Ако Њујорк тајмс во 1971 можеше законски да ги објави Пентагон документите знаејќи дека тие вклучуваат доверливи документи што воениот аналитичар на Ранд корпорацијата, Даниел Елсберг, ги украде од нашата федерална влада, тогаш и на Викиликс му е дозволено, според првиот амандман, да објави доверлив материјал за кој Асанж знаел дека поранешниот разузнавачки аналитичар на американската армија, Челси Менинг, го украла од нашата федерална влада.
Па ако обвинителите го обвинат Асанж за шпионажа или кое било друго кривично дело за тоа што го објавил материјалот од Менинг, тоа ќе биде уште еден случај како оној со Пентагон документите и со сличен исход. Голем број луѓе погрешно ја разбраа одлуката на Врховниот суд од 1971. Таа не вели дека весниците кои планираат да ги објават Пентагон документите не можат да бидат гонети доколку објават доверлив материјал. Туку вели дека тие не можат да бидат ограничени, или спречени однапред, во нивното објавување. Па, тие ги објавија, и не беа гонети за тоа.
Истиот исход веројатно ќе следува доколку Асанж е гонет за објавување доверлив материјал на Викиликс, иако нема гаранција дека обвинителот нема да се обиде да направи разлика на овој случај по основа дека Њујорк тајмс е медиум со многу поголема одговорност отколку Викиликс. Меѓутоа Првиот амандман не разликува нивоа на одговорност. Кога е пишуван Уставот, нашата нација е преплавена со неодговорни скандалозни весници и летоци. Никој не ги опишува авторите на политички памфлети Томас Пејн или Џејмс Календер како одговорни новинари на нивното време.
Затоа, веројатно е дека обвинението на Асанж само за објавување на доверливи материјали најверојатно ќе падне. Плус, Велика Британија може да не биде волна да го екстрадира Асанж за такво политичко кривично дело. Токму затоа обвинителите решија да поднесат обвинение по друга основа, за конспирација да и’ се помогне на Менинг да упадне во компјутер на федералната влада за да украде доверлив материјал. Таков криминал, доколку се докаже без сомнеж, е многу послабо заштитен од Уставот. Судовите до сега имаат досудвано дека новинарите не смеат да го прекршуваат законот во обид да стигнат до материјали чие објавување би било заштитено од Првиот амандман.
Меѓутоа проблемот со сегашната ситуација е што, иако таа можеби е правно силна, изгледа дека обвинението е слабо со факти. Во него стои дека „Асанж ја поттикнувал Менинг да обезбеди информации и документи“ од агенциите на федералната влада, дека „Менинг на Асанж му дал дел од пасвордот“, и дека „Асанж барал уште информации.“ Потоа во него се кажува дека Асанж се „обидувал да го пробие пасвордот“ но не успеал во тоа. Ова не е најсилниот збир факти.
Првото прашање е дали правната теорија базирана на така рудиментирани факти ќе биде доволна за барањето за екстрадиција воопшто да биде остварено. Дури и да е, дозволата за екстрадиција може да биде обжалена преку неколку судски нивоа, што ќе земе многу време. Второто прашање е што ќе се случува со Асанж додека се обработуваат овие жалби. Ако тој е затворен, тој може и да прифати екстрадиција во надеж дека ќе го добие случајот во САД. Третото прашање е дали американскиот обвинител може да го надополни обвинението за да го направи да биде правно и фактички посилно и, ако го направи тоа, дали тоа ќе го преземе пред или откако Асанж ќе биде екстрадиран.
Последното прашање е дали Менинг ќе сведочи против Асанж. Не е познато дали на обвинителството му е потребно нејзиното сведочење и дали тие можат да го оформат случајот врз основа на мејлови и други документи, меѓутоа нејзиното сведоштво секако ќе биде од помош доколку таа соработува и ги дополни информациите што ги имаат. Претседателот Обама во 2017 ја намали нејзината казна (на три дена пред крајот на мандатот) и таа беше ослободена од затвор, меѓутоа минатиот месец повторно беше затворена заради одбивање да сведочи против Асанж пред голема порота. Менинг може да добие имунитет од идни обвиненија и да биде обврзана да сведочи. Доколку одбие, дали обвинителите ќе ја задржат во затвор? Има многу подвижни делови во овој процес, и сите го прават развојот и исходот на овој случај непредвидлив.
Алан Дершовиц,
Автор и поранешен професор по право на Харвард