Она што до сега не успеаа да го разрешат пониските судови е дали американските власти можат да ги бараат (со налог) податоци за корисниците што технолошките компании ги имаат складирано во други држави.
Целата работа почнува во 2013 кога федералните истражители добиваат судски налог за мејловите и личните информации поврзани со сметка на Микрософт Аутлук што ја користи нарко-картел. Проблемот е што податоците за овој меил се складирани вон САД, на сервери во Ирска, каде корисникот се регистрирал како жител. Микрософт ги предава податоците што ги има во САД, меѓутоа одбива да ги повлече оние што се на ирските сервери. Случајот ескалира и завршува на суд, каде (и на апелација) е решено во корист на Микрософт, дека мејловите не се опфатени од налогот бидејќи се сместени вон земјата.
Доколку Врховниот суд за случајов се согласи со американските власти, тогаш тие ќе имаат непречен пристап до податоците што технолошките компании ги складираат низ цел свет.
Аргументот на Микрософт е дека ова е обид на САД да ја наметнат својата власт надвор од границите, и „како би се чувствувале ние кога Кина истото би го барала од своите компании“.
Аргументот на властите е дека ваквото однесување на технолошките компании е пречка „во стотици ако не и илјадници истраги - од тероризам, до детска порнографија и измами“.