Косовскиот преседан сè уште го прогонува НАТО

„Запад не може да инсистира на светоста на границите и територијалниот интегритет само кога тоа одговара на неговиот политички интерес“, вели виш предавач во влијателниот американски тинк-тенк, институтот Като. Го направија преседанот со Косово и сега не прв, не втор туку третпат ги прогонува тоа лицемерие, вели експертот за одбрана и надворешна политика.

“Побогу, како тоа Путин мисли дека некој му дал право да прогласува нови земји на територии кои припаѓаат на неговиот сосед? Тоа е флагрантно кршење на меѓународното право!“, изјави Џо Бајден откако Путин објави дека ги прогласува Доњецк и Луганск за независни.

"Легитимна поплака", вели Тед Гален Карпентер во National Interest, "само што не може човек а да не се запраша по што се разликува руската акција од она што САД и нивните сојузници во НАТО ѝ го направија на Србија во 1999 година? Во тој случај, алијансата наводно наменета за чисто одбранбени цели започна офанзивна, седумдесет и осумдневна воздушна војна против земја која не извршила агресивен чин против ниту една членка на НАТО. Загинаа стотици српски цивили и беше опустошена инфраструктурата на земјата а лидерите на НАТО го принудија Слободан Милошевиќ да го препушти Косово на меѓународна контрола“. „Мировниците“ на ОН (претежно НАТО) се префрлија за да го спроведат диктатот на Алијансата - слично како што руските „мировници“ сега се распоредија во Доњецк и Луганск за да ги спроведат наредбите на Кремљ.

Прекршувањето на меѓународното право од страна на НАТО не застана со таа војна, со административна ампутација на Косово од Србија и распоредување војска, вели Карпентер. Девет години Запад прави маневри за да му се даде целосна независност на Косово, но тоа ќе наиде на руско (и најверојатно кинеско) вето.

Руските лидери жестоко протестираа и предупредуваа дека неодобрената акција на Запад воспоставува опасен, дестабилизирачки преседан во меѓународните односи. Вашингтон ги отфрлуваше ваквите жалби, тврдејќи дека ситуацијата со Косово е уникатна. А бидејќи е уникатна, Запад на Косово не прави преседан во однос на другите етнички сецесионистички ситуации, резонираше заменик секретарот Николас Барнс во 2008.

„Арогантноста и нелогичноста на позицијата на САД го одземаат здивот“, пишува Карпентер потсетувајќи дека не мина многу време за Американците да видат како тоа изгледа на друга страна.

Кремљ го искористи воениот судир со Грузија за да го зајакне отцепувањето на два грузиски региони, Јужна Осетија и Абхазија, и да ја бетонира фактичката контрола на Русија врз овие два ентитета. Администрацијата на Џорџ В. Буш ги осуди постапките на Кремљ, исто и НАТО сојузниците, но како што Русија не беше во позиција да направи многу околу однесувањето на НАТО во Косово, западните сили можеа да направат малку околу мешањето на Москва во Грузија.

Духот на косовскиот преседан повторно ги посети САД во 2014 година, кога Кремљ го засили своето воено присуство на полуостровот Крим и го искористи за „надзор“ на референдумот на кој Крим гласаше за отцепување од Украина. Чекор кој беше увертира за руската анексија на полуостровот. Вашингтон реагираше со уште поголем гнев, Обама налутено порача дека не може на Русија да ѝ се дозволува со сила да прекројува граници. Тој не се ни потруди да објасни зошто САД и НАТО тоа истото го правеа со Косово, ниту пак вообичаените медиумски душегрижници се помачија да прашаат.

Дури и аргументот дека мнозинското албанско население на Косово сакаше да се одвои од Србија заради бруталното однесување на Белград е тенок мраз бидејќи руските власти би можеле да користат слични образложенија за да ги оправдаат своите постапки во источна Украина.

Оценувајќи дека последните потези на Кремљ дополнително го поткопуваат меѓународното право и го дестабилизираат меѓународниот поредок, Карпентер ќе порача:

„Меѓународната заедница треба да усвои конзистентен сет на правила за такви ситуации. Вашингтон и другите НАТО престолнини не можат да инсистираат на ригорозно почитување на територијалниот интегритет на земјите и светоста на границите само кога тоа ѝ одговара на западната политика а да има обратен став за истото кога тоа е во нивна полза. Во справувањето со косовското прашање, силите на НАТО го направија токму тоа, а дрското лицемерие постојано се враќа да ги прогонува“.

 

 

1 март 2022 - 16:42