Во 1971, аналитичари на ЦИА напишаа документ од 12 страници под наслов „Македонскиот синдром“. Објавен во јавноста 40 години подоцна, тој и ден денес држи како бистра анализа на едно од најупорните историски несогласувања на југоисточна Европа. Неговите автори можеби нема да бидат изненадени кога ќе дознаат дека, и покрај различниот геополитички контекст на нашето време, тензиите околу македонскиот идентитет разговарани во документот на американското разузнавање и денес остануваат исто нерешени како и пред половина век.
Од овие причини избрзано е да се слави почетокот на преговарачкиот процес со ЕУ со кој Македонија - и Албанија - во принцип можат да се приклучат кон блокот. Секако, каков било напредок е подобар од никаков. Македонија доби кандидатски статус за ЕУ уште во 2005. Албанија го има овој статус уште од 2014. Самото тоа што тие мрднаа еден инч поблиску до членство во ЕУ е подобро отколку да се остават бескрајно да блеат во претсобјето на ЕУ.
Сепак невообичаените услови прикачени на македонскиот пат кон ЕУ даваат причина за загриженост. Европските лидери храбро одговорија на рускиот напад на Украина со тоа што минатиот месец им дадоа кандидатски статус на Украина и Молдавија. Тие исто така го забрзаа процесот за Македонија и Албанија, за да не им се забележи дека ги запоставуваат државите од Западниот Балкан кои најголем дел од овој век тропаат на нивната врата. Меѓутоа во нивното брзање да направат нешто правилно, лидерите на ЕУ ги складираа проблемите за во иднина.
Во основа лидерите на ЕУ ја канат Македонија да се приклучи но кажуваат дека тоа нема да се случи освен ако не се исполнат ригорозните барања поставени од Бугарија, нејзиниот сосед. Овие барања главно се однесуваат на јазикот, националниот идентитет и историјата. На секој чекор од преговорите за членство, Бугарија ја има моќта да ги запре или да ги одложи истите со тврдења дека Македонија ги избегнува своите обврски.
Условите од Бугарија се вон формалните ЕУ критериуми за прием. Стандардните критериуми главно се однесуваат на исполнување на ЕУ стандардите за слободен пазар и демократија и инкорпорирање на ЕУ законодавството во националната легислатура. За да се приклучи кон ЕУ, до сега ниту еден кандидат не бил присилен да потклекне пред барањата од друга држава кои се однесуваат на толкување на историјата кои не можат никогаш да имаат трајно, договорено решение. Меѓутоа Бугарија е во ЕУ, се приклучи во 2007, а Македонија е молител за членство. Непријатната вистина е дека предноста тука е кај Софија.
Со тоа што ја прифати бугарската позиција, ЕУ - која смета дека тоа е единствен начин да се напредува - не само што се откажа од позицијата на непристрасен арбитар меѓу двете држави, туку овозможи слични пречки да бидат поставени и за другите држави од Западниот Балкан. На пример, месецов изби недоразбирање меѓу Хрватска, која е членка на ЕУ, и Србија, која е кандидат, околу планираната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ на споменикот на злосторствата на Хрватите врз Србите во Втората светска војна. Што ако Хрватската еден ден го следи бугарскиот пример и бара Србија да го прифати хрватското читање на историјата на Југославија во 20-от век?
Во одбрана на ЕУ македонскиот парламент минатата недела го изгласа протоколот што ги вклучува и бугарските услови. Меѓутоа ова е само половина од приказната. Софија инсистира дека нејзиниот сосед мора да го промени уставот за да даде формален статус на бугарското малцинство во Македонија. Ова ќе бара двотретинско мнозинство во парламентот, кое моментално изгледа тешка работа.
Проблемот со малцинствата концизно го покажува едностраниот пристап на ЕУ. Македонија ќе мора да го промени својот Устав, меѓутоа Бугарија нема никаква обврска да ги гарантира правата на македонското малцинство, и покрај бројните пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се во корист на таа заедница.
Вистината е дека секоја од страните треба да покаже подобро разбирање за другата. Од воздигнувањето на современата македонска национална свест во 19 и 20 век, Бугарија константно се измачува со концептот на посебна македонска националност. Кога Југославија се распаѓа во 1990-те, Бугарија е првата држава што ја признава новата македонска држава. Меѓутоа таа не го признава македонскиот јазик, кој го смета за огранок на бугарскиот. Во документот на ЦИА од 1971 пишува: „Софија тврди дека сите Македонци реално се етнички Бугари отсечени од матичната држава.“
Во Македонија некои националисти несомнено звучат како да имаат територијални и културни претензии кон своите соседи. Ова е причината зошто беше витално што земјата ги реши своите разлики со Грција во Преспанскиот договор од 2018. Со тоа што покажува наклонетост кон Бугарија на сметка на Македонија, ЕУ можеби неповратно го осакати проектот за проширување на Балканот кој тврди дека го поддржува.