Овие денови, владата на САД се обидува да ги заштити младите од ужасите на мрежата. Се надеваат дека со Законот за безбедност на мрежа (или Закон за опасни блогови) ќе придонесат кон смалување на ризикот од влијание на несоодветните содржини со кои изобилува светски распространетата мрежа.
На жалост, постои и еден облик на онлајн штета кој не може да биде регулиран правно, а можеби е најподмолен од сите можни.
Автоцензурата.
За ова неделава на Радио 4 зборуваше реномираната нигериската авторка Чимаманда Нгози Адичи, која во своето излагање предупреди дека младите се погодени од „епидемија на автоцензура“. Тие се толку исплашени од „виртуелни одмаздници“ кои им пишуваат глупости и се закануваат, што не ни помислуваат да кажат што навистина мислат околу спорните прашања. Сакајќи да живеат на раат, седат мадро или се преправаат дека се согласуваат со што и да е модерно во дадениот момент.
Нгози Адичи е целосно во право. И говорејќи на темава, посочи кон вистината за културата на канселирање. Современите прогресивци рутински инсистираат дека такво нешто не постои. ОК, повремено некои познати личности ќе се замерат на интернет, тргнувајќи по темните сокаци на непрогресивното размислување - но тоа не ги чини кариера, зар не? И понатаму се богати и успешни. Познатите комичари и понатаму се познати, а авторите на бестселери се на врвот на топ листите. Тие не се канселирани.
Ваквиот резон драматично ја промашува целта, затоа што на виртуелните одмаздници не им е цел да ги замолчуваат славните личности, туку да го замолчат обичниот човек. Тој ќе види што им се случува на популарните, и затоа што случајно се согласува со нивниот став - одлучува својот никогаш да не го изнесе јавно. Обичниот човек не знае што би правел кога на личниот профил би му се насукале макар дел од сите тие ревносни дигитални полицајци. За разлика од познатите, тој нема многу пари, па се ужаснува од помислата дека поради некакво свое мислење може да ја изгуби работата.
Да не се разбереме погрешно, луѓето за кои зборуваме не се замолчени. Самите замолчеа. Тоа е автоцензурата. И тоа често им носи службена победа на разбудените. Нивната расправа не се врти околу укажување на основаноста во нивната аргументација. Тие прават сè за да го направат инаквото мислење социјално неприфатливо. Лесно. И ефикасно.
Секако, во игра се и традиционалните облици на цензура - како што можеше да се види неделава во Шкотска. На хуманитарен настан организиран со цел сопирање на насилството на мажи врз девојки и жени, на учесниците им е наложено да не зборуваат за потребата од „простории во кои може да влезе само еден пол“. Очигледно, ова беше сторено за да се „создаде безбедно и охрабрувачко окружување за гостите“. Со други зборови: да не се навредат присутните мажи кои се идентификуваат како жени.
Овој вид на цензура знае да е страшен, но автоцензурата е уште пострашна. Така е затоа што се борите самите против себе. Предадени од сопствениот страв, луѓето во овој случај пребрзо се откажуваат, без борба. Наместо да кажат што навистина мислат, тие го кажуваат она што сметаат дека би требало да го мислат.
Социјалните медиуми, како природно имуни на цензура, требаше да го направат говорот послободен. Меѓутоа, тие на извесен начин го олеснија цензурирањето - или барем постигнувањето на целите на истото. Замислете ги сите каши во кои Штази морале да западнат во комунистичката источна Германија, со цел да ги одвратат дисидентите и да наметнат идеолошки комформизам. Морале да прислушуваат, да следат луѓе, да гледаат бескрајни снимки од скриени камери и да регрутираат бесконечно многу доушници. Кога само би им текнало да направат Твитер. Тогаш јавноста сама ќе им ја завршела таа работа - наметнувајќи идеолошки комформизам.
Во нашето славно онлајн доба, секако, нема Штази. Или барем немаат физичка појавност. Наместо тоа, секој од нас сега има свој внатрешен Штази агент, кој внимателно ја следи нашата мисла - и тивко не потсеќа каков „шитсторм“ би можел да не снајде ако сме доволно глупави да кажеме што навистина мислиме.