Ние сме здрави колку што е здрава нашата планета, и луѓе, тоа е застрашувачка работа. Пример: само што свртев на Сиенен. Избраниот претседател игра наоколу, или всушност твита, "Фидел е мртов!" Од тука репортажата се префрла на снимка со кубански Американци претежно од трета генерација, пред ресторан во Мајами, во кој често доаѓаат ликови како Луис Посада Кариљес, десничарскиот анти-Кастро екс-ЦИА активист и наводен терорист кој често пати е именуван како архитект на соборувањето на авионот на Кубана во 1976. Илјадници играат со неизмерна радост пред самиот ресторан, можеби и Кариљес е еден од нив. Всушност, играат на смртта на друго човечко суштество. На Фидел Кастро. За разлика од танцувањето на смртта за кое Доналд Трамп лажно ги обвини муслиманите од Њу Џерси по нападите од 11-ти септември, оваа гротескност навистина се случуваше.
Сиенен своето известување за смртта на Кастро го фокусираше на бастионот на десничарскиот кубански конзерватизам. Не во Куба, туку во САД. Дали тие би ги прашале жителите на Бирмингем, Алабама, за мислење за Мартин Лутер Кинг по неговото убиство? (Бирмингем е еден од градовите каде Кинг организира протести, кои стануваат насилни, за поголеми права на црнците.)
Тие исто така повикаа и еден коментатор од нивната филијала во Шпанија да даде експертска анализа. Тој го спореди она што се случува во Мајами и она што се случи во Мадрид во 1975 по смртта на шпанскиот генералисимус Франциско Франко. Не ми треба мапа. Мадрид е град во Шпанија. Шпанците кои директно страдаа под репресијата на Франко навистина танцуваа со радост и тоа е разбирливо. Ама што е погрешно со оваа слика?
Секако, во секоја револуција, дур слегне димот, ќе има такви што непотребно настрадале. Секако дека не се сите само елитни соработници на диктатурата на Батиста, неговата корупција, и репресија што настрадаа додека се спушташе димот на кубанската револуција. Секако трагедии и злосторства се случувале без разлика дали директно или индиректно биле поврзани со Кастро или револуцијата. Исто како што има нијанси во воените и економски интервенции и терористички дела против Куба, кои несомнено помогнаа во продолжување на трагедиите и злосторствата. Соочени со овие нијанси објективните меѓу нас сносат најголема одговорност.
Ние ќе бидеме потресени кога ќе погледнеме во очите на мајка или татко во Мајами чие дете се удавило бегајќи од Куба; или постар имигрант чиј брат бил убиен од стрелачки вод, или оној што едноставно ја изгубил својата работа и домот. Никој од нив не очекува за нивните маки и загуба да не го обвинуваат "бруталниот диктатор".
Меѓутоа ако во нашата споредба ние слепо се согласуваме со класификацијата како што ја дефинираат огорчените и оние со скршено срце, тогаш подобро да бидеме подновени да ја прифатиме и НРА (The National Rifle Association) како "брутален диктатор" кога зборуваме за мајките и татковците од Њутаун. Подобро да ги прогласиме сите гласачи кои дадоа поддршка на кандидат што е во џебот на НРА, како "брутални диктатори" од гласачкото ливче. И, да не заборавиме, тука е срамот на огорчените возрасни кои го подложија момчето без мајка по име Елијан Гонзалес, на траумата од насилно извлекување од полициски специјалци само за да привлечат внимание на својата кауза.
Во реалност, ние сме човечки, морално обврзани да разјасниме интелектуално искрена историја, онаа која ако се научи, можеби нема никогаш да биде повторена. Меѓутоа ние инвестираме во овие циклични митови во име на моќните и политичарите кои заработуваат од крвта, болката и гневот на останатите.
Се сеќавам на една изјава на Стивен Вајнберг, "Ако сакаш добри луѓе да направат лоши работи, тогаш ти треба религија." Во овој случај, таа религија е отфрлање на лидер кој беше далеку многу подлабок симбол на револуцијата отколку што беше страшило и ѕвер.
Па, да видам како моите сограѓани Американци во 2016 година танцуваат на смртта на овој голем и комплексен човек, Фидел Кастро, и да гледам како американските телевизии го фокусираат своето внимание, не на историјата на кубанската револуција, ниту на земјата или луѓето кои живеат таму, туку на оваа гротескна реакции, тоа...
Целиот текст на Шон Пен, тука