Лекот стана полош од болеста

Џордан Питерсон: Време е за малку храброст

„Доста е, Канада. Отворете ја повторно земјата пред да скршиме нешто што нема да можеме да го поправиме“, порачува во колумна канадскиот клинички психолог Џордан Питерсон. Потсетува дека во животот не постои пат кој е без ризик и предупредува дека стравот во кој живеат, луѓето ги прави сè повеќе и повеќе авторитарни.  

Системите од кои зависиме (банкарство, транспорт...) а кои досега функционираа ефикасно, сега се стресени. Сериозно ги компромитираме со бесконечен и непредвидлив дотур на ограничувања, заклучувања, регулативи и полициски часови. Го поткопуваме целиот наш монетарен систем, со бескрајни пари од државните каси, за да го намалиме економскиот стрес од ковид.

Си играме со оган. Урнавме две божиќни сезони по ред. Животот е краток. А ова се ретки прилики. Ги спречуваме децата да одат на училиште. Сееме недоверба во нашите институции на сериозно опасен начин. Ги плашиме луѓето за да бидат послушни. Произведуваме бирократски институции кои хипотетички го почитуваат јавното здравје, но ним им ги потчинуваме сите политички институции а бидејќи ни недостасува лидерство, се потпираме на крајно несигурни анкети. Никогаш порано во мојот живот не сум видел пад на институционалната доверба од ваков размер.

Неодамна бев во Нешвил, Тенеси. Нема локдауни. Нема маски. Нема регулативи за кои се зборува. Луѓето си тераат свој живот. Зошто тоа може да биде случај во Тенеси (и во други американски држави, како што е Флорида) а да има полициски час (полициски час!) во Квебек, две години по почетокот на пандемијата, со стапка на вакцинација од скоро 80 проценти? 

Лекот стана полош од болеста.

Имам разговарано со високи советници на провинциските влади во Канада. Не се гледа крајот. Идејата дека канадската политика треба да се раководи „од науката“ не само што не е точна, туку и не е возможна, бидејќи не постои едноставен и директен пат од научните факти до сложеноста на политиката. Ние одлучуваме, главно со анкети, да живееме во страв и да стануваме сè поавторитарни како одговор на тој страв.

Колку долго ќе се тетеравиме, ќе се криеме зад нашите маски, ќе се плашиме да ги пратиме нашите деца (кои не се во опасност посериозна од ризикот од грип) на училиште, уште колку ќе на студентите ќе им наплаќаме целосна школарина за десеттокласно онлајн „образование“, до кога ќе с'скаме членови на семејства едни против други на тема вакцини и, најсериозно, до кога ќе го компромитираме големиот економски мотор од кој исто така зависи нашето здравје?

Додека не решиме дека е доста.

Не постои патека по која може да продолжиме а да нема ризик. Постои само еден или друг ризик. Изберете го вашиот отров: тоа е изборот што често го нуди животот. Уморен сум од тоа да живеам под сè поавторитарните диктати на политиката која е хипер-загрижена за еден ризик и несвесна за сите други ризици.

Работите се тресат околу нас. Доста е, Канаѓани. Доста е, канадски политичари. Доста маски. Доста ограничувања за дружење и собирање. Доволно беше затворање ресторани. Доста е со поткопување на довербата. Ебените вакцини нека бидат достапни за оние кои ги сакаат. Престанете да користите сила за да бидат послушни оние кои не ги сакаат. Некои од овие вториве можеби се луди, но, генерално, не се полуди од нас останатите. Поставете датум. Отворете ја повторно проклетата држава, пред да уништиме нешто што нема да можеме да го поправиме.

Време е за малку храброст.

Џордан Питерсон,
за Нешенел Пост

14 јануари 2022 - 13:16