
Командата во Варшава е убедена дека дроновите не „заталкале“ случајно надвор од границите на Украина, зашто ги имало многу и навлегле длабоко во полскиот воздушен простор. Итно била информирана командата на НАТО и била преземена заедничка акција.
Радарите следеа повеќе од 10 објекти, а оние што би можеле да претставуваат закана беа неутрализирани. Се прават напори за лоцирање на остатоците од соборените дронови, соопшти Командата.
За пребарување на теренот е задолжена територијалната одбрана. Од жителите од погранични региони Подлаские, Мазовјецке и Лублин, кои се наведени како „најизложени на ризик“, е побарано да останат во своите домови. Порачано им е ако забележат фрагменти од урнати летала да не им пристапуваат, туку да ги известат властите.
Итно бил затворен аеродромот „Шопен“ во Варшава, најголемиот во земјата, како и уште три други, вклучувајќи го и „Жешов-Јасионка“ на југоисток, кој е воздушен јазол за трансфер на патници и оружје во Украина.
🚨 BREAKING: The Polish government is warning 8.5 million Poles to “STAY HOME” after the Polish military shot down alleged Russian drones which invaded their airspace
— Nick Sortor (@nicksortor) September 10, 2025
“The operation is still ongoing,” the Polish military says
Polish fighter jets can be heard racing through the… pic.twitter.com/CJxKqIP3TO
Во 2022 година двајца селани во Полска загинале од фрагменти на руски проектил соборен од противвоздушната одбрана на Украина. Често имало случаи на заталкани дронови и проектили преку границата, вклучувајќи и руски проектил што паднал во шума на полска територија, но не се детонирал.
Спроти денешниот инцидент, Русија извршила масовен напад со повеќе од сто дронови во западна Украина. Регионите Волин и Лавов, близу границата со Полска, биле под тревога за воздушен напад неколку часа. Префрлањето на полска територија се смета за провокација и тестирање на реакциите на НАТО.
Тешко е да се замисли дека навлегувањето на руски дронови во воздушниот простор на Полска било грешка. Еден дрон е грешка, повеќе дронови не се грешка. Ова е тест како на ваква ситуација реагира НАТО, изјави за ББЦ Џим Таусенд, поранешен американски заменик-секретар за одбрана.
Тој оцени дека Полска и НАТО одговориле ефикасно.
Полска ги фати дроновите на радари и итно беше активирана одбраната на НАТО. Обврска на политичкото раководство на НАТО е да даде соодветен одговор, вели Таусенд.
Во САД републиканскиот конгресмен Џоел Вилсон, висок член на Комитетот за надворешни работи, го оцени инцидентот како „руски напад врз сојузник од НАТО“ и како „чин на војна“. Вилсон го повика претседателот Доналд Трамп да одговори со санкции „што ќе ја банкротираат руската воена машина“.
Путин повеќе не е задоволен со пораз во Украина додека бомбардира мајки и бебиња, тој сега директно ја тестира нашата решителност на територијата на НАТО, порача Вилсон.