Дури по изборите, добар дел од Фејсбук публиката го сфаќа проблемот на ехо комора, која 50% е последица на тоа што се опкружуваме само со мислења со кои се согласуваме и со истомисленици, а они другите или се блокирани или не ни постојат на нашиот профил. Другите 50% отпаѓаат на тоа што сурфањето веб-страни во потрага за дневен преглед на вести е заменето со самонаметната изолација и дремење на Фејсбук, пасивно чекајќи која вест алгоритамот ќе одлучи да ни ја прикаже. Втората половина од проблемот е директно поврзана со првата половина, бидејќи алгоритамот на Фејсбук го прави изборот на вести што ќе ви го прикаже делумно и врз основа на вашите пријатели (кои претходно сте решиле да ги ограничите на истомисленици).
"На Фејсбук победата на Трамп беше веројатна, или победата на Клинтон беше речиси сигурна. На Фејсбук мислите во твојата глава се претворија во вести што ги лајкаше, кои се претворија во статии што ги споделуваш. На Фејсбук, секој и никој можеше да те чуе како се дереш.
И колку повеќе ти се дереш, толку повеќе твоето време на сајтот се зголемуваше. Исто како и приходите на Фејсбук.
Фејсбук не само што ги рефлектираше твоите гледишта назад кон тебе, туку ги зголеми и ги извитопери преку објективот на сензационалистички и најчесто лажни стории. И сето ова му успеа кревајќи ги рамениците и порачувајќи, 'Па ние не сме медиум,'" пишува Сара Перез во текстот за Течкранч.
Вол стрит журнал ја документира ваквата изолираност со експеримент во кој претставува либерален и конзервативен Фејсбук фид за време на изборите (со реални медиуми и нивни вести). Заклучокот е дека "Фејсбук со лажичка ни го сервира она што сакаме да го чуеме, додека ја минимизира нашата изложеност на спротивни гледишта."
"По моја процена резултатот од сето ова е од корист на Фејсбук, во најмала рака. Социјалната мрежа сега има 1,79 милијарди активни месечни корисници. Во последниот квартал, тие имаат 7 милијарди долари во приходи: од ова 2,37 милијарди се профит, што е раст од 16% во однос на 2,05 милијарди долари од претходниот квартал, и над 160% во однос на минатата година," објаснува Перез.
Истражување на Пју центарот покажува дека денес 62% од возрасните Американци вестите ги добиваат од социјалните медиуми: "Ноќеска и утрово, луѓето почнаа да сфаќаат дека нивните извори имале лоши информации, нивните податоци биле погрешни, а нивните анкети неточни. И најважно, тие открија дека нивниот луд чичко не е изолиран случај, туку тој претставува половина од една многу вознемирена, многу гневна нација."