Фејсбук го проголтува светот

Новинскиот екосистем доживеа подраматични промени во последните 5 години отколку во последните 500, социјалните медиуми не само што го имаат проголтано новинарството, туку сè имаат проголтано, пишува Емили Бел во Колумбија џурнал ривју околу потребата од регулирање на Фејсбук.

Иако интернетот и социјалните медиуми овозможуваат работата на новинарите да има поголемо влијание од кога и да е, во исто време "тие придонесуваат во тоа бизнисот со новинарство да биде неисплатлива инвестиција."

"Прво, издавачите (печатени / електронски) ја изгубија контролата над дистрибуцијата на вестите.

Социјалните медиуми и платформи го преземаа она што издавачите не би можеле да го создадат дури и да сакаа. Сега вестите се филтрирани преку алгоритми и платформи кои се нејасни и непредвидливи. Бизнисот со вести го има прифатено овој тренд, а нативно дигиталните медиуми како Базфид, Вокс и Фјужн, го создадоа своето присуство на ставот дека тие работат во системот наместо против него.

Второ, неизбежниот исход од ова е зголемување на моќта на компаниите зад социјалните медиуми.

Најголемите платформи и социјални медиуми, Гугл, Епл, Фејсбук, Амазон, па дури и компаниите од втор ред како Твитер, Снепчет и компании зад различни апликации за испраќање пораки, станаа екстремно моќни во однос на контролирање на тоа кој што објавува и на кого, и како таа објава се монетизира," пишува Бел.

Без разлика од каде и да тргнеш главниот предуслов, вина, за сето ова е во револуцијата на мобилните уреди. Оваа револуција е причината зошто толку време трошиме на интернет, зошто толку работи правиме на интернет, и како експлодираше вниманието што го посветуваме на социјалните мрежи.

Истражување на Гугл заклучува дека корисниците на своите смартфони во просек имаат по 25 апликации, од кои секој ден користиме само четири или пет, а од нив најголем дел од времето минуваме на апликациите на социјалните медиуми. Од нив, на Фејсбук отпаѓа неспоредливо повеќе време отколку на која и да е апликација. Според податоците на Пју истражувачкиот центар околу 40% од возрасните Американци го сметаат Фејсбук за извор на вести.

Моментално ситуацијата изгледа како златно доба на новинарството, посебно во последнава година откако социјалните медиуми распалија со најразлични алатки за новинарите - Фејсбук со Инстант артиклс, Епл со Епл њуз, Гугл со Забрзани мобилни страни, Твитер со Моментс, Снепчет со посебни канали за десетина медиуми.

Од страната на издавачите ситуацијата изгледа сосема поинаку - сите овие алатки и навики ги присилуваат издавачите да објавуваат што повеќе содржини на мобилните платформи, додека во исто време на пример Епл објавува дека ќе дозволи на нивните смартфони и таблети да се инсталира софтвер за блокирање на реклами.

"Со други зборови, ако како издавач единствената алтернатива на социјални платформи ти е правење пари преку мобилни реклами, секој што има Ајфон од сега ќе може да ги блокира сите реклами и нивниот софтвер за следење. Статиите кои се објавуваат на Дискарвер на Снепчет и Инстант артиклс на Фејсбук, се, меѓутоа не комплетно, имуни на блокирање. Како последица на ова, и онака малиот број на огласувачи на мобилни уреди ќе биде намален," објаснува Бел.

Издавачите ќе треба да одлучат дали им се исплати да развиваат сопствени сервиси и платформи или да му се предадат на Фејсбук и останатите социјални медиуми па да "почнат да создаваат новинарство или стории кои успеваат на социјалната мрежа."

"Тука веќе постои сериозен ризик: ја губиш контролата врз сопствената врска со твоите читатели и гледачи, твоите приходи, па дури и патот по кој твоите стории стигаат до нивната цел...

... Во реалноста, немаме речиси никакво познавање за тоа како која било од компаниите ги сортира вестите. Ако Фејсбук на пример одлучи дека видео сториите ќе добиваат повеќе внимание од текст сториите, ние не можеме тоа да го знаеме освен ако тие не ни го кажат тоа или ако некако сами го откриеме преку анализи. Ова е нерегулирано поле. Не постои никаква транспарентност во внатрешното функционирање на овие системи," објаснува Бел.

И покрај тоа што Зукерберг и нему сличните таа го доживува како освежување, сепак нејзината забелешка е дека "ја предаваме контролата врз важни делови од јавните и приватните животи на многу мал број на луѓе, кои не се избрани ниту одговараат некому."

Ова е основата по која таа повикува на регулација на овие платформи:

"За сите граѓани да имаат еднаков пристап до мрежата на можности и сервиси кои се потребни. Исто така треба да знаеме дека целиот јавен говор и изразување ќе бидат транспарентно третирани, дури и ако не можат еднакво да бидат третирани.

За ова да се случи мора да има барем некаква согласност дека одговорностите во оваа област почнуваат да се преместуваат. Луѓето кои ги изградија овие платформи не го направија тоа со цел да ја преземат одговорноста од слободниот печат. Всушност, тие се и уплашени што ова е исходот од нивниот инженерски успех...

... Дури и да се сметаш себе си за технолошка компанија, ти носиш критички одлучи за сè од пристап до платформи, до оформување на новинарството или говорот, до инклузија или забранување на одредени содржини, прифаќање или отфрлање на одредени издавачи.

Тоа што ќе се случи со сегашните издавачи е многу помалку важно прашање, отколку каков вид на вести и информациско општество ние сакаме да создадеме и како ќе помогнеме тоа да се оформи."

18 април 2016 - 10:07