговори на прашањето на новинарите за време на конференцијата за печат еден ден по апсењето на Харадинај, запрашан дали Србија ќе бара предавање на Харадинај.
Откако Харадинај е ослободен од притвор во Франција, изречена му е мерка за одземање на патната исправа и задолжително јавување во полиција два пати неделно, за да се брани од слобода додека судот во Колмар ја разгледува неговата можна екстрадиција во Србија. Вучиќ како реакција на тоа свика вонредна седница на Владата, на која е побарано „итно и неодложно“ предавање на Харадинај и почитување на потерниците на Интерпол од страна на сите европски држави. Ова последното директно се надоврзува на тоа дека голем број членки на Интерпол во Европа одлучија да ги игнорираат црвените потерници на Србија кога се во прашање косовски политичари и граѓани, оценувајќи ги како пресметка на Белград со Приштина.
Реакциите во Приштина и поддршката за Харадинај беа многу помоќни отколку кога тој беше приведен во Словенија. И тоа беше резултат на заострување на односите меѓу Белград и Приштина во тој период - бунењето на Белград околу национализацијата на Трепча од страна на Косово, блокирањето на обидот да се формира косовска војска и скандалот со возот. Целиот националистички бес кој со месеци пред тоа вриеше под површината најде повод за експлозија во апсењето на Харадинај и реакцијата на Белград. Граѓаните во Приштина се собираа во десетици илјади, започната е онлјан кампања за поддршка на Харадинај и слоганот-хаштаг „Haradinaj - Our man.
Харадинај прераснува во политички фактор
Растот на поддршката на Харадинај на Косово не остана незапазена од страна на другите политички актери. Најголемата партија во земјата, ПДК, која ги предводеше сите коалициони влади од прогласувањето на независност во 2008, во неговиот 4-месечен „престој“ во Франција и во растот на популарност дома, како и во пратечката реторика од Белград, виде озбилна закана за нивното понатамошно задржување на власта. До тогаш „Рамбо“ - прекарот на Харадинај за време на војната - за нив беше политичка смешка, склон кон шашави изјави во јавност и нетипично однесување во парламентот, чија партија никогаш не претставувала озбилна закана. Меѓутоа, ако било што на Косово може да гарантира широка поддршка од гласачите, тогаш тоа е константен бараж од Белград на некој од косовските политичар и негово прераснување во „жртва на српската политика“.
Харадинај не го дочека враќањето на своето парламентарно место. Во март годинава, додека се уште чекаше конечна одлука на францускиот суд за неговата екстрадиција, во косовскиот парламент и беше изгласана недоверба на Владата. На оваа одлука и претходеше резолуцијата за прекин на сите контакти со Белград и блокирање на дијалогот во Брисел се додека Харадинај не биде ослободен. ПДК и другите партии во нивната коалиција се плашеа од силна опозиција која со разни протести и акции, како фрлање солзавец во парламентот, успеа да го придвижи бесот и незадоволството на граѓаните и која лесно ќе може таа поддршка да ја претвори во изборна победа во претстојните избори во јуни.
Така е создаден „воениот фронт“. ПДК формираше широка коалиција со сите партии кои изникнаа од некогашната ОВК. Во коалицијата покрај ААК на Харадинај се најдоа и НИСМА (Иницијативата за Косово), партија против чиј претседател моментално се водат паралелни постапки за воени злосторства и корупција. Веста за формирањето на оваа весела коалиција, на која веројатно и било судено на крај да ги обедини сите што се бореле во војната, ја шокираше косовската јавност, која до тогаш беше навикната да ги гледа коалиционите партнер како едни на други си поставуваат сопки. Тоа беше и калкулацијата на креаторот на коалицијата: во ПДК сметаа дека еден дел од јавноста ќе биде „позитивно шокиран“ и ќе гласа за нив.
Српската листа како тајбрејкери
На крај се покажа дека кладбата на оваа коалиција и нејзината изборна победа заради „чувства од војната“ кои се уште доминираат меѓу граѓаните и не беше доволно силен потег. Иако коалицијата предводена од ПДК беше прва на изборите, со околу 33% од гласовите, таа не успеа да обезбеди парламентарно мнозинство, додека второ и третопласираните на изборите (Самоопределување и коалицијата предводена од Демократскиот сојуз на Косово - ЛДК) брзо и категорички се изјаснија дека со ПДК не би преговарале коалиција дури ни со ракавици. По ова, за Харадинај да го добие потребното мнозинство со 61 место во парламентот, му требаа пред се гласови од малцинските партии, кои имаат 20 од 120 места во косовскиот парламент.
Од претпоследните избори, Српската листа, како најголема и најбројна малцинска политичка опција на Косово, неретко играше клучна улога во изгласување на законите во длабоко поделениот парламент. И врапчињата знаат дека оваа партија директно ја контролира Вучиќ, кој ја има улогата на „партиски светец“. Тоа Српската листа и не го крие. Напротив, тоа е главната легитимација на Српската листа пред Србите на Косово. Ова листа врската ја користи за свое етаблирање како „најсрпската“ од сите партии кои се врзани за интересите на српското малцинство на Косово. Уште во текот на претходниот парламентарен мандат Српската листа беше склона кон непрестајни бојкоти на работата на парламентот, со месеци, посебно кога се преговараше за чувствителни прашања. Уште тогаш, лидерите на оваа листа воспоставија пракса на шетање до Белград и консултации со тамошниот врв (читај: фотографирање) и самиот Вучиќ.
Откако беа соопштение резултатите од јунските избори, со недели беше под знак прашање дали Српската листа ќе гласа за владата на Харадинај, што би го огорчило не само нивното гласачко тело туку и апсолутното мнозинство Срби на Косово, кои во него гледаат воен злосторник. Српската листа неколку пати изјави дека се подготвени „да преговараат со сите“ околу формирањето на новата влада, иако во суштина прашањето беше само дали ќе гласаат, или не, за Харадинај.
Пристигнува судбоносното „да“ од Вучиќ
Вучиќ многу добро ги искористи мачните пост-изборни калкулации и преговори за новата владејачка коалиција во Приштина. Целта е „повторно“ да се докаже не само во Белград, туку и во Приштина дека ништо не се може без него. За 7-ми септември беше најавена нова седница на парламентот за формирање на влада, и од претседателството на парламентот пристигнуваат сигнали дека е постигнато мнозинство - кое можеше да биде постигнато само со гласовите од Српската листа. Од рано наутро дента, ниту еден новинар не можеше да добие каква било потврдна изјава од некој претставник на партија. Се подготвуваа шаблони за вести за двете опции, иако сите извори од парламентот тврдеа дека се обезбедени потребните гласови, односно дека Српската листа се фатила за оро со „военото крило“.
Во 16 часот беше продолжена седницата на парламентот која утрината беше прекината. Српската листа никаде ја нема, што значи дека нема ништо ни од коалицијата. На социјалните медиуми и на порталите се појавуваат слики од нивните претставници како баш дента се среќаваат со Вучиќ во Белград. Истовремено, косовската опозиција, свесна за тоа дека сите ја чекаат Српската листа „да стигне на време во Косово“, упорно се обидува да го започне гласањето за формирање на влада, што во отсуство на Српската листа би значело неуспех за Харадинај како прв мандатар да формира влада и оваа можност да му биде предадена на друг мандатар, можеби и на некој од опозицијата. Претставниците на опозицијата притоа од парламентарната говорница предупредуваа дека ова повеќе не е само уште еден обид на Србија да влијае на внатрешните случување на Косово, туку дека е на пат инсталирање на Белград во косовскиот парламент и влада. Сепак, коалицијата на Харадинај, која веројатно во секој момент знаеше до каде е Српската листа со патувањето, успева да прогласи пауза до 19 часот.
На крај ќе се испостави дека веста на денот, кога требаше да се конституира парламент, беше онаа дека возилата на Српската листа се пред зградата на парламентот. Враќањето на Српската листа во Приштина беше вест по која ПДК и Харадинај конечно воздивнаа. И се вратија во парламентарната сала. Владата на Харадинај доби точно 61 глас и тој станува новиот премиер на Косово, на чело на најкревката влада во новата историја на Косово. Заслугата за завршување на 3-месечната пост-изборна криза на тој начин оди на адреса на Белград и директивата за Српската листа да гласа за оној чие испорачување заради воени злостори истиот тој Белград го бараше на сите ѕвона само неколку месеци претходно. Да не зборуваме дека пратениците на Српската листа (инструирани од страна на Вучиќ) гласаа за премиер и влада на Република Косово, која тој ист Белград исто така не ја признава. Прашањето на кое тука и најнеупатените можат лесно да најдат одговор е: луѓе бре, кој кого тука лаже?