
Војникот задолжен за проверка на барањата за азил во штабот на специјалните сили во Лондон случајно ја споделил табелата со имињата и основните податоци на авганистанските соработници во февруари 2022 година. Неговите контакти ги проследиле имињата до Авганистанци за да проверат дали навистина имаат право на азил. Но, со испраќањето на целиот документ, а не само на неколку имиња, ги загрозил животите на луѓето од списокот. Трошоците за расчистување на нередот се проценети на 6 милијарди фунти.
Во тоа време Лондон настојувал да го исполни ветувањето да им даде засолниште на авганистанските војници, преведувачи и другиот персонал што им помагаа на британските трупи по инвазијата во 2001 година, сè до падот на Кабул во рацете на талибанците во август 2021 година.
Скандалот протекол по 18 месеци кога анонимен корисник на Фејсбук – веројатно Авганистанец чие барање за азил било одбиено – објавил: „Сакам да откријам база на податоци што содржи евиденција за 25.000 кандидати и 33.000 редови информации“. За да докаже дека списокот е автентичен, објавил лични податоци на девет Авганистанци.
Министерството за одбрана ја открило пораката кога веќе била споделена, вклучувајќи и во група во која веројатно биле уфрлени талибанци. Вајтхол одлучил да не ги информира лицата што чекаат во Авганистан, бидејќи оценил дека тоа ќе го зголеми ризикот целиот список да заврши кај талибанците. Агенти итно настојувале да ги избришат сите траги од серверите. Објавите биле избришани во рок од три дена во соработка со Мета, сопственикот на Фејсбук. Британската полиција оценила дека кривична истрага не е потребна.
Но, базата веќе ја поседувале лица во Британија и Пакистан. Барем еднаш била споделена, за петцифрена сума фунти. Еден ден по бришењето било утврдено дека списокот веќе протекол. Разузнавачките служби, вклучувајќи ја MI6 добиле задача да испитаат дали непријателска држава е одговорна за хакирање на податоците. Во истрагата била вклучена и ЦИА. Агентите заклучиле дека протекувањето е случајно.
Оттогаш, владата влегла во кризен режим. Итно било воведено строго ембарго за новинарите. Висок суд донел забрана „contra mundum“ (против светот), со која се налагало никој да не дознае ни за протекувањето ни за постоењето на самата забрана. Тоа било првпат толку драконска забрана да биде употребена против британскиот печат. Судијата Робин Ноулс прифатил дека пресудата би ја прекршила слободата на изразување и на печатот, но инсистирал дека е оправдана за „посебните и исклучителни околности на овој случај, вклучувајќи го ризикот по животот и тортурата“. Случајот бил прикриен и од пратениците. Биле известени само спикерите на двата дома, за да решат како би реагирале ако некој ја отвори темата.
Владата во исто време ја спроведувала и операцијата „Рубифик“ да стигне до Авганистанците од списокот и да ги префрли во Британија пред до нив да стигнат талибанците. Илјадници Авганистанци биле префрлени со специјални летови и тивко биле преселени во градови низ земјата. До лани во мај бил дозволен влез на 11.500 Авганистанци во Британија, но ова не било објавено во Парламентот, ниту било предмет на каква било јавна контрола.
Во тоа време проценката на Министерството за одбрана за вкупните трошоци за операцијата била во регионот од 4 милијарди фунти. Проценетата сума достигнала 7 милијарди, пред да се намали на 6 милијарди. Парите биле извлечени од резервни фондови на Министерството за финансии, а не од буџетите на министерствата за одбрана, за внатрешни работи или за локална самоуправа.
По изборите и промената на владата, лабуристите го задржале молкот. Во јануари годинава, Пол Ример, поранешен заменик-шеф на Одбранбеното разузнавање, бил задолжен да ги разгледа ризиците.
Намалена е раната загриженост... Постојат малку докази за намера на талибанците да спроведат кампања на одмазда, заклучил Ример.
До моментот кога на новинарите им е дозволено да ја објават приказната, во Британија се засолниле 16.156 лица од списокот. Се смета дека во Британија со своето семејство е и Авганистанецот што го споделил списокот на Фејсбук.