Иако до пред некоја година Фејсбук гласно објаснуваше како правилата важат еднакво за сите држави, макар тоа била и американската, Њузвик пред некое време објавува дека Пентагон управува со „тајна армија“ од 60.000 луѓе задолжени за социјалните мрежи.
Задачите на оваа „армија“ се и дигитални и физички, од обезбедување на даночни документи, лажни лични документи и возачки дозволи, до помош за американските оперативци да го заштитат својот таен идентитет.
„Лажно место на раѓање и лажна домашна адреса мораат да бидат внимателно истражени, мора да бидат креирани лажни мејлови и лажни профили на социјалните мрежи.
Тие што постојат мораа да имаат соодветни ’пријатели’,“ пишува Вилијам Аркин во текстот за Њузвик.
Во пракса ова значи создавање на лажни мрежи на пријатели и лажно минато за некој онлајн да изгледа легитимно.
Освен делот со помагање на оперативците, „армијата“ на Пентагон некогаш „се вклучува и во кампањи за влијание и манипулирање на социјалните медиуми“.
„Тоа што го опишува сторијата на Аркин многу потсетува на нешто како Интернет истражувачката агенција, руската група која се вмеша во изборите во 2016 или останати групи финансирани од држави кои работат на манипулирање на социјалните мрежи,“ објаснува Али Бреланд од Мадер Џоунс.
По изборите во 2016, најголемите социјални мрежи ветија дека ќе го искоренат секое странско влијание и манипулирање на политиката. Меѓутоа и по сторијата на Њузвик излегува дека ветувањето важи само за странското влијание.
„Заради некоја причина Фејсбук нема никаков интерес да зборува за лажни профили управувани од САД. По сторијата на Њузвик го прашав Фејсбук, кој исто така го поседува Инстаграм, дали е свесен за потенцијални мрежи со лажни идентитети кои се креирани на неговите платформи од страна на Пентагон. Освен што потврдија дека го добиле моето барање за коментар, нивниот ПиАр тим не одговори.
Тука се случува една од две работи: или технолошките компании знаат дека нивните платформи се манипулирани и заради некоја причина гледаат на страна, или се успешно прелажани од Пентагон кој толку добро ги крие своите постапки што не може да биде откриен.
И во двата случаја резултатот е ист: американската влада ги искористува компаниите зад социјалните мрежи како продолжение на својата моќ и успешно изведува работи кои многу личат на она за што ги прозивавме другите држави,“ пишува Бреланд.