Неколку поранешни "куратори на вести," како што е името на работната позиција, за Гизмодо изјавуваат дека добивале инструкции да "вметнуваат" одбрани статии во модулот за трендинг вести, и покрај тоа што не биле доволно популарни за да им следува вклучување во листата. Истите тие признаваат дека имале инструкции во листата да не вклучуваат вести за Фејсбук.
"Со други зборови трендинг делот на Фејсбук функционира како традиционална редакција, одразувајќи ги склоностите на нејзините вработени и институционалните императиви на корпорацијата. Наметнувањето на човечки уреднички вредности на листи од содржини што ги исфрла алгоритам, во ниту една смисла не е нешто страшно - меѓутоа е остар контраст на тврдењата на компанијата дека трендинг модулот едноставно ги листа 'темите кои неодамна станале популарни на Фејсбук,'" пишува Мајкл Нунез за Гизмодо.
Минатата недела Гизмодо објавија детали околу функционирањето на тимот за трендинг вести на Фејсбук, кој е составен од "мала група млади новинари, најчесто од елитни или приватни универзитети од источниот брег кои го курираат трендинг блокот на десната горна страна од сајтот." Нивна задача е да напишат наслов и сиже на веста, и да стават линк до нејзе. Блокот "е еден од најмоќните делови на интернет, и помага во диктирање што вести ќе читаат корисниците на Фејсбук во секој даден момент."
Според поранешните вработени "во зависност од тоа кој е на смена, вестите биле ставени на црна листа или на списокот за трендинг." Како што објаснува еден поранешен вработен кој политички е конзервативец, често пати се случувало кога ќе дојде на работа да види дека популарни конзервативни теми (Мит Ромни, Глен Бек...) не биле во трендинг делот бидејќи кураторот пред него "не ја препознал темата на веста или затоа што има предрасуди против Тед Круз."
Слични приказни потврдуваат и други куратори, според кои појавувањето на веста во трендинг делот директно зависи од тоа кој бил на смена. Исто важи и за не конзервативни теми објавени на конзервативен сајт, па во такви ситуации кураторите ја барале истата вест од понеутрален извор. На пример вести од извори како Бреитбарт, Вашингтон Егзаминер и Њузмакс, биле исклучувани од списокот доколку истата вест не ја обработува и меинстрим сајт како Њујорк Тајмс, БиБиСи или СиЕнЕн.
Во сведоштвото, поранешните вработени тврдат дека менаџерите постојано влијаеле на изборот на вести во модулот. Ова посебно се случува кога некоја вест за која менаџментот смета дека е важна, не го добива вниманието на читателите, па менаџерите бараат од кураторите истата да биде вметната во списокот. Некогаш вметнувањето се случува и од чисто информативни побуди, како што е случајот со вонредните вести, кои немале доволно време за да се појават во трендинг делот а било важно да ги има таму (како летот МХ370 или нападот на Шарли Ебдо).