Ботовите се софтверски апликации што извршуваат автоматизирани задачи, најчесто едноставни и репетитивни, со многу побрз ритам отколку што би можел тоа да го прави човек.
Една четвртина од вкупниот интернет-сообраќај го прават добрите ботови, оние што го надгледуваат и го подобруваат интернетот. Најпознати се пајаците на Гугл, кои непрекинато го мапираат интернетот и неговата содржина за да ги уточнат резултатите од пребарувањата. Слично функционира и Фејсбук за фидовите. Ботовите на Гугл и Фејсбук заедно прават преку 8% од сообраќајот.
Лошите ботови најчесто крадат содржини од сајтови, ги имитираат и им ги сркаат парите од реклами. Или прават спамови за да крадат податоци за корисниците. Или рушат веб-сајтови гушејќи ги со лажна посетеност, која серверите не можат да ја издржат. Сето ова прави 30% од сообраќајот.
Кон крајот на минатата година беше откриена досега најголемата криминална ботовска мрежа во историјата, која успеала да украде милиони долари од рекламери, најчесто од оние што доаѓаат преку автоматизираните адвертајзинг-платформи. Ботовите успеваат да ги надитрат безбедносните мерки лажирајќи ги основните рекламни метрики како што се кликовите, па дури и пријавувањата со мејл.
Се проценува дека на овој начин од адвертајзерите се крадат околу 7 милијарди долари годишно.
Има и луѓе што на интернет се однесуваат како ботови, најчесто во партиски цели. Освен нерви и време, тие нема да ви украдат ништо. Само бааги трујат.