Ако по сите правила и прописи во земјата треба околу 187 милиони луѓе да плаќаат данок на приход, тоа до сега го прават само околу 28 милиони, или 2% од вкупната популација.
Амбициозниот план на Кина е ова да ја крене наплатата на данок и тоа сакаат да го направат со даночна реформа која во основа ќе го намали бројот на даночни обврзници со тоа што границата ќе ја крене од приходи од 503 долари месечно, на 726 долари месечно.
Како резултат на ова министерството очекува бројот на даночни обврзници да падне на 64 милиони луѓе, меѓутоа ветува дека нив ќе може да ги натера да платат.
Главен дел од тие што сега плаќаат данок обично се канцелариски работени од големите градови, на кои целата плата им стига на сметка, а компанијата во која работат автоматски им наплаќа данок. Избегнувањето најчесто се врши со исплаќање само на дел од платата на сметка, а другите пари на рака.
Меѓу мерките што се очекуваат со реформата е и воведување на задолжителни годишни даночни пријави за оние со годишни приходи над 8.700 долари, и крај на исклучувањето на годишните бонуси од основицата за оданочување. Тамошните ревизорски компании очекуваат раст на бројот на ревизиите и финансиските истраги во компаниите.
Искуството што Економист го пренесува од таму е дека народот не и верува на Владата дека паметно ќе ги потроши нивните пари, а Владата покажува свесност и признава дека замижувањето пред неплаќањето данок е во нејзин политички интерес.
Дополнителна причина зошто Кина би дозволувала даночен јавашлук е стравот дека ако изврши поголем притисок за наплата на даноци, тоа ќе и се врати како зголемен притисок врз нејзе за се поголема контрола и отчетност во трошењето на народните пари.
Кон крајот на 1940-те токму незадоволството околу растот на данокот на сол беше основата која Кинеската комунистичка партија ја искористи за собирање помасовна поддршка околу себе и последователното доаѓање на власт.