Бурчу Ѓултекин Пунсман е дојденец во Берлин од јули минатата година. Во потрага по работа завршува во Арвато, една од компаниите на која Фејсбук и го има аутсорсирано модерирањето содржини.
„Ја прифатив многу непривлечната понуда за работа и влегов во свет за кој не сум помислил ни дека постои,“ го објаснува Пунсман својот почеток во тимот на Фејсбук за модерирање на содржини кој има филијали низ цел свет и работи на 40 различни јазици.
Пунсман по сопствена желба ја напушта работата по само 3 месеци.
Тој главно ужива во периодот на обука и запознавање со работата. Интересна му е и околината, составена главно од мигранти, претежно млади, со многу разнолика позадина.
Основата на неговата работа е реагирање по пријава од корисниците, бидејќи Фејсбук како и многу други социјални мрежи, имаат систем на регулирање базиран на заедница, односно никој не ги проверува содржините кога тие се аплоудираат, туку само по пријава од корисниците.
Според она што до сега се знае, секоја недела на Фејсбук се генерираат 6,5 милиони пријави, „работата никогаш не застанува, трае седум дена во неделата без речиси никакви пречки.“
Тој е одговорен за „турскиот пазар“, и во неколкумесечната кариера е изненаден од две работи: колку насилни и сурови содржини се објавуваат со цел да се заплаши, нападне или да му се наштети на некого, и колку малку од објавените содржини се од криминална природа (криминал како шверц, наркотици и слични услуги).
„Бев сведок на однесувања и форми на изразување кои лесно можеа да убедат секој што не е специјалист во ова поле дека светот комплетно полудел.
Сведочев на однесувања кои не почитуваа никакви социјални норми, објавени пред свет во кои идеите за интимност и пристојност имаат исчезнато, каде што нема никаква почит за приватност.
Голем број луѓе на социјалните медиуми покажаа однесување вон сите општествени норми, а сепак не можат да се сметаат за анти-социјални, затоа што луѓето кои тоа го објавуваат бараат следбеници, лајкови и социјални интеракции. Нивната цел е да привлечат внимание.
Често пати се прашував што ќе се случи ако луѓето на сличен начин се однесуваа во јавни простори и го пренесеа ваквото однесување во јавниот превоз, кафулиња или паркови,“ објаснува Пунсман.
И без сето тоа што го гледа како дел од работните задачи, работата не му е баш како што човек би си ја замисли кога некој ќе каже „работам за Фејсбук.“ Се работи во три смени, што значи дека често пати не може доволно време да си го гледа семејството, во околина отсечена од светот, без речиси каква било социјализација со колегите и нема станување од компјутер на повеќе од неколку минути.
Текот на работата е следен: агентот седи пред монитор и го решава тикетот што го чека во ред. Тикетите се примаат по случаен избор. Без ред доаѓаат текст, слика или видео постови. Никако не можеш однапред да знаеш што ќе ти излезе на екран.
„Содржините се крајно разнолични. Немаш време за да направиш ментална транзиција. И комплетно е невозможно човек психички да се подготви.
Никогаш не знаеш на што ќе наидеш. Понекогаш ти требаат неколку секунди за да разбереш за што е постот. Агентот е во постојана состојба на стрес. Брзината ги сведува комплексните аналитички процеси на автоматизам. Модераторот реагира. Повторувања без крај. Станува тешко да се дисконектираш кога ќе ти заврши 8-часовната смена.
Задачата создава некаква потреба, па дури и зависност. И на сон почнав да ги повторувам истите задачи. Ми беше драго што не ги визуелизирав содржините,“ објаснува Пунсман.
На ниво на сите модератори на содржини, најомразени се видеата од отсекување глави, а на Пунсман му се паѓа да работи и за време на муслиманските пости, па при крај на постите е сведок и на голем број видеа од колење говеда, „сфатив дека тие ме погодуваат на ист начин како и обезглавувањето луѓе.“
Тој објаснува дека ИСИС не е единствен извор на видеа со обезглавување, добар дел од содржината од овој жанр доаѓа од нарко-војната во Латинска Америка, етничкото чистење во Мианмар, „па дури и јужните краишта од мојата земја“. Видеата на ИСИС се разликуваат по тоа што се далеку пософистицирани и речиси на професионално ниво.
„Единствената моќ што ја има модератор на содржина е да го избрише постот. Во ретки случаи, можев да испратам нотификација до корисникот дека постот бил суров. Би сакал да можев повеќе да ја користам таа функција,“ порачува Пунсман.