Дали книжевните ликови, како Цезар во истоимената драма на Шекспир, внимаваат на лошите пророштва на кои наидуваат? Веројатно не, затоа што да е така писателот ќе останел покус за одличен заплет и уште поинтересна завршница. Еве некои од најпознатите претскажувања во литературата.
1. „Магбет" oд Шекспир
Ова пророштво, дека храбриот шкотски генерал ќе стане крал на земјата, го тера Магбет да преземе акција, и истото да го искористи како оправдување за убиството на актуелниот владетел на Шкотска, Данкан. Но целата драма прераснува во трагедија откако Магбет се претвора во тиранин, кој не бира средства за остварување на своите амбиции.
Токму сцената со вештерките во театарските кругови се смета за проколната, и целата претстава наместо со нејзиното име се нарекува „Шкотската драма" или „Бардовата" (според „бардот" Шекспир). Името на Магбет не се изговара туку за него се зборува како за „шкотски крал", а освен на проби и претстави монолози од драмата не се изведуваат.
2. „Едип" од Софокле
Делфиското пророштво му кажува на зетот на Едип, Креон, дека чумата ќе биде отстранета од Теба кога ќе биде пронајден убиецот на поранешниот крал Лај. На упорното настојување на Едип, Тиресиј, слепиот градски пророк, му кажува дека убиецот ќе биде оженет со сопствената мајка. Кога Едип открива дека човекот кој случајно го убил е неговиот татко (па дека оттаму ја оженил сопствената мајка), се самоослепува.
3. „Хари Потер“ од Џ. К. Роулинг
Грим е знак на смртта, во форма на големо, црно куче со жолти очи. Во волшебничкиот свет се смета за најлошото од сите можни знамења, па оттаму не е ни чудно што откако ќе се сретне со него (на повеќе пати низ серијата), Хари Потер или доживува несреќи, или како на крајот на седмата книга, доживува искуство блиско со смртта.
4. „Светлина во август“ од Вилијам Фокнер
Главниот лик, Џо Кристмас (Божиковски) се вика така затоа што е роден на Божик, роденденот на Исус. Но наместо ова да е добар знак, неговиот живот е трагичен - тој е крајно осамен, неприфатен од заедницата, што го води во криминални води. Неговата насилна природа прави да е е тешко тој да се толкува ко маченик, но, како и Исус, и тој умира на 33.
5. „Песната на древниот морепловец“ од С. Т. Колериџ
Во оваа најдолга поема на Колериџ една група морнари наидува на албатрос, добар знак и птица која наводно е одговорна за добрите ветрови. Но животното ги води во маглива област, па нараторот пука во него и го убива. Морнарите потоа се казнети за убиството, со тоа што се насукуваат и на крај умираат: "Вода, вода насекаде, но ниту една капка за пиење".
6. „Сликата на Доријан Греј“ од Оскар Вајлд
Доријан ги моли другарите да не го убиваат убавиот зајак на кој наидуваат при лов. Тие сепак пукаат, но кога го убиваат се слуша крик на човек, кој веднаш умира. Доријан се плаши дека инцидентот е лош знак, и тој е во право - неговата фиксација со надворешната убавина го води во пропаст.