2013, американска постдипломка во Лондон, Софи, добива телефонски повик од директорот на компанијата во која има работено како хонорарец.
Директорот е Александар Никс, компанијата е СЦЛ елекшнс, а Софи освен што е постдипломка и поранешен хонорарец е и ќерка на Ерик Шмит (да, првиот човек на Гугл). Александар и Софи се среќаваат и таа му препорачува дека тој мора да почне да се занимава со податоци (во смисла огромни бази на податоци што ги собираат сите технолошки компании од Гугл и Фејсбук, до веројатно најглупата апликација што ја имате на смартфон). Таа исто така му предлага и тој да се состане со директорот на една друга компанија, што таа го знае преку татко и, плус да се види со луѓето од Палaнтир.
(Името Палантир ви звучи познато затоа што е спомнувано во секој поголем скандал со прислушувањe, од американската НСА до британската GCHQ. Компанијата е во сопственост на Питер Тиел, милијардерот ко-основач на Ибеј и Пејпал, кој пошироко стана познат по својата поддршка на Трамп.
П.С. Софи моментално работи во Убер.)
"Сторијава има три нишки. Како во САД се поставени основите на авторитарната држава на присмотра. Како британската демократија е соборена преку таен, долгорочен план за координација одобрен од американски милијардер. И како ние сме сред масовно освојување моќ од страна на милијардери што се врши преку нашите податоци. Податоци кои тивко се собираат, жнеат и складираат. И кој и да ги поседува овие податоци ја поседува иднината," пишува Кадвалдер.
СЦЛ елекшнс подоцна е купена од милијардерот Роберт Мерсер и е преименувана во Кембриџ аналитика. Исто така Мерсер е брилијантен компјутерски научник, и пионер во вештачката интелигенција, кој е ко-сопственик на еден од најуспешните хеџ фондови на планетата. Како што подоцна се покажа тој исто така е добар пријател со Најџел Фараж.
Иако од кампањата за напуштање признаваат дека Мерсер им помогнал, она што Кадвалдер открива е дека "неговата улога во референдумот е далеку поголема, вон рамките на јурисдикцијата на кој било британски закон."
Во сето ова еден од клучните играчи е една мала непозната канадска компанија за веб аналитика базирана во канцеларија над продавница во Викторија, Британска Колумбија. Токму на Агрегејт-ајкју кампањата на напуштање на ЕУ троши 3,9 милиони фунти, што е повеќе од половина од нивниот официјален буџет од 7 милиони фунти. Иста компанија е ангажирана и од три други движења поврзани со кампањата за напуштање.
Оваа компанија преку еден Канаѓанец влегува во склопот на активностите што ги врши Кембриџ аналитика. Канаѓаните во основа се логистика за сите операции на Кембриџ аналитика, од правење софтвер до одржување на бази на податоци.
"Ако Агрегејт-ајкју е вклучен тогаш и Кембриџ аналитика е вклучена. А ако Кембриџ аналитика е вклучена, тогаш Роберт Мерсер и Стив Бенон се вклучени. Треба да го најдеш Крис Вајл", и објаснил на Кадвалдер еден од поранешните вработени на Кембриџ аналитика.
Новинарката го наоѓа Вајл (Канаѓанецот што ги спојува двете компании) но тој одбива да коментира.
Она што Кадвалдер открива, а обично е прескокнато во досегашното покривање на СЦЛ и Кембриџ аналитика, е позадината на компанијата. Излегува дека таа не е хипстерски старт-ап основан од двајца на лаптопи, туку е дело на британскиот и американскиот одбранбен естаблишмент и воено-индустриски комплекс, поранешни функционери и пратеници.
"Ова не е само приказна за социјална психологија и аналитика на податоци. Ова треба да се сфати како воени претприемачи кои користат воени стратегии врз цивили," пишува Кадвалдер.
Нивниот главен извор за податоци е Фејсбук. И сето тоа најлегално. Тие им плаќаат на луѓе да решаваат лични тестови, а притоа добиваат пристап и дозвола да ги соберат сите податоци од нивните Фејсбук профили, а исто така и она што е достапно од нивните пријатели. Сето ова сосема легално и дозволено од Фејсбук. (Под податоци се мисли на општи на работи, од каде си, што си, што си учел, каде работиш и сл. Ова не вклучува пораки од Месинџер, пасворди и слично).
Компанијата подеднакво легално купува и цели бази на податоци за потрошувачите - од нивни претплати за магазини до авионски карти. Сето ова компанијата го поврзува со адресата, телефонскиот број и мејлот на луѓето.
Од тука, во примерот со САД, каде што работат за републиканците, нивната работа се дели во два правци. Прво да се демотивираат гласачите, и второ да се натераат гласачите демократи да не излезат на гласање.
"Во САД владата е ограничена од многу строги закони околу податоците што може да ги собира за поединците. Меѓутоа за приватните компании сè е дозволено. Дали е неразумно ова да се смета како можен почеток на авторитарната држава на присмотра," прашува Кадвалдер.
Во сличен правец се одвива и операцијата во Британија, каде кампањата за напуштање на ЕУ победи со само 600.000 гласови разлика, што е околу 1% од вкупното гласачко тело на земјата.
Еден од поранешните вработени на СЦЛ елекшнс, го објаснува нивниот ангажман и покритие низ различни земји во светот:
"Стандардниот метод на СЦЛ е да добијат владин договор преку владејачката партија. И ова плаќа за политичкиот дел од работата. Па често пати тоа е некој измислен проект за здравство кој само ја покрива кампањата "
Што се однесува до Британија и како брегзит е поврзан со Трамп, Кадвалдер го дава следното објаснување:
"Овие врски, кои се проткаени низ Кембриџ аналитика, се резултат на трансатлантско партнерство кое се протега со години. Фараж и Бенон се блиски соработници барем од 2012. Бенон ја отвори лондонската централа на Бреитбарт за да му даде поддршка на Укип, што тој го објасни како најновиот фронт 'во нашата сегашна културолошка и политичка војна'.
Британија отсекогаш била клучна за плановите на Бенон, и е круцијален дел од неговата стратегија за промена на целиот свет.
Како што ми кажа еден поранешен вработен на Кембриџ Америка: 'тој верува дека за да ја промениш политиката, ти прво треба да ја промениш културата. И тоа беше клучот во Британија. Тој веруваше дека онаму каде што Британија ќе поведе, Америка ќе следи. Идејата за брегзит беше важна за него како симболизам.'...
... Ова е Британија во 2017. Британија која се повеќе изгледа како 'менаџирана' демократија. Платена од американски милијардер. Користејќи налик воена технологија. Испорачана од Фејсбук. И овозможена од нас. Ако ние дозволиме да остане резултатот од овој референдум, ние даваме наша имплицитна согласност. Тука не се работи за Останување или Напуштање кампањата. Ова е многу повеќе од партиска политика. Се работи за прв чекор во храбар, нов, се повеќе недемократски свет."
Целиот текст тука