Гугл, Епл и договорот што го контролира интернетот

Во 2017 Епл и Гугл го обновија договорот со кој Гугл ќе биде дифолтен пребарувач на Ајфон и други уреди на Епл. Договорот вреди милијарди долари и со тоа двете компании ја забетонираа својата позиција во врвот на технолошката индустрија. Минатата недела САД поднесоа анти-монополска тужба против Гугл, а соработката со Епл е наведена како главен пример за тоа како компанијата користи нелегални тактики за да го заштити својот монопол и да ја уништи конкуренцијата во пребарувањето.

„Имаме еден чуден термин во Силициумската долина: ко-опетиција. Имаш брутална конкуренција (competition), но во исто време, имаш неопходна соработка (cooperation),“ објаснува Брус Севел, одговорен на правниот сектор на Епл од 2009 до 2017.

Епл и Гугл „се споени на куковите“ и покрај тоа што Тим Кук отворено го напаѓа он-лајн рекламирањето, а Стив Џобс најави „термо-нуклеарна војна“ со Гугл кога дозна дека компанијата работи на конкурент на Ајфон.

Од друга страна, речиси половина од сите пребарувања на Гугл доаѓаат од уреди на Епл, а притоа освен што директно носат пари во главниот бизнис на Гугл со реклами, корисниците на Епл речиси константно се изложени на другите Гугл сервиси како Јутјуб.

Една од највпечатливите информации од текстот на Њујорк тајмс е дека Епл годишно добива меѓу 8 и 12 милијарди долари за Гугл да биде главниот пребарувач на сите Епл производи. Во 2014 за истото ова Гугл плаќа 1 милијарда долари. Оваа сума претставува меѓу 14 и 21 процент од годишниот профит на Епл.

Иако растурање на оваа соработка би било удар за Епл, заканата е многу поголема за Гугл кој не би имал очигледен начин како да го надомести изгубениот сообраќај. Дополнително, ова би можело да го натера Епл да направи сопствен пребарувач. Во Гугл и до сега го сметаат Епл за една од ретките компании која би можела да им биде конкуренција во пребарувањето, а ако тоа се случи стравот е дека Ајфон би им отежнал на своите корисници да дојдат до пребарувачот на Гугл.

За Гугл ваквата соработка не е ништо поразлична од тоа кога Кока-кола им плаќа на супермаркетите за подобра позиција на полица.

Епл и Гугл уште во 2005 прв пат почнуваат да соработуваат околу пребарувањето и тоа на Сафари браусерот за Макинтош. Тогаш вториот човек на компанијата, Тим Кук, ја гледа оваа соработка како чисти пари, бидејќи „Епл само треба да користи пребарувач кој и онака веќе луѓето го бараат“.

Во 2007 кога Стив Џобс го објавува Ајфонот, тој на сцената го поканува тогашниот прв човек на Гугл, Ерик Шмит. Меѓутоа кога се дознава дека Гугл почнал да развива конкурент на Епл, Џобс станува гневен на Гугл и најавува дека ќе го уништи Андроид. Во 2011 кога ја претставуваат Сири, таа работи на Микрософт Бинг, а не на Гугл пребарување.

Но и покрај ова останува соработката меѓу двете страни, па Гугл сред сета таа нервоза и понатаму е главен пребарувач на Ајфон а Епл и понатаму наплаќа добри пари за тоа.

Во 2017 кога доаѓа ред да се обнови договорот меѓу двете компании, Гугл е сред проблеми со раст на рекламите на мобилен, а Епл ем не е задоволен од резултатите што Бинг и ги дава на Сири, ем Тим Кук објавува дека целта на Епл е до 2020 приходите од сервисите што ги нуди да ги зголеми на 50 милијарди долари, нешто што не би можело да се постигне без парите до Гугл.

Есента 2017 Епл објавува дека сега Гугл ги одговара прашањата на Сири.

Денес, на Гугл отпаѓаат 92% од сите пребарувања на интернет.

26 октомври 2020 - 16:30