„Како да ја опишам казната меѓу 3 и 5 милијарди долари што Фејсбук најверојатно ќе треба да ја плати по владината истрага во работењето на компанијата?
Ај вака: Тоа е казна за паркирање. Не казна за брзо возење. Не казна за возење пијан. Туку - казна за паркирање.
Да се разбереме, 5 милијарди долари се многу пари. Ама ќе треба многу поголема казна ако имаат намера да го спречат Фејсбук да ја прекршува приватноста на корисниците,“ пишува Свишер.
Во 2011 Фејсбук потпишува спогодба со ФТЦ (Federal Trade Commission) со која се покриваат сите дотогашни прекршоци на компанијата. Новата казна е извинување од Фејсбук за периодот од 2011 до денес, и за најразличните прекршоци што ги правел низ годините, пример тоа што не мрднаа со прст околу Кембриџ аналитика кога требаше.
Иако одделни сојузни држави тераат посебни судски процеси против Фејсбук, како и одделни федерални агенции, ФТЦ има уникатна шанса да му предизвика вистинска болка на Фејсбук, за сите негови пропусти низ годините. Наместо ова, сите гревови на Фејсбук ќе му бидат простени со казна која според Свишер е рамна на едно плескање по рака.
„Со 23 милијарди долари кеш на располагање, Фејсбук ќе ја смета казната од 5 милијарди долари како уште еден трошок на работење. Не ни треба да кажам, ама ова не е начинот на кој казните треба да функционираат.
’Математика на одвраќање’ е термин на професорот по маркетинг, Скот Галовеј, и подразбира цена и казна кои ќе осигурат дека нема повторно да направиш нешто лошо.
Пет милијарди долари не се таа цена. Како што кажа Галовеј пред некое време ’стави уште една нула и може да почнеме да збориме’,“ пишува Свишер.