Американските претседателски избори оставаат чувство на популарниот талент натпревар - Америка има талент.
Како и реалното ТВ шоу и изборите се забавни, емоционални и крајно компетитивни, и се фокусираат исклучиво на талентот и карактерот на кандидатите и недостаток на истиот, наместо на што било што наликува на политичка супстанца или агенда.
Ова само е засилено од меинстрим медиумите кои известуваат како од трка на коњи, главно фокусирајќи се на шансите, преку целодневното пренесување на резултатите од анкетите.
Изборите не само што обезбедуваат бесплатни содржини за корпоративните медиуми, туку и приходите од рекламите од кампањата прават да е попрофитабилно од кога и да е, па се третираат како телевизиско реално шоу.
Денес, изборите и медиумското покривање на истите речиси ексклузивно се насочени кон тоа дали Доналд Трамп или Џо Бајден имаат карактер, талент или искуство да ја предводат земјата во тешки времиња.
Трамп инсистира дека сè се сведува на лидерство, каде „талентот е поважен од искуството“.
Тој смета дека изборот не може да биде полесен, меѓу него, силниот и „стабилен гениј“, и „слабиот“ и „когнитивно хендикепиран“ Бајден.
Па во нивните напори да го назначат Трамп за следен претседател / крал, републиканците прифатија слон и круна како лого за нивната конвенција 2020.
Но, Бајден беше оној кој мораше да минува низ номинациски обрачи, каде како на Америка има талент (АИТ), мачните партиски избори започнаа пред помала публика на локално ниво пред да се префрлат на национално.
Додека Трамп гледаше ТВ или играше голф, Бајден беше сред сериозна кампања против 28 други конкуренти, што е најголемиот број на номинирани во скоро минато.
И тој успеа да избега уште на почеток, благодарејќи на коалицирањето и врските што ги имаше во рамките на Демократската партија.
Зад сцената партиски апаратчици, консултанти и нивните финансиери, како судии и продуценти на АИТ, играа огромна улога во проверката на кандидатите за време на партиските избори, кои се најдолгото комерцијално реално шоу на телевизија.
Тие го решаваат распоредот, изгледот и формата на скапо продуцираните дебати и јавни претставувања, каде настапите се скриптирани и многу однапред извежбани за да го привлечат најгласниот аплауз.
А како и на АИТ, дури и емоциите за време на партиските избори изгледаат вежбани, пакувани и монтирани за националната публика, за да се оптимизира поддршката и учеството.
Исто така, драматичното фокусирање на членовите на семејството кои се радуваат и емоционално навиваат од центарот или краевите на сцената се АИТ пар-екселенс.
Меѓутоа годинешната пандемија наруши голем дел од драмата за време на втората половина од изборниот процес, фрустрирајќи го Трамп, кој беше желен да тргне на турнеја за да ја намали предноста на Бајден на изборите.
Дури и партиските конвенции кои вообичаено ветуваат возбуда пред изборите, беа издишани заради недостатокот на викање и навивање од публиката.
Ова посебно се забележа кај популистичките републиканци кои се обидоа со некои бизарни вратоломии да создадат драма дерејќи се и викајќи пред нула публика.
Ваквите обиди достигнаа ново дно кога државниот секретар Мајк Помпео одржа говор од Ерусалим, продавајќи ги правата на Палестинците за гласови за Трамп од евангелистите.
Без разлика дали во живо или виртуелно, забавно или досадно, изборите сега зависат од двајца старци со големо его и мал талент од видот што е потребен.
Навистина е трагично што натпреварот за избор на следниот лидер на светската водечка демократија сега се води меѓу двајца седумдесетгодишници, кои немаат никаква свежа визија за Америка и нејзината улога во светот.
Всушност, човек треба да се помачи да му текне на една оригинална идеја од нив двајца, па дури и цитат за паметење кажан од кој било од нив за време на нивните долги кариери.
Уште полошо, Трамп не може да кажува цели реченици па дури и да чита како што треба од подготвеното сценарио. А многумина кои веруваат дека Бајден страда од деменција само го чекаат кога ќе ја утне следната реченица.
Меѓутоа сето она што на републиканците и демократите им недостасува во визија, говор и инспирација, тие го надополнуваат со злобност и огорченост.
Па наместо да работат на сопствено подобрување, тие се распарчија себе си и земјата.
Трамп го нарекува Бајден ментално некадарен и анти-Господ, а Бајден ја врати услугата етикетирајќи го Трамп како расист и глуп.
Трамп одржува имиџ на агресивен, бескомпромисен воин кој ќе се бори за својата база на поддржувачи без разлика која е заканата, додека Бајден одржува имиџ на внимателен, сочувствителен лидер кој ги залекува раните и го враќа достоинството во Белата куќа и почитта за Америка.
Пораката на Бајден како повеќе да е прифатена, за сега. Меѓутоа се уште им простор за Америка да се сврти кон воинот, наместо кон терапевтот.
Во секој случај, гласовите кои ќе одлучуваат ќе бидат против кандидат а не за некој од кандидатите, што не влева многу доверба без разлика кој победи.
Сето ова прави човек да се зачуди, зошто извонредна држава како САД, која ги има најталентираните актери, писатели, научници, иноватори и бизнисмени, на крај завршува со двајца стари и неинспиративни лидери.
Многумина тврдат дека елитите и олигарсите го контролираат целиот политички систем преку влијание и многу пари.
И во тоа има многу вистина.
Меѓутоа има и друг клучен фактор кој им даде форма на овие и претходните избори.
Растот на популизмот во Америка, и општо во западните демократии, отвори врата за демагогија, нарушување и шоуменство олицетворени во Доналд Трамп.
Неговиот неспоредлив талент за политички и персонални спинови му дава предност во однос на Бајден, како што му даде во однос на Клинтон.
Тој веќе успеа во текот на изминатата година да се стави во центарот на вниманието на претседателството и партијата, а до некаде и на државата.
Всушност, талентираниот г-дин Трамп го претвори целиот свој мандат како претседател во долга и одлучна кампања да се освојат следните избори.
И затоа Трамп, кој заостанува на анкетите, веќе на големо се труди да ги дискредитира изборите, заканувајќи се дека нема да прифати неповолен исход.
Ова ветува дека изборите може да се претворат од забавно шоу во хаотичен кошмар.
Ако победата на Бајден е било што освен доминантна, можно е Америка повторно да се расплаче на крајот од шоуто.