Големата пирамида на Куфу постои околу 4.600 години. Преживеала секакви атмосферски погоди и непогоди, грабежи, поместувања на песокот и којзнае колку земјотреси.
Нова геофизичка студија сугерира дека една од причините за нејзината долговечност и безвременост можеби се крие во нешто што не можеме да го видиме: начинот на кој пирамидата вибрира.
Во студијата за амбиенталните вибрации на пирамидата, истражувачите откриле дека поголемиот дел од достапната внатрешна структура на објектот има природна фреквенција од околу 2,3 херци, додека околната почва вибрира на околу 0,6 херци.
Таа пирамида останува една од најфасцинантните градби на сите времиња. Нејзината оригинална висина e над 146 метри, со страни во основата од 230 метри, изградена од приближно 2,3 милиони камени блокови, распоредени во едноставна, но извонредно стабилна форма. Внатре, коморите и ходниците покажуваат извонредна смисла за планирање и инженеринг. Сето ова, изградено пред 4.500 години.
Таа не се наоѓа во некој од најактивните земјотресни зони во светот, но сите тие години имало сериозни сеизмички опасности (на пример, 6,8 степени во 1847 година и 5,8 во 1992).
Истражувачите поставиле инструменти на 37 достапни точки во и околу пирамидата: во внатрешноста на двете главни комори, ходниците, подземната комора, на надворешни камења и на блиската земја.

Користеле метод кој ги чита малите амбиентални вибрации што веќе постојат во местото. Овие вибрации можат да доаѓаат од далечни бранови, ветер, сообраќај, човечка активност или постојаниот шум на планетата. Со овие информации, ја пресметале природната фреквенција на пирамидата.
Секој објект има природен ритам. Притисната, протресена или вибрирана, тој претпочита да се движи на одредени фреквенции. Тоа е неговата природна фреквенција. Кога земјотресните бранови содржат силна енергија близу до истата фреквенција, објектот почнува да се тресе посилно бидејќи доаѓа до резонанца.

Во случајот со големата пирамида не доаѓа до резонанца бидејќи пирамидата и почвата немаат иста фреквенција, а тоа го намалува ризикот од резонантно засилување.

Случајно или планирано?
Градителите на пирамидата сигурно не рекле „ајде да ја избегнеме резонантната фреквенција на почвата“. Но, можеби го избрале тврдиот варовник затоа што бил цврст, и можеби претпочитале широка, симетрична, надолу оптоварена форма затоа што тоа функционирало во минатото. Тие можеби наследиле знаење за дизајн кое произвело сеизмички придобивки без навистина да ги разберат.
„Древните египетски градители поседувале извонредно долга традиција на експериментирање и континуирано подобрување. Многу рани обиди не им успевале, но тие учеле од секој неуспех, усовршувајќи ги своите техники за да дојдат до постабилен и поефикасен дизајн“, објаснува египетскиот сеизмолог Асем Салама.
Но, интригантен детал сепак остануваат коморите за ослободување на притисокот над Кралската комора. Новата анализа открива дека освен што служат за намалување на огромното оптоварување над комората тие истовремено ја намалуваат и сеизмичката реакција.