По Кембриџ аналитика, притисок од законодавци од САД и ЕУ, и изненаденост па згрозеност на јавноста од тоа што Фејсбук прави со нивните податоци, акциите на компанијата во еден момент паднаа и под 150 долари.
Иако акциите малку од малку живнаа, нивната вредност и понатаму е 13% пониска отколку на 16 март, кога прв пат беше објавено како Кембриџ аналитика ги искористил податоците од Фејсбук во корист на кампањата на Трамп.
Во меѓувреме во САД компанијата за продажба на резервни авто-делови Пеп бојс објави дека се откажува од рекламирање на Фејсбук, со тоа приклучувајќи се на компании како Мозила и германската Комерцбанка. Кај нас Македонски Телеком објави дека ги стопира активностите на Фејсбук.
Според анкета од неделата, спроведена од Ројтерс и Ипсос, помалку од половина од Американците му веруваат на Фејсбук дека ги почитува американските закони за приватност. Анкета во Германија покажува дека 60% од Германците се плашат дека Фејсбук и останатите социјални мрежи имаат негативно влијание врз демократијата. Во Канада, три-четвртини од корисниците на Фејсбук изјавиле дека ќе направат барем неколку промени на начинот на кој ја користат платформата.