„Популарната серија Приказната на слугинката (2017-), снимена според истоимениот роман на маргарет Атвуд, а објавен пред три дeцении, не им служи најдобро на жените и на нивната борба за зачувување на репродуктивните права“.
Вака почнува текст на писателката Асја Бакиќ (1982), објавен на нејзиниот блог. Таа смета дека основниот проблем на романот и на неговата ТВ серијализација е во тоа што тие ни ја претставуваат нововоспоставената, ултраконзервативна држава Гилеад од перспектива на слугинката Офред, која во својот „минат“ живот не се борела против подемот на фундаменталистичката диктатура, туку пасивно набљудувала како тираните ја преземаат власта. „Под банерот на наводно моќна феминистичка нарација, таа продава приказна која глорифицира неинформирана хероина, и од неа, сосема незаслужено, прави главна фигура на отпорот на која треба да се угледаат сите жени“.
Бакиќ наместо новонастанатата мода на протестирање, вклучително и на Балканот, која подразбира иконографско копирање на препознатливите црвени одори и бели шапки од серијата, предлага симболичка инспирација од домашното, длабоко потиснато минато: ликот на партизанката, афежеовката, НОБ-овката.
„Во Втората светка војна, во борбата против окупаторот, на просторот на бивша Југославија погинале 25.000 жени, а ранети биле 40.000“, потсетува таа. „Жените се самоорганизирале и мобилизирале да помогнат во Народноослободителната војна. Биле болничарки, политичарки, војници - активно учествувале во борбата за рамноправност и слобода, тие, два милиона на број“. Па заклучува, во контекст на феминистичките протести во нејзината Хрватска: „Парадоксално е каков и да е отпор на клерикалната и десничарската реторика и политика против правото на абортус во Хрватска денес да се организира под црвен плашт на измислена слугинка, кога историски за таквата борба имаме многу поадекватен лик на партизанка која не чекала пасивно да раѓа и да слугува во нацистичка утопија“.
Сплитскиот публицист и книжевен критичар Борис Постников на сајтот Bilten.org ја поддржа неговата колешка, велејќи дека ликот на вистинската партизанка е автохтоно идеолошко наследство, додека моменталната глобална активистичка мода е само иконографска реплика на комерцијалната рекламна кампања со која е промовирана серијата.
Сепак, колку и да не може да му се најде замерка на предлогот на Бакиќ, реализацијата на ваквата идеја е тешко да се замисли, вели Постников. Ретроактивното редуцирање на народноослободителната борба од четириесетите во насока на хрватското осамостојување од деведесетите (и не само на хрватското), спаѓа во службениот наратив на државотворната идеологија. Оттаму, дури и на антифашистичките активисти во Хрватска им пречат знамиња со црвена ѕвезда, кои беа развиорени пред Хрватскиот народен театар на 22 јуни, Денот на антифашистичката борба. Драго Пилсел, новинар и активист, и еден од основачите на Антифашистичката лига во оваа земја, тогаш изјавил дека помеѓу комунистичките „будали“ и „фанатици“ и филоусташкиот шљам и нема голема разлика. „Идиоти се и едните и другите“, рекол. Единственото знаме кое требало да се истакне на тој ден според него било државното.
Кон ваквите ставови се приклучуваат не само повеќето политичари и аналитичари, туку и писатели. Во современата хрватска книжевност Втората светска војна е артикулирана на два начина. Првиот е ултранационалистички и тврдо ревизионистички, воспоставен во средината на деведесетите со „Четвероред“ на Иван Аралица. Вториот, кого го применуваат антинационалистите, космополитски ориентираните автори и авторки, главно се однесува на холокаустот. „Рута Танебаум“ на Јерговиќ (наш осврт за неа тука), „Столицата на Елијах“ на Игор Штикс, добар дел од опусот на неодамна починатата Даша Дрндиќ, сите тие се окупирани со виктимологијата на масовното истребување на Евреите. Во постјугословенски контекст тука спаѓаат „Куќата на сеќавање и заборав“ на Филип Давид, „Гец и Маер“ на Давид Албахари, „Мојот убав живот во пеколот“ на Иван Ивањи, „Билијард во Добрај“ на Душан Шаротар...
Последниве како однапред да сметаат на поширок читателски хоризонт, на преводи и странска публика. Иако можеби не се работи за авторска калкулација, сепак локалните ликови на партизанките и партизаните и тука остануваат на далечните маргини.
Од либерален агол, продолжува Постников, инсистирањето на иконографско паметење на НОБ - од чие чело не може да се симне проблематичната петокрака, колку и да повторуваме дека во антифашистичката борба не учествувале само комунисти - знак е на политички инфантилизам и на контрапродуктивно распалување на и онака живиот десничарски оган. Имено, премолчувањето на НОБ и „меката“ цензура на партизанското движење - свесно или несвесно, намерно или ненамерно - само му оди во прилог на десничарскиот ревизионизам. Сите оние години на пристојно колективно заобиколување на НОБ, кои доведоа до тоа симболот на феминистичка побуна да стане глобално брендираниот лик на аполитична жртва, наместо локалната хероина на антифашистичкиот отпор, тоа луѓето кои денот на борбата против фашизмот го слават со симболот на победничката војска да се нарекуваат будали, како и тоа целата книжевност подготвено да тоне во калта на колективниот заборав, само оставаат бришан идеолошки простор за нов, уште посилен марш на десницата.
„Можеби затоа токму сега е добро време премолчувањето на минатото, без оглед од кој политички пол доаѓа, да се нарече со вистинското име: историски ревиционизам. Можеби е време за усвојување на лекцијата дека политичкиот опортунизам сепак не се исплати. Можеби е време да се присетиме дека на оние кои пред 77 години тргнале во навидум загубена битка, опортунизмот не им бил ни на крај на памет“.
Извор: Билтен.орг