За европскиот план за депортација

ЕУ само ги преуредува лежалките на Титаник

Мото на ЕУ беше In varietate concordia („Единство во различноста“). Со децении европските елити ја негуваа сентименталната визија за отворени граници и хуманитарност, додека луѓето што тие наводно ги претставуваа станаа погневни и повознемирени поради дестабилизирачките ефекти на масовната миграција. Сега ќе ги носеле илегалните мигранти на Косово, во Багладеш.... Така било тоа.

Арогантните еврократи, изолирани од јавното мислење со слоеви од бирократија, се чини дека флертуваат со доза на реализам. Еурактив објави дека Европската комисија предлага листа од седум „безбедни трети земји“ во кои може да се депортираат илегалните имигранти: Косово, Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Мароко и Тунис. Планот е Брисел да ги спроведува депортациите, да го испорача нередот и да ги исчисти границите на континентот без премногу да ги извалка рацете.

Овој предлог е дел од пошироката ревизија на регулативата за азил на ЕУ и се очекува да стапи на сила во 2026 година. На хартија, тоа е смело. Но, во пракса тоа е веројатно политички театар, повеќе за око отколку за резултат. Бидејќи и покрај сите говори за „безбедни трети земји“, подготвеноста на овие држави да апсорбираат десетици илјади мигранти што се непожелни во Европа е некаде помеѓу ограничена и никаква. 

***

Земете го Египет, на пример. Ако не ги презема раселените жители на Газа, зошто би се согласил да ги преземе оние што се префрлаат преку граница во Европа. Индија на Моди крева огради и ги затвора Рохинџите. Тунис? Ги расчисти камповите во кои беа сместени над 7.000 субсахарски Африканци. Колумбија своите државјани депортирани од САД ги прифати дури откако Доналд Трамп се закани со санкции. 

За Косово, како и за Бангладеш и Мароко, има сосема јасни причини зошто немаат интерес да примат странски мигранти. Дури и да го сторат тоа, адвокатите за човекови права ќе тврдат дека тие земји се небезбедни за одредени групи.

Значи, дали е оваа сериозна политика или само очајнички обид да се смири зголемениот гнев кај гласачите пред следните европски избори? Се чини дека ЕУ верува дека може да им фрли пари на северноафрикански или јужноазиски влади и да се ослободи од товарот за азил. Но, и овие земји имаат гласачи, економии и сопствени идентитети. А малку од нив сакаат да станат кафез за несаканите гости во Европа. Дури и ако сакаат договори, ќе испорачаат ценовници за кои Брисел не е подготвен.

Тие што го поддржуваат планот на ЕУ потсетуваат на договорот со Турција, која се обврза да прифати бегалци вратени од Грција. Резултатите се убедливи: во 2015 година, преку 850.000 мигранти ја преминале Балканската рута, претежно Сиријци што бегаа од граѓанската војна. До 2017 година бројките паднаа на околу 30.000, во голема мера поради договорот ЕУ-Турција, но и поради построгите гранични контроли во Србија, Унгарија и Македонија. Соработката на Турција беше тесно поврзана со визната либерализација и ветувањата за напредок кон членство во ЕУ. Унијата не може да го примени ова со Индија, Бангладеш или Колумбија.

Брисел конечно сфати дека различноста не е еднаква на хармонија, барем не кога станува збор за азил. Но, наместо да се соочи со попустливата правна и политичка архитектура која ја создаде кризата, таа ги преуредува лежалките на Титаник. Паролите остануваат исти. Реалноста брзо се менува.

Мајк Џонс, Анхерд

16 април 2025 - 18:54