Дури и Вол стрит журнал беше загрижен: „Поделбите околу економијата, културата и географијата се предизвик за долговечноста на владите и нивната способност да ја истераат својата агенда.“
Во превод: Европа е готова.
Ама дали стварно е така?
Во време кога терористите беснеат, Италија ги мести финансиските извештаи, а Орбан стана централно-европски одговор на Дуче, само од себе ти доаѓа да и се ситиш на ЕУ.
Европа нема вистинско лидерство и визија; стана, како што ќе каже канадскиот композитор Чили Гонзалес, „филм без заплет“.
А сепак, како што завршува уште една ужасна година, тешко е да се негира дека Европа уште еднаш преживеа повеќе или помалку недопрена.
Парадоксот на Европа и за странците и за локалците е дека иако секогаш изгледа како катастрофата да е пред врата, судниот ден никогаш не доаѓа (освен, секако, во 1939, 1914, 1805, 455 итн... но сите тие апокалипси се пред ЕУ).
Всушност, имајќи ја предвид лепезата проблеми на Европа, нејзиното граѓанство е изненадувачки оптимистички расположено. Јавната поддршка за ЕУ е највисока за оваа генерација, а поддршката за еврото достигнува рекордни нивоа.
Низ континентот (со забележителни исклучоци), возовите тргаат на време, здравствената заштита и образованието се достапни за сите и генерално стабилни, правниот систем е фер а градовите безбедни.
Економијата на регионот, иако покажува знаци на напнатост, и понатаму расте. Невработеноста во ЕУ, иако и понатаму е голем предизвик за некои држави, е на најниско ниво од 2000-та.
Во време кога слободната трговија е под се поголем притисок, ЕУ ги затвори двата историски трговски договори, со Канада и Јапонија.
Па иако е лесно Европа да се откачи како место во кое ништо не функционира (Грција, брегзит, миграција, Јункер), сепак некако речиси сè функционира.
Дури и најголемиот дел од популистите се откажаа од идејата за напуштање на ЕУ.
Иако е лесно да се обвинат медиумите за лошата репутација на Европа, вистинските виновници можат да се најдат меѓу политичките лидери на континентот.
Почнувајќи од евро кризата, политичарите ја користат заканата од неизбежниот пропаст на Европа како реторички боздоган. „Ако еврото пропадне, тогаш ќе пропадне и Европа,“ прв пат предупреди Ангела Меркел во 2010, кога се обидуваше да собере поддршка за нејзината стратегија за спасување од банкрот на членките на Унијата.
„Европа мора да се промени или ризикува смрт,“ порача во 2016 францускиот ЕУ комесар за финансии, Пјер Московиси.
„Проектот е во смртна опасност,“ порача во септември германскиот ЕУ комесар за буџет, Гантер Отингер, додека се обидуваше да собере поддршка за нацрт буџетот.
Опасноста е дека ваквите апокалиптични предвидувања ќе станат самоисполнувачко пророштво. Речиси и да не минува недела без некој политички предизвик да се претстави како „да се биде или не“ момент за Европа.
Неодамнешната одлука на Меркел да си замине од лидерската позиција на нејзината партија не само што претставува сериозен предизвик за ЕУ, туку може да има и „ужасни последици“ како што предупреди Гардијан, потсетувајќи на 1930-те.
Најновиот момент на смртна драма се француските протести на жолтите елеци. Некои се плашат од враќање на гилотината и револуција која би можела да ја опфати цела Европа. Други, посебно Германците, се вознемирени од одговорот на претседателот Макрон, посебно од неговата одлука да фрла пари на проблемот - како цел континент да ќе пропадне ако Франција (и Италија) не го постигнат задолжителниот таргет од 3%.
Европските либерали, во меѓувреме, се организираа да го спасат францускиот претседател.
За некои, тој е новото евро: „Ако падне Макрон, паѓа и Европа,“ предупредува во својата колумна во Шпигел, германскиот академик, Хенрик Ендерлајн.
Ако изминатава деценија на постојана криза нè научи нешто, тоа е дека што и да се случи следно, пропаста на Европа е најмалку веројатниот исход.
Со се постара популација и обемна бирократија, ЕУ може нема да стане следниот економски мотор на светот. На глобална сцена, Европа е осудена да остане 50-годишникот во диско: далеку од неговите најдобри години и несмасен во друштво на трендсетери.
Сепак ќе остане на подиум затоа што она од што неговите граѓани најмногу се плашат е што ќе се случи кога музиката ќе престане.