Во септември годинава кинеската влада започнува со „координиран регулаторен притисок“ заради кој не само што АНТ не излезе на берза, туку предизвика и 17% пад на вредноста на Алибаба или некои 140 милијарди долари.
Во меѓувреме стандардно сеприсутниот Ма речиси целосно исчезнува од јавноста, а на почетокот на декември, додека неговата империја е под притисок од државата, на Ма му беше советувано од владата да не ја напушта земјата.
Чисто за да се има предвид обемот на финансиските услуги на АНТ (како Алипеј и слични), од јули 2019 до јуни 2020 низ нивните сервиси минуваат 18.000 милијарди долари.
Луѓето со кои разговара Блумберг објаснуваат дека државата нема ништо лично против Ма, туку властите решиле да направат пример од него за да покажат дека повеќе нема да ја трпат прекумерната моќ на технолошките могули, кои се сметаат за главна закана за политичката и финансиска стабилност на земјата.
Не само Алибаба и останатите на Ма, туку и компании како Тенсент на Хуатенг, денес имаат стотици милиони корисници меѓу кинеската популација што им носи влијание во скоро секој аспект од секојдневниот живот во Кина.
„Партијата се обидува јасно да покаже дека Ма не е поголем од партијата. Меѓутоа тие исто така сакаат да покажат дека Кина е добро место за бизнис, а тоа значи дека партијата треба да покаже и дека претприемачите можат да успеат,“ објаснува професорката од Оксфорд специјализирана за кинеска политика, Рана Митер.
Тоа што го зборува Митер, му е целосно јасно на Ма, кој две децении одлично маневрира и успева да го погоди балансот меѓу бизнисот и политиката. Меѓутоа како што му станува јасно дека следува „лавина од нови закони и правила“ Ма решава се решава и тој да тргне во напад, па во говор во Шангај од октомври годинава јавно ги прозива „кинеските законодавци кои не го разбираат интернетот и старците на глобалната банкарска заедница“. По ова, почнува лавината.
Прво со соопштение од 3-ти ноември суспендирано е излегувањето на АНТ на берза кое беше проценето дека ќе биде најголемо на светот.
Една недела подоцна анти-монополските власти објавуваат 22 страници предлог анти-монополски правила, кои многумина што ги прочитаа ги толкуваат како предупредување за Ма и слични на него.
Во декември кинеското политбиро ја нагласи неопходноста за посилен анти-монополски надзор и за спречување на „неконтролираната експанзија на капиталот“, што во пракса значи построги контроли за приватните компании.
Финансиските власти на Кина пак проверуваат од кои бизниси АНТ треба да се откаже со цел да се намалат потенцијалните ризици за економијата. Меѓутоа, се уште се немаат договорено по кој шаблон ќе ја делат компанијата.
Како што Алибаба ја правеше по примерот на Ибеј, така Ма пред 17 години го стартуваше АНТ кој беше оформен по примерот на Пејпал. Како дел од АНТ тој ја пушта услугата Алипеј, која е сеприсутна во Кина и со која можеш да платиш сè од кредити до годишен одмор или нарачки од Мекдоналдс.
Во 2013 Алипеј ја добива опцијата Квикпеј, која во пракса овозможува поврзување и плаќање меѓу корисниците на 200 кинески банки. Ова ги олеснува он-лајн плаќањата, за една третина ги зголемува он-лајн нарачките и ја бетонира доминантноста на АНТ во дигиталните плаќања.
„Ние не сме нешто заинтересирани за купување банка за да можеме да ја промениме. Меѓутоа затоа што постојано сме им зад петици, тие се реформираат. Кога те следи тигар, можеш да трчаш многу побрзо отколку што мислиш,“ изјави Ма во 2017.
Тој со тек на време има уште неколку монументални успеси кои сериозно ги потресуваат тамошните банки. Малку по малку ова почнува да ги вознемирува кинеските власти кои се загрижуваат дека компанијата на Ма е директна закана на државните банки и нивната стабилност, која пак е директно поврзана со финансиската стабилност на земјата.
Во 2015, кинеските власти објавуваат свое истражување според кое Алибаба дозволува на нивната платформа да се појавуваат сомнителни трговци, да продаваат фалсификати, па дури и дека зема мито и дека користи лажни реклами, заклучувајќи дека компанијата „има криза на кредибилитетот“. Овој извештај следуваше откако Ма на Светскиот економски форум во Давос, изјави дека „никогаш не би споделувал информации за корисниците со Пекинг освен ако не се работи за тероризам и друг криминал“. Еден ден претходно, беше објавено дека државните инспектори неконзистентно ја спровеле инспекцијата и дека не им дале доволно време на трговците да одговорат на обвиненијата. Без разлика на ова цената на акциите на Алибаба имаше сериозен пад. За да ја ограничи штетата Ма најмалку три пати беше во посета на регулаторите.
Септемвриската рунда меѓу Ма и државата сериозно беше потпалена и од инсистирањето на големите инвеститори да купат што е можно поголем дел од акциите на АНТ, додека во исто време кинеските банки го жртвуваа својот профит за да ја поддржат економијата која беше распарчена од пандемијата. Излегувањето на берза и проценетите 35 милијарди долари, значеше дека вкупната вредност на компанијата би била 315 милијарди долари.
Сето ова го започнува напливот на нови правила и регулатива од кинеските власти. На 2 ноември, на само два дена пред излегувањето на берза, Ма и неговите директори беа повикани пред главните финансиски регулатори во Пекинг. Следниот ден излегувањето на АНТ на берза беше сопрено.
Сега формиран е посебен владин тим што врши надзор врз работата на АНТ и ќе собира податоци и дополнителни материјали, ќе го анализира нивното преструктуирање и ќе поставува дополнителни правила за индустријата.
Се очекува и дека АНТ ќе изгуби една од двете лиценци за своите платформи за микро-позајмици Хуабеи („Само троши“) и Џибеи („Само позајмувај“).
Очекуваните промени ги намалија шансите на АНТ за излегување на берзата пред 2022.
„Сегашниот притисок врз Ма е само потсетување од владата за следната генерација бизнисмени: ’Може да си богат. Може да имаше моќна компанија. Но мора да играш по нашите правила’.
За мене не е изненадување што Ма го доби тоа што му следува, туку повеќе ме изненади што им требаше толку време,“ објаснува ко-основачот на кинеската консултантска компанија, Тривиум Кина, Ендру Полк.