„Министерството за правда мора веднаш да ја објасни причината за оваа рација и тоа мора да биде многу повеќе од претрага на безначајни архиви, или ќе се смета за политичка тактика и поткопување на секоја идна кредибилна истрага и на легитимитетот на истрагата за 6 јануари,“ Ендру Куомо, поранешен гувернер на Њујорк.
„ФБИ најверојатно собрало ’разорувачки’ количества докази пред претресот на домот на Трамп во Мар-а-Лаго, тврдат правните експерти,“ пишува Политикс инсајдер.
Разорувачки! Ок, памти го тоа.
Ние достигнавме фаза во американската историја каде се што гледаме на вестите мора прво да биде сфатено како политички театар. Со други зборови, пораките во вестите сега речиси постојно доминираат врз фактичкиот наратив, со тоа што фактичкиот наратив најчесто се пренесува толку неиздржано како да е неважен. Вчерашната сензационална вест за рацијата на ФБИ на домот на поранешниот претседател Доналд Трамп не е ништо поразлична.
Во моментов невозможно е да се каже дали наводното дело на Трамп е големо, мало или нешто помеѓу. Меѓутоа ова секако е голема вест, а нејзината големина се шири во повеќе правци, вклучувајќи го и исклучителниот политички ризик неразделив од одлуката да се изврши рацијата. Администрацијата на Бајден само што ја искористи полициската сила со најголема репутација на планетава и пред националните телевизии ја претвори во американска верзија на Тонтон Макуте (паравојска од Хаити). Можеби сме сведоци на истовремено најглупиот и најнеповратно деструктивниот политички потег во скорешната историја на државава.
Главната вест денес во Њујорк тајмс, потпишана од нивниот главен репортер за Белата куќа, шпекулира околу „одложеното враќање“ на „15 кутии материјал што го побарале службените лица од Националната архива.“ Ако тоа е точно и не е поврзано со 6 јануари или некое далеку посериозно дело, тогаш министерството за правда само што изврши институционално самоубиство и ја врати земјата многу чекори поблиску до некогаш незамисливата можност за национална побуна или воена состојба. Ова важи без разлика какво е вашето мислење за Трамп. И покрај првичните извештаи за „честитки“ од Западното крило, расположението во централно-левите медиуми веќе значително се оддалечи од ноќешната прослава. Сторијата на Тајмс денес додаде пасос кој недостасуваше од најголемиот број првични извештаи: „Претресот, сепак, не значи дека обвинителите утврдиле дека Трамп извршил кривично дело.“ Низ бизнисот се шепоти дека уредниците одбиваат одреден славенички речник, можеме да видиме како тоа изгледа на кабелските вести, каде најисплашените поранешни шпиони што работат за телевизиските мрежи се повлекуваат од првичните фрази:
Големината на сторијата стана дел од нејзиното објаснување. Постапка толку екстремна, како што ни е кажано од серија експерти, може да се базира само врз „разорувачки“ докази.
За време на владеењето на Трамп бевме сведоци на ублажувачки шаблон на реторичко стишување во покривањето на истрагите. Гореспоменатата сторија на Политикс инсајдер не е ништо поразлична. „Веројатните“ докази во насловот стануваат уште поапсолутни во остатокот на текстот. Дури 5 потпишани автори објаснуваат:
„Без разлика на фокусот на рацијата правните експерти брзо постигнаа консензус околу нејзе: сигурно куп докази го имаат поддржано налогот што го овластил претресот“.
Потоа тие цитираат „поранешен висок функционер на Одделот за национална безбедност при министерството за правда“ - брзо ќе се изгубиш ако пробаш да ги брои именуваните и неименуваните разузнавачи што се појавуваат во денешното покривање на вестите - кој изјавил „Сосема е издржано да се смета дека постои плус фактор во квантитетот и квалитетот на доказите што владата веќе ги има за да ја поддржи веројатната основа во овој случај.“
Политико инсистира дека ваквата постапка морала да има одобрување од судија „базирано на доказите за потенцијално кривично дело“. Си-ен-ен напиша дека властите сигурно „имале издржана основа за да веруваат дека е извршено кривично дело,“ додека формулацијата на Њујорк тајмс е дека „ФБИ требало да убеди судија дека има основа дека е извршен криминал.“ Социјалните мрежи се полни од верификувани експерти кои објаснуваат што мора да е точно. „Писмената изјава зад налогот за претрес на Мар-а-Лаго мора да е исклучителна,“ изјави поранешниот помошник државен обвинител со диплома од Харвард, Ричард Сињорели, кој е само еден од купиштата познати верификувани имиња:
Зачудувачки е колку е станато кратко нашето сеќавање. Очигледно малкумина ги паметат сите претходни пати кога истата оваа реторика беше употребена за бескрајната листа на други истраги против Трамп, за подоцна да се покаже неточна. Се сеќава некој на овој бисер?
„Барањата за налози од ФИСА, изјави Коми, најчесто се подебели од зглобот на неговата рака и дека таа дебелина претставува сета работа што министерството за правда и ФБИ агентите морале да го спроведат за да убедат судија дека такво следење е складно на таква истрага.“
Сторијата на Вашингтон пост од 11 април 2017 „ФБИ доби ФИСА налози за следење на поранешниот советник на Трамп, Картер Пејџ“ беше еден од клучните моменти во Трамп-Русија скандалот. Во него постојано се наведуваа ловориките на сите вклучени, забележувајќи „секоја ФИСА апликација мора да биде одобрена од највисоките нивоа на министерството за правда и ФБИ“, пред да стигне до круцијалниот заклучок:
„Владината апликација за налог за следење на Пејџ вклучуваше и обемна декларација во која беа наведени аргументите на истражувачите зошто веруваат дека Пејџ е агент на руската влада и свесно се вклучил во таинствени разузнавачки активности во име на Москва, изјавија службени лица.“
Следниот ден Њујорк тајмс ја засили приказната наведувајќи „владини функционери“ кои потврдуваат дека ФИСА судот има налог против Пејџ „базиран на доказите дека тој оперира како руски агент“.
Во рок од неколку дена потоа, Политикс инсајдер - истиот медиум кој денес ни зборува за значењето на налогот - имаше сторија од маскотата на разузнавачката заедница, Наташа Бертранд, под наслов „Само што добивме огромен сигнал дека американската разузнавачка заедница верува дека Трамп досието е легитимно“. Статијата користеше кружна логика врз основа на повеќегодишни стории за истрагата на Трамп. Имаме докази за истрага, што значи дека истрагата мора да има докази:
„ФБИ наводно го искористила експлозивното и непотврдено досие за наводните врски на претседателот Доналд Трамп со Русија за да го засили својот аргумент за добивање налог кој би дозволил да се следи Картер Пејџ, поранешен советник на кампањата на Трамп. Ова е клучен сигнал дека ФБИ има доволно доверба во валидноста на документот за да работи на негово потврдување и претставување пред судот.“
Невозможно е да се пренагласи како многу пакост и погрешни информации беа раширени од еден извештај на Вашингтон пост за одобрение од ФИСА судот, заради што е уште поневеројатно дека весникот доби Пулицерова награда за покривањето на руското мешање во изборите 2016. Гореспоменатиот текст не само што им даде на новинарите лиценца за поврзување на Трамп со „агент на странска сила“ туку наскоро стана и клучен елемент на една од најневеројатните новинарски грешки на овој период, односно дека Стилер досието е потврдено.
Поранешниот агент на ЦИА Џон Сајфер, уште еден од десетината поранешни разузнавачи кои магично станаа редовни во медиумите во изминативе 6 до 8 години, имаше проблем со процената на вистинскиот новинар Боб Вудворд дека Стил досието е „ѓубре“. Пишувајќи во текст за „Џаст секјурити“ кој беше реобјавен во Слејт, Сајфер вели „фактот дека ФБИ наводно посакал да работи со него и да му плати за да развие дополнителни информации за изворите покажува дека барем некои од нив биле доволно вредни за сериозно да се сфатат.“ Тој цитира и друг пензиониран „висок разузнавачки офицер“ кој изјавува „од мое искуство, нема никој пошкрт од ФБИ. Ако тие се волни да му платат на Стил, тогаш тие сигурно виделе нешто со вистинска вредност.“
Овој трик да се зборува за докази кои сигурно постојат се користи повторно и повторно. Кога Девин Њунез, тогаш шеф на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, објави меморандум кој тврдеше дека ФИСА постапката околу Пејџ била нарушена, критичарите му се нафрлија, објаснувајќи дека процесот спречува таква можност. Критикувајќи го „очајниот, расипан и неискрен меморандум од Њунез“ дека е навреда за „здравиот разум“ Дејли њуз алармираше дека „иако ФИСА судот работи во строга таинственост, стандардите за успешно добивање налог за следење е познато дека се извонредно ригорозни“.
Неименувани владини извори и медиуми постојано тврдеа дека затоа што ФБИ би морале да ја потврдат информацијата од Стил досието пред да ја искористат за нешто што е важно како апликација за ФИСА, тие и го имаат направено тоа. Затоа Њунез не е во право и е куртон. Дејли бист ја искористи оваа логика за да тврди дека ФБИ би биле невнимателни ако не го искористат материјалот од Стил, бидејќи неговата верификација е „техничко барање за ФИСА апликација.“
Голем број медиуми, како Вокс, забележаа дека само тие што обвинуваат ги имаат видено сите докази, и дека обичниот народ меѓу нас ги нема: „безбедносните функционери и демократите кои ги видоа разузнавачките докази нагласуваат дека обвиненијата од досието се само дел од оправдувањето за следењето на Пејџ.“ Калум Боршерс во Вашингтон пост тргна по „ФБИ мора да има уште“ патеката:
„Погрешно е да се каже дека овој ’западен разузнавачи извор’ главно Стил, ја оформил основата на текст во кој беа наведени уште најмалку три други извори... И тешко е да се види како статија би можела да биде толку голем фактор за добивање налог бидејќи содржи толку малку, ако и воопшто има, информации што ФБИ веќе не ги поседува или биле јавно познати.“
Ако на некој му треба потсетување за тоа како сите овие стории завршија, главниот инспектор на министерството за правда откри дека „неточни информации“ и збир на други прекршени процедури се искористени за создавање на „издржана основа“ за ФИСА налогот за Пејџ. Мајкл Хоровиц, главниот инспектор, исто така откри дека „ФБИ нема информации што ги потврдуваат конкретните обвинувања против Картер Пејџ“ и дополни, за коментатори како Боршерс дека материјалот од Стил не е материјал, дека материјалот всушност „одиграл централна и клучна улога во одлуката на ФБИ да побара ФИСА налог.“
Синоќа, вообичаено осомничените мрежи (ЦНН, МСНБЦ, АБЦ, ЦБС итн) во основа беа негледливи. Никој не ги постави клучните прашања. Новинарите од индустријата ја минаа вечерта правејќи го тоа што и јас го правев, јавувајќи се на секого што го имаат во телефонскиот именик во обид да дознаат што се случува. Следејќи ги регуларните медиуми јас наскоро сфатив дека тие ги добиваат истите одговори како и јас: рацијата е заради проблеми со документи од архива, веројатно (иако не и дефинитивно) кои не се поврзани со 6 јануари, и можеби вклучуваат пропуштен краен рок.
Некои споменуваа дека рацијата е поврзана со наводната навика на Трамп за кинење на претседателски документи, а други се чудеа дали има поврзаност со вест објавена во Аксиос, дека искинати документи се откриени дека ја затнале канализацијата во Белата куќа по заминувањето на Трамп.
Веднаш штом репортерите стигнаа до оваа ограничена информација (а главните медиуми беа доволно сигурни што ’Фокусот е на документи од Белата куќа’ беше напишано во главниот наслов на Тајмс) тие требаа да прашаат: дали има нешто чудно што десетици ФБИ агенти извршуваат рација налик мисијата Ентебе во домот на поранешен претседател заради проблеми со документи?
Дали ние се сеќаваме на што било и приближно драматично во случаи кои вклучуваат луѓе како поранешниот советник за безбедност на Бил Клинтон, Сенди Бергер (кој криеше документи во своите ногавици)? Или кога Дик Чејни се повикуваше на исклучок од процедурите за доверливост а еден од неговите советници, Ленадро Арагонцило, призна пред суд дека крадел доверливи информации за да им ги предаде на планерите на пуч на Филипините? Побогу, еден од клучните принципи на медиумите во времето на Трамп беше дека печатот направи грешка во претерување со прикривањето на грешките на Хилари Клинтон во справување со доверливи информации. Дали овие новински куќи сметаат дека публиката нема да забележи разлика во однесувањето?
Не сум и никогаш нема да бидам симпатизер на Доналд Трамп. Ако и кога тој ќе се кандидира за претседател, ќе ја минам долгата листа на причини зошто така се чувствувам. Меѓутоа за мене како новинар стана невозможно да се верува дека бескрајните истраги против Трамп во изминативе шест години станаа што било освен перманентно обележје на неговата политичка опозиција. Таа вистина започнува со Трамп-Русија скандалот, кој сега знаеме дека е лага гонета како вистинско кривично дело од компромитиран полициски апаратус, откако е измисленa од демократите. Еден од функционерите вклучени во тој хаос беше доволно фин ноќеска за да го твитне своето „мислење“ околу рацијата во Мар-а-Лаго:
Кога Марк Елиас - поранешен висок адвокат на кампањата на Хилари Клинтон, кој беше надзор на друг адвокат обвинет за лажење околу својата улога во измислувањето на Трамп-Русија приказните - ни кажува дека вистинскиот шокантен агол во ситуацијава е тоа што овие обвиненија би можеле автоматски да го дисквалификуваат Трамп од изборите во 2024, тогаш сите треба да седнеме и да слушаме. Ако веќе беше директно од скриптата на Папа Док / Мобуту кога Џо Бајден беше цитиран од Њујорк тајмс дека би сакал јавниот обвинител да побрза со обвинението против Трамп, користењето на федерална полиција за да се дисквалификува актуелниот лидер на анкетите на твојата опозиција заради техникалии како задоцните документи, е чиста политика на шпиони, и претпоставувам тоа за многумина е пострашно од повлекувањето на Ро против Вејд.
Секако дека Трамп треба да биде истражуван. Се сомневам дека има многумина вон неговата гласачка база кои би се изненадиле кога ќе дознаат дека тој веројатно извршил сериозно кривично дело (со години чекам да се појави случај базиран на Трамп Универзитетот или Трамп Сохо зделката). Сепак, освен ако вчерашните настани не се поврзат, брзо, со неговиот обид да се спречи прогласувањето на Бајден за претседател, или обид да се изигра изборниот систем пред изборите 2024, или некое друго разорувачки сериозно кривично дело, тогаш ова апсолутно ќе заврши како најсурово малтретирање. Посебно се плашам околу наводното присуство на контраразузнавачки агенти за време на рацијата, што ја зголемува веројатноста - за која повеќе верзии ми потврдуваат дека е теоретски возможна - делови од оваа истрага да останат тајна. Ако што било од ова се случи, тогаш администрацијата на Бајден го постигнала невозможното, да го претвори Доналд „фати ги за пичка“ Трамп во жртва.
Уште повеќе, тоа ќе гарантира дека следниот републиканец кој ќе влезе во Белата куќа, ако такво нешто е повторно дозволено, да ја стави под свое секоја достапна моќ за да спречи свое заминување и со тоа да ризикува прогон. Прашај секој што пораснал во автократски општества како функционира таа динамика. Мора да има повеќе од тоа што го слушнавме, или во спротивно понеделникот ќе биде запишан како една од најнеславните крстосници, ден во кој ја минавме точката од која нема враќање.