Ситуацијата со Твитер е преовладувачкиот модел на интернет. И покрај тоа што дигиталните сервиси и производи се насекаде, заради тоа што се бесплатни тие речиси и да немаат влијание на економските статистики.
"Главна мерка за здравјето на економијата е растот на БДП, концепт кој е создаден во 30-те години од минатиот век. Ако растот е голем, знаме дека на економијата добро и оди. Ако не, време е да се грижиме. Основната претпоставка е едноставна: колку повеќе работи произведуваме за продажба, толку е подобро. Во индустриското доба ова беше разумна претпоставка, но во дигиталната економија сликата стана многу поматна, бидејќи значително количество од она што се произведува е бесплатно достапно. Може мислиш дека Википедија, Твитер, Снапчат, Гугл Мапс и така натаму се вредни. Меѓутоа што се однесува до БДП-то, тие едвај постојат," пишува Џејмс Суровецки за Њујоркер.
Тој го цитира економистот од МИТ, Ерик Бринјолфсон, кој потенцира дека според владини статистики уделот во економијата на информатичкиот сектор (софтвер, дата сервиси, телекоми) сосема малку пораснал од почетокот на 80-те и покрај тоа што бележиме невиден бум во користењето на неговите услуги.
Бринјолфсон во својата нова книга "The Second Machine Age," објаснува дека заради ситуацијата со бесплатните дигитални производи ние добиваме погрешна слика за економијата.
"На пример, најголемиот дел од веб страните се прават бесплатно, со апликации од Слободен софтвер. Заради ова и функционирањето на страните е евтино, што има голем број бенефиции во смисла на општата благосостојба, меѓутоа БДП-то ќе биде пониско отколку кога сите би му плаќале на Микрософт за софтвер за сервери. Дигиталните иновации можат дури и да го намалат БДП-то: Скајп ја намали сумата пари што луѓето ја трошат на меѓународни разговори, а бесплатните апликации за смартфони ги заменуваат самостојните уреди кои некогаш генерираа милијарди долари од продажба," објаснува Суровецки.
Историскиот преседан е во тоа што сега новата технологија што ја заменува старата, бидејќи е бесплатна не е дел од пазарната економија и со тоа не влегува во БДП-то.