Во светлината на руската инвазија на Украина, избувна информативна војна, жестока колку и онаа вистинската, а Мета (официјалното име на Фејсбук) објави соработка со девет организации за да ѝ помогнат да ги одвои фактите од лагите за украинските, руските и другите корисници од Источна Европа.
„За да го намалиме ширењето на дезинформации и да обезбедиме поверодостојни информации за корисниците, на глобално ниво соработуваме со независни проверувачи на факти од трета страна“ напишаа од Фејсбук додавајќи дека факт-чекерите се сертифицирани од Меѓународна мрежа за проверка на факти, подружница на Поинтер институтот.
Овие девет организации се: StopFake, VoxCheck, Fact Check Georgia, Demagog, Myth Detector, Lead Stories, Patikrinta 15min, Re:Baltica и Delfi.
Што е проблемот со ова? Најмалку пет од деветте организации се директно платени од владата на САД, една од главните страни во конфликтот, пишува Минтпрес наведувајќи детали за секоја организација конкретно.
Институтот Поинтер исто така е финансиран од НЕД а многу други факт-чекерски организации имаат дебели врски со други моќни сили од НАТО, вклучително и директно финансирање.
Кои се НФД?
„НФД е американска организација која начелно служи за поддршка на демократијата по светов но често се доживува како фасада за рушење непожелни влади и инсталирање марионети. Ги има и овде, со години финансираат Метаморфозиси, Вистиномери, бараат следачи на говор на омраза...“ објаснивме во статијата „Тоа што не може ЦИА, може Националниот фонд за демократија“
Интернетот изобилува со лажни вести. Студијата спроведена од Универзитетот Стенфорд покажа дека огромно мнозинство луѓе - дури и дигитално освестена младина - не биле во можност да препознаат фактичко известување од очигледни невистини на интернет.
Руските медиуми навистина постојано пумпаат погрешни информации. Но, тоа го прават и земјите од НАТО. А имплицитната перспектива на многу од овие групи за проверка на факти е дека „само Русија лаже“. Ова е став на политички обоени организации кои малку се грижат за вистината, а повеќе за наметнување контрола врз средствата за комуникација. Сето тоа се прави за наше добро.
Кој ги проверува проверувачите на факти? Тоа треба да го прават малите, независни медиуми. За жал, добар дел од нив веќе се блокирани на Фејсбук или алгоритамски се потиснати од гигантите од Силициумската долина.