Патлиџанот вреска, молците слушаат

Билките и животните мошне веројатно несвесно комуницираат. Научниот тим што откри дека растенијата испуштаат звуци, сега тврди дека тоа го слушаат инсектите и дека ја разбираат пораката. Женските молци, на пример, избегнувале да положуваат јајца на растенија од домати ако испуштале звуци што ги поврзувале со страдање, што укажува дека се дехидрирани и нездрави.

Звуците што ги испуштаат растенијата се надвор од опсегот на човечкиот слух, но можат да ги согледаат многу инсекти, лилјаци, па дури некои цицачи. Израелски истражувачи потврдиле дека некои инсекти ја разбираат пораката што ја испраќаат растенијата и соодветно реагираат.

Во оваа фаза од истражувањето се уште е шпекулација, но сосема е можно дека некои инсекти и животни донесуваат одлуки врз основа на звуците што ги слушаат од растенијата, како на пример дали да опрашуваат или дали се добри за јадење, објаснува Јоси Јовел од Универзитетот во Тел Авив.

Како највпечатлив доказ се посочени женските молци што реагираат на звуци од дехидрирано растение на домат и не положуваат јајца. Направиле серија внимателно контролирани експерименти за да се осигурат дека молците реагираат на звукот, а не на изгледот на растенијата.

Претпоставката беше дека молците бараат најдобро можно место за положување на своите јајца - здраво растение кое може правилно да ги нахрани ларвите. Кога растението сигнализира дека е дехидрирано, прашањето беше дали молците ќе го послушаат предупредувањето и ќе избегнат положување јајца на него?

Во следната фаза ќе истражуваат и дали е можно растенијата меѓусебно да комуницираат за да испратат сигнали да штедат вода во услови на суша.

Ако растението е изложено на стрес, најмногу се засегнати другите растенија. Со еволуцијата можеле да произведуваат повеќе звуци или да бидат погласни ако тоа им е од корист. И слухот на животните може да еволуира соодветно за да можат да ја прифатат оваа огромна количина на информации, објаснува професорката Лилах Хадани.

Откритието би можело да има импликации во земјоделството, отворајќи ја можноста за користење на звуци заради опрашување и заштита од инсекти.

16 јули 2025 - 17:09