Заканата на Трамп за санкции за Русија е насочена кон НАТО

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно објави план за санкции врз Русија, но овој пат инсистира заедно со САД тоа да го направат и сите членки од НАТО, за да го засилат партнерски притисокот, исто како и трошоците за финансирање на Алијансата. Од европските сојузници бара итно да се префрлат од руска нафта на американски течен гас и да отворат трговска војна со Кина и Индија.

Подготвен сум да воведам големи санкции врз Русија кога сите членки на НАТО ќе се согласат и ќе го направат истото, и кога сите членки на НАТО ќе престанат да купуваат нафта од Русија, објави Трамп во пораката што повеќе е насочена кон американските партнери во Европа, а не кон Москва.

Во изјавата може да се видат трговските инстинкти на Трамп. Европската Унија вети дека ќе постепено ќе ја укинува зависноста од увоз на руска нафта до 2028 година. Трамп настојува да го забрза тој процес, што паралелно опфаќа и зголемување на увозот на енергенси од САД.

Покрај тоа, Трамп настојува да ги вовлече сојузниците и во кинеско-американските тензии. Тој бара партнерите како индиректен притисок врз Русија да воведат царини од 50 до 100% за Кина и Индија, како најголеми купувачи на руска нафта.

Верувам дека од голема помош за завршувањето на оваа смртноносна, но смешна војна би било ако НАТО воведе царини за Кина, кои целосно би се укинале кога ќе заврши војната на Русија и Украина, додаде Трамп.

Европа не е подготвена за ваква мерка поради очекуваните одмазнички потези од Кина и штетата што би ја претрпел планираниот трговски договор со Индија. 

Британскиот премиер Кир Стармер најави дека на средбата со Трамп ќе се обиде да го убеди бараните царини за Кина и Индија да бидат заменети со целни санкции врз компании што увезуваат руска нафта, за да не почне трговска војна. 

Јавниот ентузијазам на Трамп за идејата сугерира дека Стармер нема да успее во својата мисија, бидејќи САД ќе продолжат да ја користат војната во Украина за да ја натераат Европа да избере помеѓу Америка од една страна и Кина и Индија од друга страна, пишува Бетани Елиот за Анхерд.

Таа забележува дека изјавата на Трамп е фокусирана на НАТО, а не на Европа. Турција, која не е членка на ЕУ, во 2023 година беше трет најголем увозник на руска нафта, по Кина и Индија. 

Трамп користи тактики на одложување на санкциите за Москва гледајќи ја Украина како само еден фронт во вистинската битка против Кина и еродирајќи го единството на НАТО. Трамп всушност не пее друга песна, но тоа сепак ќе биде музика за ушите на Путин, додава Елиот.

15 септември 2025 - 16:40