Како „штедењето“ ја упропасти Грција

Еден од клучните митови за Грците во изминатите години е оној за нивното „расипништво“. Логиката е јасна: од перспектива на богатите држави кои се сопственици на грчкиот државен долг, најважна работа е тој долг да се исплаќа, а Грците нека „го стегнат каишот.“

Меѓутоа долгот, наспроти она што се продава во таблоидите, не настана заради претераната консумација на храна и пиење на замислениот „просечен Грк“, туку заради нееднаквата размена во рамките на еврозоната. Тоа меѓу другото објаснува и зошто долгот, и покрај сите „мерки на штедење, последниве години всушност дополнително се зголеми.

Постојат сегменти во кои грчката држава навистина троши големи средства несразмерни на големината на земјата. Но таа потрошувачка пред сè е кај војската, односно купување на оружје. Секако, земјите кои и продаваат оружје на Грција, а воедно и го „држат“ нејзиниот долг (Германија и Франција), посебно се потрудија „штедењето“ никако да не го зафати воениот сектор.

Наместо тоа „болни кратења“ се изведени во други сектори, во кои потрошувачката никогаш не била „преголема“, но кои, за разлика од војската, навистина се клучни за секојдневно функционирање на мноштвото од населението. Меѓу тие сектори спаѓа и здравството за чија состојба последниве денови излегуваат загрижувачки податоци. Речиси третина луѓе кои во 2016 чувствувале болки или проблеми не посетиле доктор. Главната причина е финансиска. Плус, над 50% од луѓето кои биле на преглед на доктор тоа го направиле кога веќе не можеле да избегнат. Десет години претходно, оваа бројка изнесува 20%, додека мнозинството на доктор оди редовно за прегледи или за земање рецепти. Причините за ова не се никаква мистерија. Во 2006 над половина од населението имало комплетно бесплатна здравствена заштита. Денес тоа се однесува на едвај една четвртина.

Втора интересна студија што деновиве беше објавена се однесува на домување. Грција пред кризата беше позната како една од европските држави со најголем процент на сопствеништво на станбен простор. Тоа беше последица на „дивите“ социјални политики во текот на минатиот век, кога владите им дозволуваа на руралните имигранти вон-легална градба во градовите без посебен план. Па ако во 2006, дури 82% од жителите имаат свој стан или куќа, денес овој процент паѓа на 74%. Секако станбениот фонд не се намали, но се намали бројот на станари. Тоа значи дека денес мал број на луѓе има повеќе станови, а голем број луѓе е без стан.

Грција, на кратко, благодарејќи на штедењето стана понееднаква, посиромашна, помалку здрава и - позадолжена. Ништо од тоа не ги наведе дали европските институции, дали европските медиуми, да ги преиспитаат своите наративи за „расипништво.“

Н.В.

16 март 2018 - 15:26