До кога демократите ќе оставаат Хилари да доминира со партијата?

Во понеделникот беше првата годишнина откако Алиса Милано ги повика жртвите на сексуални напади и малтретирање онлајн да ги споделат своите приказни под хаштагот #MeToo, движење кое пред една деценија беше започнато од активистката Тарана Бурк. Сепак, истиот ден со вестите доминираше Хилари Клинтон и нејзината бизарна одбрана на однесувањето на Бил Клинтон додека е претседател.

Во интервјуто без осет Хилари покажа зошто таа останува, според анкетите на јавното мислење, единствената политичка личност во САД која е помалку популарна од Трамп. Запрашана од Тони Докоупил од Си-би-ес околу #MeToo и дали таквото движење би го присилило нејзиниот сопруг да си поднесе оставка како претседател по откривањето на аферата со Моника Левински, Клинтон јасно покажа дека работите уште не и се јасни, и дека ја изгубила својата способност да биде ефикасен лидер во ова доба.

„Апсолутно не“ декларативно изјави Хилари.

Докоупил повторно ја притисна, прашувајќи дали врската на Бил Клинтон со Левински била „злоупотреба на моќ“.

„Не. Не. Таа беше полнолетна,“ инсистираше Хилари.

Технички ова е точно, но тоа одразува неволност да се земе предвид поширокиот контекст и начинот на кој се промени општествената и културолошка перцепција. Левински за време на аферата имаше 22 години, и таа постојано држеше до тоа дека нејзината врска со Бил Клинтон била консензуална. Таа исто така изјави дека со текот на годините размислувала за неизбежниот дебаланс на моќта меѓу приправник во Белата куќа и претседателот на САД. По една година од #MeToo, тоа е очигледна вистина за која е потребен изразит напор да не ја забележиш. Можеби Клинтонови толку долго биле на моќни позиции во САД што самокритиката станала невозможна.

Не е коректно, да не зборам дека е длабоко сексистички, што Хилари Клинтон две децении треба да трпи прашања за однесувањето на нејзиниот сопруг. Но начинот на кој таа избира да одговори на повеќекратните обвинувања за сексуално малтретирање и сексуален напад против Бил Клинтон доведува до осуда, а нејзиното неапологетско однесување тешко дека е патот по кој може да се продолжи понатаму.

Таа има право да верува дека нејзиниот сопруг не требало да биде присилен да си поднесе оставка заради лична слабост - во тоа време истото ова го мислеше и најголемиот дел од Америка. Меѓутоа фактот што Хилари Клинтон одбива да го преиспита инцидентот од нова перспектива ја поткопува нејзината кредибилност да зборува за што било поврзано со #MeToo. Не помага ни тоа што таа негира дека го има критикувано карактерот на луѓето што го обвинуваа Бил.

„Ама да ве прашам нешто, каде е истрагата за сегашниот претседател, против кого се направени бројни обвиненија кои тој ги негира, отфрла и исмева?“ продолжи Хилари во своето интервју.

Иако таа очигледно има валидна поента тврдејќи дека Трамп треба да биде истражен за неговите бројни наводни случаи на сексуално малтретирање, такво отворено вртење на прашањето е срамно. Наместо да избегнува препреки кои само го засилуваат нејзиниот негативен имиџ, Хилари има други опции: таа треба да се справи со прашањата околу неверството на нејзиниот сопруг на тактички начин кој нејзе ќе ја направи поприфатлива за јавноста. Таа може да држи дека тоа е приватна работа на нејзиниот брак и дека таа не е одговорна за однесувањето на Бил (иако прашањата за нејзиниот однос кон луѓето што го обвинија Бил е сосема друга работа). Или таа може да ја искористи трансформациската политика на #MeToo со тоа што ќе ја признае штетата што е направена и нејзината споредна улога во сето тоа. Како што сега стојат работите таа е само слабост на демократите.

Речиси две години откако Хилари беше поразена и во својот втор обид за влегување во Белата куќа, и само неколку недели пред изборите за Конгресот, демократите некако успеаа повторно да се најдат во проблеми заради серија проблематични коментари на еден од Клинтонови. Иако нејзиното константно присуство во центарот на политичкиот дискурс може да ги загрози шансите на нејзината партија за освојување на Претставничкиот дом и Сенатот, Хилари изгледа како да не е заинтересирана да се повлече.

Иако ниту таа ниту нејзиниот сопруг моментално немаат нови книги за промовирање, двајцата следниот месец треба да започнат турнеја низ 13 градови за „уникатни разговори“ околу „највлијателните моменти во модерната историја“. Влезниците за Лас Вегас ќе бидат од 72 до 228 долари, додека во Бостон ќе се движат од 120 до 745 долари. Секако, Хилари се уште има гласачи, меѓутоа тајмингот на оваа турнеја изгледа крајно сомнителен - и е директна конкуренција на турнејата за промоција на првата книга на поранешната прва дама Мишел Обама. По поразот на Хилари, Клинтонови можеа да им дозволат на Барак и Мишел да продолжат да бидат обединувачки фигури во врвот на партијата, неизвалкани во ерата на #MeToo. Наместо тоа Клинтонови изгледа се решени да продолжат да ја опседнуваат Демократската партија, која е стаклена куќа од која е невозможно да се фрлаат камења кон Доналд Трамп.

Кога Аманпур неодамна ја праша Хилари која е разликата меѓу она што го направил нејзиниот сопруг и она за што Трамп е обвинет дека го прави, Хилари одговори „интензивната, долготрајна, партиска истрага во 90-те“.

Како е можно на Хилари Клинтон да и е јасно дека има децениски долг десничарски заговор против нејзе, а уште не и е јасно дека тие победија? Без никакво чувство за одговорност, импресивното резиме на Хилари како прва дама, американски сенатор, Државен секретар и демократски претседателски кандидат може засекогаш да бидат извалкани со дополнителен текст со ситни букви.

Софија Тесфај.
Салун

18 октомври 2018 - 12:08