Обама, свесен дека неговите критичари се спремни да нападнат доколку тој фрли и најмал сомнеж врз праведноста на одлуката на Претседателот Хари Труман за користење атомски бомби, одлучи да го премолчи прашањето. Ова е несреќен избор. Бидејќи соочувањето на нацијата со ова прашање веќе одамна доцни.
Најголемиот дел од Американците ги учат дека користењето атомски бомби во Хирошима и Нагасаки во август 1945-та е оправдано бидејќи бомбардирањето стави крај на војната на Пацификот, и со тоа се избегна скапата американска инвазија на Јапонија. Овој погрешен заклучок и ден денес се уште се наоѓа во средношколските учебници. Уште поопасно, ова го оформува размислувањето на владините службеници и воените планери што работат во свет кој се уште содржи над 15.000 нуклеарни оружја.
Труман го славеше уништувањето на Хирошима, нарекувајќи го "најголемиот потег во историјата." Американските воени лидери не ја делат неговата воодушевеност. Седум од осумте американски офицери од 5 ѕвездички од 1945 - ген. Ајзенхауер, Мекартур, Арнолд, и адмиралите Лехи, Нимиц, Кинг и Хезли - подоцна го нарекоа фрлањето атомски бомби или воено непотребно, или морално недозволиво, или и двете. Ниту пак бомбите успеаа во нивната секундарна намера: застрашување на Советите.
Лехи, кој беше личниот шеф на кабинет на Труман, во своите мемоари пишува дека "Јапонците веќе беа поразени и подготвени да се предадат... Употребата на ова варварско оружје кај Хирошима и Нагасаки немаше никаков значителен придонес во нашата војна против Јапонците." Мекартур оди уште подалеку. Тој на поранешниот претседател Хувер му кажува дека ако САД ги увереле Јапонците дека ќе можат да го задржат својот император, тие би се предале уште кон крајот на мај.
Атомското срамнување на Хирошима и Нагасаки не беше она што стави крај на војната на Пацификот. Напротив, тоа се случува по советската инвазија на Манџурија и останатите јапонски колонии, која започнаа на полноќ на 8 август 1945 - меѓу двете бомбардирања.
Со месеци, Сојузничкото разузнавање известува дека советската инвазија ќе ја натера Јапонија на излегување од војната. На пример, на 11 април американскиот генералштаб предвидува дека "ако во кој било момент СССР влезе во војната, секој Јапонец ќе сфати дека апсолутниот пораз е неизбежен."
Американците, откако ги дешифрираат јапонските кодови, знаеа за очајот на Јапонија да преговара со САД за мир уште пред инвазијата на Советите. Самиот Труман прераскажуваше еден пресретнат депеш од 18 јули 1945, "телеграма од јапонскиот император кој бара склучување мир." Труман кон средината на јули беше на самит во Потсдам за да се осигура дека Советите ќе го одржат ветувањето од конференцијата на Јалта за да влезат во војната на Пацификот. Кога Сталин го осигура во неговите намери на 17 јули, Труман во својот дневник запишува "Тој ќе влезе во јапонската војна на 15 август." Подоцна Труман ретерира околу ова во писмо до својата сопруга испредено следниот ден: "Ќе ја завршиме војната една година порано, и мислам на децата кои нема да загинат."
Брзо поразувајќи ја јапонската армија, Советите ги уништија и последните дипломатски и воени опции на Јапонците, кои планираа преку постојано нанесување загуби на САД да се изборат за помош од Сталин во преговарање на подобри услови за предавање.
Атомските бомби, со сета своја ужас и нехуманост, одиграа мала улога во калкулациите на јапонските лидери за брзо предавање. Сепак САД имаа бомбардирано над 100 јапонски градови. Хирошима и Нагасаки беа само уште два уништени града; дали за нападот требаше една или илјада бомби не правеше разлика. Како што генерал Тораширо Кавабе, заменик шеф на кабинетот, има изјави на американските власти, обемноста на разрушувањето во Хирошима и Нагасаки "постепено" стануваше јасно. За "споредба, советскиот влез во војната беше огромен шок."
Кога премиерот Кантаро Сузуки на 10 август беше прашан зошто Јапонија треба толку брзо да се предаде, тој објасни "Советскиот сојуз нема да ја освои само Манџурија, Кореа, Карафуто, туку и Хокаидо. Ова ќе ги уништи темелите на Јапонија. Мора да ставиме крај на војната кога можеме да постигнеме договор со САД." Јапонските лидери исто така се плашеа од ширење на комунистички востанија инспирирани од Советите и знаеа дека Советите не се наклонети кон нивната главна грижа - заштита на самиот император и зачувување на императорскиот систем.
Труман разбираше кој е влогот. Тој знаеше дека советската инвазија ќе стави крај на војната. Тој знаеше дека давањето гаранции на Јапонците за императорот исто така ќе доведе до предавање. Меѓутоа тој сепак одлучи да употреби атомски бомби.
Додека беше во Потсдам, Труман доби извештај со деталите од тестот на бомбите од 16 јули во Аламогордо, Ново Мексико. По ова, "тој беше променет човек," според Винстон Черчил. Тој почнува да му шефува на Сталин и дава дозвола за користење на атомска бомба против Јапонија. Ако неговата новооткриена наметливост во Потсдам не му покажа на Сталин кој е главен, тогаш Труман сметаше, Хирошима сигурно ќе му покаже.
Сталин ја сфати пораката. Атомските бомби сега беа фундаментален дел од арсеналот на САД, а не само последно оружје на располагање. Тој им нареди на советските научници да баталат се што работат и да почнат со развивање на советската бомба. Трката започна. Со тек на време, двете страни ќе натрупаат еквивалент на 1,5 милиони бомби како онаа од Хирошима. Како што физичарот од Менхетен проектот, И. И. Раби лукаво заклучи: "Одеднаш утредента стана Судниот ден, и оттогаш остана така."
Оливер Стоун и Питер Кузницк
за Лос Анџелес Тајмс
3-та епизода од документарецот на Оливер Стоун, The Untold History of the United States, посветена на бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки: