Вистинскиот британски Кју сега пазари по стартапи

Не сте чуле за NSSiF? Не ни требало, затоа што тоа е таен фонд што ги обезбедува модерните гаџети и опремата за агентите од британските разузнавачки агенции GCHQ, МИ5 и шпионската МИ5. Владата во Лондон ќе издвои уште стотици милиони фунти во фондот и ќе го извлече од дебелата сенка, за да го приближи до стартапи што развиваат технолошки иновации за одбраната.

Тоа што некогаш за шпионите беа експлодирачките пенкала и пури од филмовите за Џејмс Бонд, денес се електронски уреди и дронови со вештачка интелигенција, заштитени телефони и квантни сензори.

Тие не се произведуваат во владина работилница на Q, туку ги креираат независни стартапи ориентирани кон иновација. Од 2018 година Националниот фонд за стратешки инвестиции за безбедност (NSSiF) е напумпан со пари за да препознава и да поддржува развојни проекти што би биле од полза на одбраната.

Властите во Лондон го извлекуваат NSSiF од сенката и ќе му дадат 330 милиони фунти за инвестиции во идните четири години.

Како што се интензивира меѓународната соработка за технолошка супериорност, овие средства треба да ја зајакнат способноста за инвестиции во компании што ги задоволуваат нашите барања за национална безбедност и одбрана... со фокус на технологиите со двојна употреба, објави владата во својата нова Индустриска стратегија.

Промената на политиката е одраз на консензусот дека вештачката интелигенција ќе доминира во идните воени конфликти, а економскиот раст ќе се потпира на иновации.

Кога NSSIF беше основан во 2018 година, светот влегуваше во период на стратешка конкуренција, во која Западот и демократијата им ја препушта технолошката предност на авторитарните ривали, изјави Едмунд Филипс, инвестициски партнер на NSSIF.

Фондот е идеја на Ентони Финкелштајн, експерт за кибернетска безбедност и тогашен главен научен советник за национална безбедност на владата. Тој го презел примерот на In-Q-Tel, американски ризичен фонд што обезбедувал извори за нова технологија за ЦИА. Палантир е редок пример на поддржан стартап што прераснал во гигант. 

Заедно со коинвеститори, NSSIF од 2023 година инвестирал 220 милиони фунти во фондови и стартапи што развиваат технологии со двојна намена, од квантни чипови до сателити. Повеќето инвестиции се чуваат во тајност.

Улогата на фондот ќе биде проширена поради обврската на Британија и нејзините сојузници од НАТО да ја зајакнат сопствената одбрана и да ѝ испорачаат поддршка на Украина. На самитот во јуни било договорено темпото за усвојување нова технологија да биде забрзано „до максимум 24 месеци“.

16 јули 2025 - 14:34