Официјално досегашниот сопственик ИАК (InterActiveCorp), брендот му го отстапува на досегашниот креативен директор на КолеџХумор, по што само 5 до 10 луѓе ќе останат во компанијата.
Изминативе години слична судбина го снајде и „Фани ор Дај“, кој масовно отпушташе луѓе за да остане над вода.
„Зошто овие медиумски компании, кои создаваат добри содржини, пропаднаа толку спектакуларно?
Затоа што му веруваат на Фејсбук, кој ги привлекуваше кон својата платформа со страшно претерани статистики за гледаност.
КолеџХумор и Фани ор Дај постојано вработуваа нови луѓе само за да можат да ја покријат побарувачката по нивни содржини која беше измислена,“ пишува Марк Фројнфелдер во текстот за Боингбоинг.
Пред неколку месеци Фејсбук по основа на вон-судска спогодба плати отштета од 40 милиони долари токму заради местење на статистиките за гледаност на видео содржините, сума која е смешна за гигант што заработува милијарди долари месечно.
Во тоа време Адам Коновер (Adam Ruins Everything) во серија твитови објасни како неговиот поранешен работодавец, КолеџХумор, заглавил со Фејсбук:
„За да го победи Јутјуб, Фејсбук лажно прикажа неверојатни бројки на гледаност, па КХ премина на Фејсбук. Исто и Фани ор Дај, и многу други. Резултат: Некогаш живата индустрија на онлајн комедија беше уништена. Казна од 40 милиони долари е смешна; затворете го Фејсбук.“
Коновер објаснува дека во времето кога тој се приклучува на КолеџХумор, фановите гледаат видеа директно кај нив на сајт, што значи дека КолеџХумор продава реклами и ги има точните статистики. Имаат сопствен тим за продажба на реклами, плус изработуваат видеа за брендови по порачка и се на се бизнисот тера.
Тие во тоа време нормално дека ги користат и Јутјуб и Фејсбук, но главно за постирање линкови и за привлекување на сообраќај кон сопствениот сајт.
„Се сеќавам на судниот ден кога некој рече ’мора да ги видите статистиките што нативните видеа (видеа директно објавени на социјалната мрежа) ги имаат на Фејсбук. Не се нормални!’ Премногу добра прилика за да се пропушти! Па почнавме видеата нативно да ги објавуваме на Фејсбук.“
Тука е и главниот проблем: „нема како ова да се монетизира“. Плус, бизнис моделот на Фејсбук е дека ти мора да му плаќаш за да добиеш пристап до своите фанови (затоа секоја година се намалува „ричот“ што го добиваат постовите, а поскапуваат спонзорираните постови).
„Сообраќајот на сајтот сериозно падна. Исто и цените за реклами, а и нашите буџети за снимање видео. Бројот на прегледи што ги добивавме на Фејсбук беше фантастичен!!! Ама сега знаеме дека тоа е лага,“ пишува Коновер.