
Во време кога Европската Унија расправа за трговски санкции против Израел поради груби прекршувања на човековите права во Газа, Катарина фон Шнурбајн, баварска бирократка задолжена за борба против антисемитизам во Европа ги критикува хуманитарните акции за жртвите на израелската војна.
Тоа создава атмосфера во која Евреите се чувствуваат неудобно, им кажала баронесата од Шнурбајн на претставници на ЕУ во Тел Авив, сведочат интерни дипломатски документи.
Добротворните акции ги опишала како нова форма на „амбиентален“ антисемитизам. Тоа, според документот, ги налутило дипломатите.
Израел ги отфрла како „крвна клевета“ сите обвинувања за напади врз болници. Но тоа се факти и нивното изложување нема ништо антисемитско, реагирал еден амбасадор.
Баронесата притоа ја критикувала и акцијата „Распродажба на печива за Газа“, која во мај ја организирана од службеници од Европската комисија во Брисел. Вработените, претежно млади луѓе, дома меселе разни симити, земички и переци и ги продавале, а целиот приход од некои 12.000 евра го донирале во комитетите на Црвениот крст и Црвената полумесечина во Газа.
Таа на нож го пречекува секој знак на солидарност со Палестинците и им го прилепува јасно тоталитарниот израз „амбиентален антисемитизам“, вели Емос Голдберг, професор по историја на Хебрејскиот Универзитет во Ерусалим.
Бирократката од Шнурбајн остро ја критикуваше и одлуката на Европската Унија да го преразгледа својот договор за соработка со Израел. Таа предупреди дека иницијативата е базирана на „гласини против Евреите“, а не на факти, и дека Обединетите нации и медиумите низ светот ги игнорираат вестите дека Израел доставува храна за луѓето во Газа.
Повеќе поради противењето на Берлин отколку поради ставовите на баронесата од Баварија, шефовите за надворешни работи на Европската Унија не усвоија санкции за Израел. Се договорија да го разгледуваат случајот секои две недели.
Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел им дава трговски предности на израелските компании во вредност од најмалку 1 милијарда евра годишно. Шпанија и Ирска, кои лани формално ја признаа Палестина за држава, побараа ЕУ да го суспендира договорот, зашто Израел ги прекршил обврските за човекови права.