Екипата во он-лајн коментарите имплементира едно основно и многу разумно барање до секој што сака да остави свое мислење на текстови и вести: да докаже дека ја прочитал веста пред да коментира. Толку. Без да прави стој на раце, да вади потврда за деловна способност или дека има завршено барем средно образование. Само да потврди дека ја прочитал темата за која има што да каже.
Луѓето се од норвешката државна радио телевизија НРК, и некаде во 2016 наидуваат на прилично непријатен проблем кога објавуваат текст на тема слики од млади девојки кои се споделуваат на претежно машки форум. Лавината коментари во најголем дел се од луѓе кои не ја посетуваат конкретната рубрика на нивниот сајт.
Меѓу можните решенија се предлага сè од гласање за коментари до поактивна модерација на истите. Притоа вработените решенијата ги оценуваат и според тоа колку ќе чинат во пари и во време за одржување.
Идејата за плагин е на Стoл Грут, програмер од НРКбета, а спроведена е од неговиот тим. Плагинот е бесплатен затоа што работата на него е платена од норвешките даночни обврзници.
Плагинот работи полуавтоматски, нема некое обработување на содржини и слично, туку авторот може да избере повеќе прашања од текстот или општо од темата што секој потенцијален коментатор треба да ги одговори.
Јасно им е дека го немаат комплетно решено проблемот и дека тој може да се реши само на човечко ниво, ама за сега се задоволни со напредокот што го имаат.