Мира Моди има 11 години, оди во шесто одделение во Њујорк. И продава лозинки за 2 долари комад.
Од неодамна започна свој мал бизнис за рачно генерирање силни лозинки од 6 зборови. Се потпира на стариот добро познат систем Diceware со фрлање коцка за да се добие случаен број кој потоа се врзува со збор а добиените зборови се врзуваат во бесмислена целина ("ample banal bias delta gist latex"). Бесмислена за да биде тешко да се кракне а истовремено зборовите човек лесно ги памти, за разлика од оние со "eдна голема буква, интерпункциски знак, една долна и две средни црти" со кои сите некогаш сме се зезанале
Малата Моди не залутала случајно на оваа тема. Таа е ќерка на новинарка на Про Публика која се занимава со проблемите на приватноста, за кои ja има и напишано книгата Dragnet Nation (Потрага по приватност, безбедност и слобода во услови на постојано набљудување). За потребите на истражувачкиот дел од книгата таа ја ангажирала ќерката да фрла коцки за пасворд- фразите а неа подоцна ѝ текнало дека од тоа може и пари да се фатат.
Тоа го прави на својот сајт. Добива барање за пасворд, фрла коцка, гледа во речник и ги запишува 6-те фрази на лист хартија која ја праќа по пошта, напоменувајќи им на корисниците дека го користи US Postal Mail кој не може да биде отворен без судски налог.
Ако ѝ тргне, ќе биде позиционирана на отприлика 12 долари на час, што е за третина повеќе од њујоршкиот минималец на кој се наоѓаат илјадници луѓе вработени во продавници и сендвичари.
Во секој случај, Мира Моди го разбира круцијалниот безбедносен аспект на пасвордите (кој многумина возрасни не го разбираат) па вели:
"Ако сам измислиш своја лозинка, таа веројатно нема да биде добра".
Да потсетиме, во своето иницијално писмо до жената која ќе го прави документарецот за него, Едвард Сноуден пишува:
"Ве молам потврдете ми дека никој никогаш немал копија од вашиот приватен клуч за поврзување со сервер и дека користите силна лозинка. Претпоставете дека вашиот непријател е способен да изврши еден трилион нагаѓања во секунда".