Епстин и МИТ го покажаа моралниот банкрот на технолошките елити

Дебаклот на МИТ со Епстин е проституција на интелектуалната активност, за чие санирање е потребно затворање на МИТ Медиа лаб, укинување на ТЕД говорите и отфрлање на парите од технолошките милијардери.

Како што светот се освестува за моќта на големите технолошки компании, ние почнуваме да слушаме - задоцнето - за штетата предизвикана од дигиталните гиганти. Најголем дел од овие дебати, не застрануваат далеку од реалноста на економијата и законите. Сега кога технократијата сака да ја сотре технологијата, очекувајте уште такви работи.

А што со идеите кои се храна за големите технолошки компании? За почеток, повеќе не сме во 2009: студентските грешки на Марк Закерберг околу транспарентноста или глобалното село речиси повеќе никого не импресионираат.

А сепак, и покрај растечката скептичност кон Силициумската долина, многумина се уште веруваат дека дигиталната револуција има сериозна интелектуална димензија, која се покажува на конференции како ТЕД, он-лајн салони како Edge.org, публикации како Вајард, и институции како МИТ Медиа лаб. Идеите на дигератите (дигиталната елита) можеби се погрешни, можеби се премногу утописки, но, барем, се искрени.

Епстин скандалот - вклучувајќи ги и најновите откритија дека Епстин можеби донирал околу 8 милиони долари (дел од нив, изгледа, во име на Бил Гејтс) на МИТ Медиа лаб, додека нејзините директори биле целосно свесни за неговото проблематично минато - ги прикажува дигератите во поинакво светло. И ова веќе доведе до оставка на директорот на лабораторијата, Џои Ито.

Ова, сепак, не е приказна за поединци кои се огрешиле. Грдата колективна слика на техно-елитите која произлегува од Епстин скандалот нив ги прикажува како морално банкротирани опортунисти. Нивните идеи да се третираат како искрени но погрешни е премногу дарежливо; единствена искрена работа околу нив е нивната лажовност. Технолошката индустрија и нејзините апологети навистина создаваат големи мисли - но, најчесто тие се случаен нуспродукт на нивното бркање богатства.

А не требаше да биде така. Во 1991, Џон Брокман - најголемиот дигитален импресарио на светот, и до неодамна мој литературен агент - ја промовираше важноста на „третата култура“ која конечно ќе ги замени технофобните литературни интелектуалци со оние кои доаѓаат од светот на науката и технологијата. „Појавата на третата култура воведува нови форми на интелектуален дискурс и ја потврдува доминацијата на Америка во светот на важни идеи,“ пишува Брокман.

Брокман, кој подоцна ќе го поврзе Епстин со дузина светски познати научници, најголемиот дел негови клиенти, направи да изгледа дека луѓе како него ја градат оваа „трета култура“ преку својата перцептивна генијалност. Кардиналната грешка во таквата анализа, лежи во тенденцијата да ја помешаш структурната трансформација на глобалниот капитализам со зајтгаст трендови во историјата на идеите.

Па затоа, „новите форми на интелектуален дискурс“ на Брокман главно беа резултат на тоа што технолошките компании се оддалечуваат од огромните и бездушно студени воени договори и се префрлаат на забавниот свет на персонални компјутери. Епл, со Стив Џобс како главен евангелист контра востановената култура, имаше потреба од потрошувачкиот мистицизам на третата култура; ИБМ и Хјулит-Пакард, заглавени во менталитет од 1950-те, ја немаа таа потреба. Истото беше и со „надмоќноста на Америка во светот на важни идеи“, пред се, исходот од нејзината економска и воена доминација, ги слабееше напорите на останатите држави да развијат свои живи алтернативи на Холивуд или Силициумската долина.

Не постоеше подобар оригинален претставник на „третата култура“ од Николас Негропонте, основачот на МИТ Медиа лаб и нов тип на интелектуалец, полн со големи идеи на технолошки теми. Лабораторијата беше пред своето време во разбирањето дека на индустријата и владата им е потребна по-кул, поатрактивна технологија која нема да доаѓа од компаниите кои традиционално работеа за војската.

Сè останато го следеше овој правец. Па, Негропонте стана говорник на првата Конференција за Технологија, Забава и Дизајн (ТЕД говори) во 1984, која, неколку децении подоцна се издигна како главен промотер на „третата култура“: без политика, без конфликти, без идеологија - само наука, технологија и прагматично решавање проблеми. Идеи како сервис, педантно спакувани во 18-минутни интелектуални залаци.

Третата култура беше совршениот штит за терање бизнис активности под знамето на интелектуализмот. Бескрајно вмрежување со милијардери но и со манекенки и холивудски ѕвезди; инстантно финансирање од филантропи и инвеститори кои се движат во исти кругови; бестселери поврзани со растечки цени за држење говори кои се користат како промотивни материјали за позначителните комерцијални активности на авторот, најчесто водени од позиција во академскиот свет.

Дека некој како Џефри Епстин ќе ги искористи овие мрежи за да ги покрие своите криминали беше речиси неизбежно. Во свет каде книгите функционираат како продолжување на нечиј бренд и во реалноста никогаш не се прочитани, прилично е лесно за богат и гламурозен шарлатан од типот на Епстин да се вклопи.

Една од константните поплаки на Брокман е дека технолошките милијардери речиси и да не читаат ниту една од книгите објавени од неговите клиенти. Не е за изненадување што неговите славни литературни вечери - кои беа одржувани за време на ТЕД конференцијата, и дозволуваа Епстин да се меша со научници и колеги милијардери - главно беа без некоја сериозна содржина.

Како што Брокман самиот кажа на една таква вечера во 2004, „минатата година пробавме да правиме ’Научна вечера’. Сите зеваа. Па годинава, се враќаме на темата пари-секс-моќ со ’Милијардерска вечера’. Дали „пари-секс-моќ темата“ е таа многу потентна „нова форма на интуалниот дискурс“ ветена од третата култура? Ако да, тогаш порадо би прескокнале.

На една таква вечера во 1999 беше младиот Американец со јапонско потекло Џои Ито; а исто присутни беа и Ричард Сол Вурман, оригиналниот основач на ТЕД конференцијата, Џеф Безос, и, меѓу другите милијардери, Џефри Епстин. Ито со тек на време станува прв човек на МИТ Медиа лаб, го интервјуира Обама, пишува популарна книга за технологија (уште еден клиент на Брокман), и станува член на 20 различни бордови, вклучувајќи ги и оние на престижни институции како Њујорк тајмс, Мекартур фондацијата, и Најт фондацијата.

Ито за третата култура во 2000-те беше она што Негропонте беше за верзијата од 1980-те. Додека Негропонте секогаш проектираше аура на аристократија и привилегираност - доаѓајќи од многу богато грчко семејство, тој неодамна се пофали дека на име се поздравува со 80% од милијардерите - Ито беше стартап лик, незадоволен поранешен менаџер на ноќен клуб во Јапонија, кој, некако, успеа да се ребрендира себе си како интелектуалец од третата култура.

Сепак, слично како на вечерите за милијардери на Брокман, и во работата на Ито не можеше да се најде нешто многу содржина: во најголем дел беше само технолошко блабетање помешано со сериозна доза на футуристички жаргон. Ама тоа не беше важно. Кај третата култура, идеите служат, пред се, за отворање врати. А на МИТ му беше важно само идеите на Ито да даваат потпора на неговите мрежи, на неговата способност за собирање фондови, и неговата вештина да натера донатори како Епстин да пишуваат дебели чекови.

Дали тогаш изненадува што кога колегите го предупредуваат Ито да не се среќава со Епстин - кој своите интереси ги наведуваше како „наука и пичиња“ - Ито него го опишуваше како „навистина фасцинантен“? Брокман, со сета своја реалност околу ниските интелектуални стандарди во технолошката заедница, исто така не можеше да се спротивстави на шармот на Епстин, опишувајќи го, во меил до мене, како „екстремно бистар и интересен“.

Ако третата култура е толку пософистицирана од нејзините претходници, како тогаш најголемиот дел од нејзините членови, се заплеткаа во скандалот на Епстин? Не е реткост интелектуалците да служат како корисни идиоти за богатите и моќните, но, кај третата култура, тоа изгледа е работна обврска.

Дали цената на живеење со оваа култура - на пример, проституција на интелектуалната активност на милијардерските вечер - се исплати? И дали можеме се уште да веруваме што водечките интелектуалци на третата култура имаат да кажат, дадат, а исто така, и да продадат?

Одговорите на овие прашања се очигледни. А сепак, иако е лесно да се напаѓаат скапаните јаболка како Ито или Негропонте, порадикална трансформациска агенда треба да бара многу повеќе: да  се затвори Медиа лаб, да се откажат ТЕД говорите, да се одбиваат пари од технолошките милијардери, да се бојкотираат агенти како Брокман. Без такви драстични промени моќната индустрија за вртење срања каква што е третата култура ќе продолжи да работи без никаков проблем, заштитувајќи го следниот Епстин.

Евгениј Морозов,
Гардијан

11 септември 2019 - 16:55