„Не сакаме војна меѓу НАТО и Русија. Без разлика колку не се согласувам со Путин и ги сметам неговите постапки за одвратни, САД нема да работи на неговото соборување во Москва.
Се додека САД или нашите сојузници не се нападнати, нема директно да влегуваме во овој конфликт, ниту со испраќање американски сили за борба во Украина, ниту со напаѓање на руските сили,“ изјави Бајден за Њујорк тајмс на крајот од мај.
Најголем дел од пофалбите и критиката на политиката на Бајден за Украина ја имаат прифатено оваа верзија на случувањата. Меѓутоа дали сме сигурни дека Американците можат основано да препознаат дека не сме влегле во војната?
Претседателите до сега знаеле да инсистираат дека немаат намера да влезат во војна, се додека не влезат. „Тој нè чуваше на страна од војната“ гласеше слоганот за реизбор на Вудро Вилсон во 1916, за по само неколку месеци од неговиот втор мандат тој да нè внесе во Првата светска војна, веднаш по објаснувањето дека американска интервенција е неопходна.
За време на претседателските избори 1964, претседателот Линдон Џонсон вети дека „нема да испраќа американски момчиња 9 или 10 илјади милји од дома само за да го прават тоа што азиските момчиња сами треба да го направат.“ Ама во февруари 1965 во првиот месец од неговата инаугурација, Џонсон одобри бомбардирање познато како операција „Ролинг тандер“. Еден месец подоцна, „американските момчиња“ беа во Виетнам.
Историјата дава насоки за рокот на траење на секое претседателско ветување (веројатно посебно за оние од изборната кампања) дека нема да влегуваме во војна: Дури и ако тоа е вистина во моментот кога е кажано, нема гаранција дека и во иднина така ќе остане.
Меѓутоа барем во случаите со Првата светска војна и Виетнам имаше очигледна транзиција од не сме во војна во влеговме во војна, и Американците можеа да го посочат моментот кога тоа се случило. Оваа линија значеше дека претседателите можат да дадат јасни ветувања дека не влегуваме во војна, а потоа јавноста да каже кога тие ветувања не се исполнети.
Последниве децении, посебно по нападите од 11 септември, ние влеговме во модел на постојана војна, со двосмислени граници на хронологијата, географијата и целта. Линијата меѓу тоа што е војна и што не е војна стана опасно заматена, а одлучувачкиот момент кога се префрламе од една во друга стана уште потешка задача.
Ова делумно се должи и на технолошките напредоци, како сајбервојна и напади со дронови, кои овозможија да се спроведе она што инаку се смета за акт на војна (убивање непријатели, уништување згради, деградирање нуклеарни постројки) во друга држава без американските војници да го напуштат американското тло. Тоа исто така е и функција на извршното војување: Конгресот нема формално прогласено војна од 1942, но последователни претседатели се потпираат на опширните воени моќи што ги доби Џорџ Буш во 2002 за овластување за користење на воена сила.
На пример, дали сме во војна со Пакистан или Сомалија, каде од 2004 спроведуваме напади со дронови против Ал Каеда, ИСИС и талибанците во Пакистан, или од 2011 против Ал Шабаб во Сомалија? Или дали сме во војна во Нигер, каде се распоредени американските сили и каде четворица американски војници се убиени во заседа во октомври 2017?
САД никогаш официјално не се вклучија во граѓанската војна во Јемен, но саудиската коалиција со американски боеви глави убива цивили и со американско наведување наоѓа избрани мети.
Нашата улога во 7-годишниот конфликт во Јемен е толку обемна што голем број експерти веруваат дека без нас саудиската коалиција до сега ќе бараше мир. Таа е доволно обемна за американските законодавци (вклучително и двопартиско мнозинство на сенатори во 2019) да ја окарактеризираа како прекршување на првиот член на Уставот, кој му дава на Конгресот овластување да прогласи војна, и на Резолуцијата за воени овластувања од 1973 која остро ги ограничува, по природа и време, воените акции започнати од претседателот.
Законодавците заклучија дека ја минавме линијата во Јемен, дури и ако не сме целосно сигурни каде е линијата.
А тоа што го направивме во Јемен многу личи на тоа што го правиме во Украина. Минатиот месец, протечени информации од американски функционери откриваат дека САД и помогнал на Украина во убивање руски генерали и во потопувањето на руски воен брод, а Бајден потпиша пакет за помош на Украина од 40 милијарди долари, од кој најголем дел е за воена помош, како оружје и разузнавачки информации. Оваа помош е згора на милијардите долари претходна воена поддршка. Администрацијата на Бајден месецов исто така објави дека ќе испрати ракетни системи во Украина кои теоретски би можеле да удрат на руска територија, а наводно има намера да и продаде на украинската влада четири дронови кои можат да бидат опремени со „Хелфајр“ проектили.
Дали сме во војна во Украина? Ако ги замениме местата (ако руски апаратчици признаат дека помогнале во убивање американски генерали или потопување на американски воен брод) се сомневам дека ќе имаме некакво двоумење. На крајот од краиштата, тоа што САД го прави во Украина не е не војна. Ако до сега избегнувавме да го нарекуваме војна, и се уште можеме да продолжиме да го правиме тоа, можеби тоа е само затоа што станавме несигурни околу значењето на зборот.