Сите тие беа, во согласност со говорот од актуелната имиграциска и бегалска дебата, "економски мигранти." За време на 20-то век, расниот прогон, политичкото угнетување, и разрушувањето од двете светски војни станаа доминантни причини за бегство.
Денес, Европската Унија е еден од најбогатите економски региони во светот. Со децении, најголемото мнозинство на Европејците живее во мирољубиви демократски држави кои ги чуваа нивните основни права. Самата мизерија и миграција на Европа стана далечно сеќавање.
А сепак мнозинство Европејци повторно се чувствуваа загрозени, и тоа не од Русија, која агресивно се шири кон своите соседи, туку од бегалци и мигранти - најсиромашните од сиромашните. Додека стотици бегалци летово се удавија во Медитеранот, низ сите краеви на Европа се појавија гласови, 26 години по падот на Железната завеса, кои повикуваат на изолација, масовни депортации, изградба на нови ѕидови и огради. Низ Европа, ксенофобијата и отворениот расизам се повеќе се шират, а дури и крајно десничарските партии почнаа да освојуваат простор.
Во исто време, ова е само почетокот на кризата, бидејќи условите кои ги тераат луѓето да ги напуштаат своите татковини само ќе се влошат. И ЕУ, чии членови ги имаат едни од најголемите и најдобро опремените системи за социјална грижа, изгледа како да е поразена од ова - политички, морално и административно.
Оваа парализа создава значителен ризик за ЕУ. Никој не е сериозно уверен дека независните земји членки - посебно Италија и Грција, двете држави кои се најмногу погодени - можат сами да ги надминат долгорочните предизвици што ги наметнува масовната миграција. Меѓутоа голем број земји членки одбиваат заеднички европски настап, позиција која се заканува да ја забрза ерозијата на солидарност во рамките на ЕУ и да го засили сегашниот тренд кон дезинтеграција.
Ова се трите конкретни причини за сегашната миграција кон Европа: константните економски неприлики на Западниот Балкан; немирите на Средниот Исток; и граѓанските војни и конфликти во Африка. Интензивирањето или ширењето на војната во источна Украина брзо ќе стане четврта причина за бегство.
Со други зборови, целата имиграција со која Европа моментално се соочува потекнува од сериозните кризи во нејзиното соседство. А сепак ЕУ може малку да направи за да се справи со нив. Очигледно, ЕУ мора значително да ја засили својата заедничка надворешна и безбедносна политика, вклучувајќи ја и политиката за европското соседство, со цел поефикасно да се осврне на причините за миграција во самиот извор. Можеби единствен неуспех кој е поочигледен од одбивањето на земјите членки да поддржат такви реформи, е нивниот неуспех да дејствуваат, што создаде вакуум на легитимност кој ксенофобичните популисти сега го исполнуваат.
Имајќи ја предвид слабоста на нејзината надворешна политика, Европа може да има само мало влијание на војните и конфликтите кои ја разурнуваат Африка и Средниот Исток (сепак нејзиното влијание, без разлика колку е мало, треба да се искористи и развива). Западниот Балкан е посебна приказна. Хрватска веќе е членка на ЕУ; Црна Гора и Србија започнаа преговори за членство; Албанија и Македонија имаат кандидатски статус; а Босна и Херцеговина и Косово се потенцијални кандидати. Тука ЕУ има значително влијание.
Зошто ЕУ не се ангажира малку повеќе на Западниот Балкан - регион каде што навистина може да направи разлика со поддршка на економска и административна модернизација и инфраструктурни проекти кои ќе го поврзат регионот со индустриските центри на Унијата - останува тајна на Европската комисија и земјите членки. Апсурдните резултати се дека граѓаните од земјите кандидати за ЕУ се предмет на процедури за азил, бидејќи за нив не постои никаква можност за легална имиграција.
Сосема посебен случај со Ромите, големо малцинство кое живее во Западниот Балкан и чии припадници често пати се соочуваат со сурова дискриминација. Ова е пан-Европски проблем. Ромите несразмерно многу страдаа по падот на комунизмот во 1989-та, каде работеа како неквалификувани индустриски работници кои беа први што ја изгубија својата работа. Всушност, најголемиот дел од нив - сегашни или идни граѓани на Европа - паднаа во длабока сиромаштија. Постојаната дискриминација против нив претставува се-европски скандал, и ЕУ, неговите земји членки, и земји кандидати треба да преземат нешто околу тоа.
Бегалската криза од летово истакнува друг - многу поголем - структурен проблем во Европа: демографија. Како што европската популација старее и се намалува, на континентот итно му треба имиграција. Сепак многумина во Европа се противат на имиграција, бидејќи таа значи и социјални промени.
На долг рок, создавачите на политиките ќе треба да им објаснат на нивните луѓе дека не можат да имаат економски просперитет, високо ниво на социјална безбедност, и популација во која пензионерите ставаат се поголем товар на економски активните. Работната сила на Европа мора да расте, што е само една од причините зошто Европејците треба да престанат да ги третираат мигрантите како што ги третираат и да почнат на нив да гледаат како на можност.