Интернетот ќе добие господар

Досегашниот успех на интернетот се должи на отвореноста на целата платформа која се развиваше низ дискусијата на научниците, инженерите и корисниците, без притоа да биде контролирана од која било организација. Наскоро се ова може да се смени и контролата на интернетот да заврши во О.Н. организација озогласена по својата тенденција да ги затупи работите.

Најголемиот дел од 193-те членки на О.Н. имаат проблем со неконтролираната природа на интернетот заради која не можат да цензурираат, не можат да оданочуваат и не можат да прават еден куп активности кои инаку им поминуваат во аналогниот свет.

Повеќе од една година Кина, Русија, Иран и Арапските држави лобираат во О.Н. (организација која нема никаква врска со интернетот) да ја преземе контролата врз правилата и функционирањето на мрежата.

Задолжена за ова ќе биде ИТУ (International Telecommunications Union) која е основана во 1865-та, за контрола на телеграфскиот сообраќај. ИТУ која би требало да го контролира најживиот сегмент на технологијата, е организација која работи на правила последен пат ревидирани во 1988-ма.

"Да се даде интернетот да биде преработен од бирократи е како да му дадеш Страдивариус на горила," пишува Гордон Корвитз во Вол Стрит Журнал.

Предлогот за новиот договор на ИТУ е на повеќе од 200 страни. Една од идеите во него е аплицирање на правилата од меѓународните телефонски разговори, врз интернет сообраќајот. По овој предлог Гугл, Фејсбук или Скајп ќе треба да платат данок за секој корисник што им пристапува на нивните содржини од странство. Исто така Кина и Русија веќе побараа од ИТУ во новиот договор да се вметне правило кое ќе им дозволи мониторирање на интернетот.

Гугл веќе започна петиција за "слободен и отворен интернет," која треба да го спречи наметнувањето на новите правила и новите власти. Хаштагот е #freeandopen

Конференцијата на ИТУ во врска со ова прашање ќе се одржи во Дубаи од 3-ти од 14-ти декември.

27 ноември 2012 - 13:31