Суштински принцип кој се провејува во елитните школи на Америка уште од раните 80-ти години е дека индивидуалните права, хуманизмот и демократските процеси се само маска за белата супремација. Концептот кој се артикулира во книги како онаа на некогашната корпоративна консултантка Робин ДиАнџело (#1 бестселер на Амазон!) сведува ама баш сé, дури и најмалите и најневини човечки интеракции, на натпревар за расна надмоќ.
Беше вчудоневидувачки да се гледа како книгата „Белата кршливост“ се славеше последниве недели. Кога оваа книга на топ листите ја претекна „Hunger Games“, УСА Тудеј радосно обзнани: „Американските читатели се позаинтересирани за борба против расизмот отколку за литературен ескапизам!“ Кога ДиАнџело се појави во Тунајт шоу, Џими Кимел загрцна: „Знам... сите сакаат да зборуваат со вас во овој момент“. „Белата фрагилност“ се промовираше во манифестен туториал за борба против расизмот. Само што ова не е книга за преспитување на сопствените предрасуди.
Дали луѓето кои ја воспеваа оваа луда книга воопшто ја имаат прочитано?
ДиАнџело не е првата која штанца пари продавајќи псеудо-интелектуално срање како корпоративна мудрост, но веројатно е првата која го прави тоа продавајќи хитлеровска расна теорија.
„Белата фрагилност“ има едноставна порака: не постои универзално човечко искуство и ние не сме дефинирани од нашите индивидуални карактери и морални избори туку единствено од нашата расна категорија.
Ако вашата категорија е „бела“, лоши се вестите за вас: вие немате друг идентитет освен што учествувате во белата супремација („Анти-црнството е темел на нашите идентитети....“) што значи дека позитивен бел идентитет е невозможна цел.
ДиАнџело нé поучува дека во врска со ова ништо не може да се направи освен „да се има порив да се биде помалку бел“. И секој обид да се демантира ова гледање, по дефиниција е симптом на белата супремација (слично на средновековните критериуми за утврдување која жена е вештерка: ја фрлаш жената во река, ако се удави, не била вештерка, а ако не се удави - вештерка е, па ја вадиш и жива ја спалуваш; добитна комбинација за неа не постои).
А стилот на ДиАнџело е жива мака. Лишен од секаква отвореност, повеќезначност и нијанси, тој се сведува на стерилни термински парови како расист и анти-расист, платформа и деплатформа со што целото мислење се редуцира на бинарни избори. Доналд Трамп го прави истото, ама со зборови како „ОДЛИЧНО!“ и „ТАЖНО!“ кои имаат барем некаква инфантилна живост во нив.
Треба да си некаков посебен вид труп од автор во својата книга да одбираш примери кои всушност го илустрираат токму спротивното од она кое сакаш да го поентираш, но тоа не невообичаено во „Белата фрагилност“ што ја прави оваа книга веројатно најглупата книга некогаш напишана; во споредба со неа "The Art of the Deal“ од Трамп е „Ана Каренина“.
Па сепак, овие идеи за час ја освоија Америка. Движењето кое се нарекува „анти-расистичко“ - а мислам дека го заслужува тоа име многу помалку од оние кои се сметаат за „про-лајф“ и зачудувачки е како новинарите им го прифаќаат тоа име без никаков проблем - е комплетно песимистичко во поглед на расните односи. Во тој светоглед, човечкото суштество е засекогаш заклучено во една од трите категории: членови на угнетени малцинства, сојузници или бели угнетувачи.
Во меѓувреме, книги како „Хаклбери Фин“ или „Да се убие птицата подбивница“ биваат забранети затоа што го содржеле забранетиот Н(игер)збор. Се чини дека некој има ќар од тоа луѓето да се држат поделени.
Мат Таиби