Украина може да остане во сенка на полските секирации

Полска собори руски дронови на своја територија, пишавме пред некој ден за акцијата на полски Ф-16 и холандски ф-35. Подоцна НАТО реши дека сериозниот инцидент со руските дронови во Полска сепак не ги задоволува условите за покренување на членот 4 за заедничка одбрана. На тој начин, Москва ги утврди контурите до каде може да оди. Воздушни рчкања меѓу Запад и Москва би можеле да станат правило а не исклучок. 

Фото: ЕПА

„Повторување на 1939 година, овој пат помеѓу НАТО и Русија е далеку од неизбежно, но сенката на конфликтот драматично се префрли кон запад, кон источна Полска и балтичките држави - многу веројатно на штета на Украина. Додека Украина останува истурена точка на НАТО против рускиот експанзионизам, источниот бок на алијансата сега е нејзина фронтовска линија, и тоа не само фигуративно: упадот на Путин беше јасен тест да се утврди горниот праг на толеранцијата на Алијансата“, пишува Михал Кранц.

Иако западните лидери брзо ветија дополнителна поддршка за Украина по бранот беспилотни летала на Путин, веројатно е дека земјите-членки на НАТО од првата линија ќе се насочат кон себе и заштита на своите територии.

„Апсолутно сме неподготвени за овој конфликт. Нашата современа војска не е подготвена за војната во која во моментов се произведуваат милиони беспилотни летала годишно,“ изјави Славомир Менцен, десничар, скептик кон Украина, но претседателски кандидат кој заврши на третото место на јунските избори што му ја даде позицијата на „кингмејкер“.

Ваква изјава на суверенист не е изненадувачка: стапката на успех на Полска во соборувањето на руските натрапници беше шокантно ниска во споредба со онаа на Украина. За земја која има репутација како најперспективна воена сила во Европа, ова не е само разочарувачки, туку и геополитички опасно. Иако Полска инвестираше многу во тешко оружје како тенкови, хеликоптери, авиони и ракети, рускиот напад откри стратешка слепа точка во одбранбената архитектура на Варшава која би можела да се покаже како Ахилова петица.

Ваквите предизвици веќе имаат одраз во расположението. Пред три години, 75% Полјаци го поддржуваа членството на Украина во НАТО. Денес едвај преку половина (види: И Полска ли крева раце од Украина?).

Без разлика дали украинската одбрана ќе продолжи да ја смета како своја, јасно е дека во годините што доаѓаат, Полска ќе биде во „сивата зона“ на руските воени игри.

„Жителите на неколку источни полски региони, вклучувајќи ја и самата Варшава, добија злокобни СМС-пораки да внимаваат на активности на беспилотните летала над нив. Тоа е депресивно нормално за Украинците, но шок за нивните западни соседи“, пишува Кранц. 

15 септември 2025 - 11:12