Мини монографија за западното лицемерие

Западот (во политичка смисла) сака да му веруваат дека почитува правила и вредности а цело време истите тие ги крши. Западот сака да се убеди дека води битки против брутални диктатори а брутални диктатори му се најдобрите сојузници (додека одат по ќеиф). Запад мисли дека со санкции ќе ја скрши Русија, а со една Куба не успеа во тоа. Запад се колне во суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, додека не го прашаш: А Косово?  

Глен Гринвалд: Еден од најголемите проблеми во западниот дискурс е што сакаме да мислиме дека ние следиме некои правила и вредности кои ќе им ги наметнеме на другите, додека во реалноста ние цело време ги кршиме тие правила.

Тоа е една од причините од каде толкаво непријателство кон американската хегемонија и барање алтернативи како што е БРИКС.

Ќе ви дадам еден пример што пред малку го слушнав: „Ох, ние водиме војна за да се конфронтираме со брутални диктатори, тие се тие што започнуваат војни.“ Најблиските сојузници на САД - сè почесто и на Израел - на Блискиот исток се, кој од кој, брутални диктатори; Саудиска Арабија, Катар, Емиратите, Египет, Јордан, Бахреин.... Ние не сме против диктатори, ние нив ги сакаме, сè додека им служат на нашите интереси.

Втора идеја е дека ќе ја санкционираме Русија. Ние ја санкционираме Куба, мал остров на Карибите, цели 65 години, за да им ја собориме  власта, па не функционира. Не функционира ни во Венецуела ни во Иран. Идејата дека ќе ја задавиме Русија e апсурдна.

Трета работа е кога зборувате за Крим, за Грузија... Кога Америка интервенираше и го одвои Косово од Србија со оправдување дека луѓето на Косово не сакаат да живеат во Србија, многумина, меѓу кои и Путин, предупредуваа дека е тоа опасен преседан. Сета Европа е составена од мали провинции и многу луѓе во тие провинции не сакаат да бидат лојални кон централните власти. Колку и да сакате да го оспорувате референдумот во Крим, на сите им е јасно дека огромно мнозинство од луѓето таму се сметаат за Руси а не за Украинци.  Истото е и со источните провинции во Украина, делови на Грузија. Ние сме тие што одиме по светот и бараме суверенитет на тие провинции за да ги одвоиме од државите затоа што луѓето не сакале да бидат дел од нив. А после се чудиме што Путин го користи истиот преседан и го толкуваме тоа како чисто зло, иако тоа е истиот оној наш менталитет.

Последна работа, четири години ги слушам Украинците како викаат „Само давајте ни повеќе, има да ги избркаме Русите...“ Проблем е што Русија е една огромна земја а Украина релативно мала. Русите можат постојано и постојано да праќаат нови луѓе на фронтот додека Украинците остануваат без луѓе, ја прошируваат возрасната граница, праќаат болни, праќаат инвалиди, необучени, ги собираат од улица со сила, тие бегаат, дезертираат зашто знаат дека се користени како топовско месо.

САД и ЕУ ја преплавија Украина со милијарди и милијарди долари во оружје веќе четврта година а Русија продолжува да ги проширува териториите кои ги контролира. Линиите на фронтот не се помрднуваат назад кон Русија туку обратно. И сè повеќе луѓе гинат.

Тоа и претседателот Трамп го викаше, дека е фантазирање идејата дека ние само ќе истураме оружје па Украина во некој момент ќе ја победи Русија. Ние само ќе се цедиме полнејќи ги Украина и Израел и нивните војни и тоа САД не можат веќе да си го дозволат. Тоа беше главното ветување на движењето на Трамп, дека ќе се фокусираме на нашите луѓе.

 

15 јули 2025 - 10:20