14 години извинувања од Зукерберг не го поправија Фејсбук

Во 2003-та, една година пред основањето на Фејсбук, сајт по име Фејсмеш без дозвола ги собира сликите на студентите од интранетот на Харвард, па потоа на корисниците им нуди да ги рангираат по убавина. Ова јасно предизвикува гнев, по што сопственикот на сајтот брзо пушта извинување во кое нагласува дека не планирал ништо лошо „дефинитивно сега разбирам како моите намери може да бидат перципирани во погрешно светло.“ Сопственик на сајтот е тогаш 19-годишниот Зукерберг.

Во 2004 Зукерберг го кооснова Фејсбук, кој рапидно се шири од Харвард на други универзитети. Во 2006, компанијата ги изненадува своите корисници пуштајќи го њуз-фидот, кој на едно место ги собира и презентира информациите кои луѓето претходно требаше да ги пребаруваат. Најголем дел од корисниците тогаш се шокирани и алармирани дека тоа е направено без предупредување и притоа не се воведени никакви контроли за приватност.

По ова Зукерберг се извини:

„Ова е голема грешка од наша страна и жал ни е за тоа. Навистина згрешивме. Лошо објаснивме како работат новите функционалности, а уште полошо го решивме начинот на кој може да ги контролирате нив.“

Потоа во 2007, системот за рекламирање на Фејсбук, Бикон, кој повторно беше пуштен без соодветна контрола или согласност од корисниците, ја компромитираше приватноста со тоа што јавно ги објави сите работи што корисниците ги купиле. 50.000 корисници на Фејсбук потпишаа петиција под наслов „Фејсбук: престани да ми ја нарушуваш приватноста.“

По ова Зукерберг се извини:

„Едноставно лошо го направивме ова и јас се извинувам за тоа. Не сум горд на начинот на кој се справивме со ситуацијата и јас знам дека можеме тоа подобро да го направиме.“

Во 2008 Зукерберг имаше само четири постови на блогот на Фејсбук, и секој од нив беше извинување или обид да се објасни некоја одлука што ги вознемирила корисниците.

Во 2010, Фејсбук ја наруши приватноста на корисниците со тоа што јавно објави одредени клучни информации од нив.

По ова Зукерберг се извини, овој пат со колумна во Вашингтон пост:

„Згрешивме. Го слушнавме вашето мислење. Треба да има поедноставен начин за контрола на вашите информации. Во претстојните недели ние ќе додадеме контрола на приватност која е многу поедноставна за користење.“

Со цел заштеда на простор, авторката на текстот за Вајард, го прескокнува следниот период и грешките и извинувањата во овие 8 години и оди директно на 2018.

Март 2018 на пошироката јавност и станува јасно дека Фејсбук со години им дозволувал на илјадници апликации да собираат огромни количества лични податоци не само од своите корисници туку и од нивниот поширок круг. Иако сето ова е добро позната и документирана пракса, околу целата работа почнува да се шири бес затоа што една од овие компании, Кембриџ аналитика, ваквите податоци ги искористила за да ги сврти изборите во САД и референдумот во Британија во корист на своите клиенти.

Во прво време аргументите на Фејсбук е дека самите корисници го дозволиле ова, вадејќи се на тоа дека имаат воведено предупредувања во апликациите и задолжително барање дозвола од корисниците. Откако виде дека работите не стивнуваат, Фејсбук најави промени и дека „време е нашите алатки за приватност да се направат полесни за наоѓање“.

„Притоа не ни насетувајќи ја иронијата, или што било друго, дека Зукерберг вети дека тоа ќе се случи во ’следните недели’ пред цели 8 години,“ пишува Зејнеп Туфекчи во Вајард.

По ова Зукерберг се извини, овој пат давајќи интервјуа за Њујорк тајмс, Си-ен-ен, Рекод, Вајард и Вокс, ама не и на Гардијан и Обсервер кои ја објавија сторијата за Кембриџ аналитика:

„Навистина ми е жал што ова се случи. Ова секако е нарушување на довербата.“

Во овие интервјуа Зукерберг редовно зборува за 2-те милијарди членови на Фејсбук како „заедница“, нешто што и е многу спорно на Туфекчи од причина што:

„Заедница е збир на луѓе со реципроцитетни права, овластувања и одговорности. Ако Фејсбук стварно е заедница, Зукерберг нема да може да дава толку изјави за еднострани одлуки што ги направил - најчесто, како што се фали во бројни интервјуа, наспроти она на што инсистираат акционерите на Фејсбук и бројни фракции меѓу вработените.

Одлуките на Зукерберг се финални, бидејќи тој ги контролира акциите со право на глас во Фејсбук, и секогаш ќе биде така се додека не одлучи да се откаже од нив - едноставно така е структурирана компанијата.

2-те милијарди корисници на Фејсбук не се ’заедница’ на Фејсбук. Тие се неговата база на корисници, и тие постојано тераат според одлуките на единствениот човек што ја контролира платформата.

Овие луѓе инвестираат пари и време во изградба на својата социјална мрежа на Фејсбук, а сепак немаат начин како овие врски да ги пренесат на друго место. Секогаш кога ќе се појави сериозен конкурент на Фејсбук компанијата брзо го копира (Снапчат) или го купува (Вотсап, Инстаграм), најчесто по неверојатна цена што може да си ја дозволи само гигант со масовна резерва на готовина.

Ниту пак луѓето имаат начин како да целосно да го спречат следењето од Фејсбук, кое не се случува само на платформата, туку и секаде на интернет - некои од нив не можат ни да им испратат пораки на своите пријатели без Фејсбук да проба да ѕирка во комуникацијата.

Фејсбук не само што сам собира податоци; туку тој купува и надворешни податоци од брокери со податоци; создава ’профили во сенка’ на луѓе што не се негови членови и сега се обидува да ги спои оф-лајн податоците со он-лајн профилите што ги поседува.

Повторно, ова не е заедница: ова е режим на едностран, крајно профитабилен надзор, спроведен во обем кој го прави Фејсбук една од најголемите компании на светот по пазарна вредност.

Нема друг начин за толкување на одлуките на Фејсбук за нарушување на приватноста во изминатите години, како што било друго освен одлука донесена од комбинација на импулси кои им служат исклучиво на нив самите: имено, профит, структурални стимулации кои потекнуваат од бизнис моделот на компанијата, и еднострана идеологија на нејзините основачи и некои од директорите.

Сето ова се сили на кои корисниците имаат многу мало влијание, освен редовна можност да се бунат за време на постојаните скандали.“

Притоа, за цело ова време Зукерберг е прилично свесен и педантен околу сопствената приватност, без разлика дали тоа било ставање лепенка на камерата од лап-топот, или купување на сите соседни куќи околу неговата куќа.

Во сето ова не треба да се заборави ниту корисноста на Фејсбук, како платформа која има дава можност на потиснати групи и поединци да се изразат, и како една од најважните оружја против цензурата.

„И тоа е работата. Тука стварно има случај на Стокхолмски синдром. Има многу малку други околности во кои на човек би му било дозволено да донесе серија одлуки кои него очигледно го збогатуваат, додека истовремено ја нарушуваат приватноста и добробитта на милијарди луѓе; неброени пати да ги даде во основа истите извинувања за овие одлуки во период од само 14 години; а потоа да проповеда невиност, идеализам, и комплетна независност од очигледните структурни стимулации кои го оформуваат целиот процес. Ова вообичаено би ги натерало сите други образовани, писмени и паметни луѓе во собата да се кренат на протест или на смеење. Или можеби на солзи,“ пишува Туфекчи.

9 април 2018 - 14:05